Реакција на проф. Наташа Котлар - Трајкова до Борисов:

На кои заеднички херои мисли бугарскиот премиер?

НАТАША Котлар-Трајкова

На политичарите понекогаш им личи да кажуваат и несериозни работи, но не и со нив да ги засегнат достоинството и меморијата на еден народ и тоа соседен, реагира професорката Наташа Котлар-Трајкова од Институтот за национална историја.на денешната изјава на бугарскиот премиер Бојко Борисов за заедничките херои за време на средбата со македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи.
„Оттука, зборувајќи за заедничките „херои“ кои загинале за „слободата“ звучи крајно збунувачки и недобронамерно. Имајќи го предвид целиот контекст на ситуацијата, на кои „херои“ мисли господинот бугарски премиер? На бугарските, на албанските или пак на македонските!? Албанските, веднаш ги исклучувам (во друга прилика). Ако се однесува на првите и на револуционерите Х.Ботев, В.Левски, Љ.Каравелов и други од Бугарскиот револуционерен централен комитет (1869), треба да потсетиме дека оваа организација имала пред сè ограничен опфат, а и негативен однос кон домашните чорбаџии заради нивното соработување со османлиската власт. Се залагала за ослободување на Бугарите од османлиската власт и за создавање на демократска бугарска држава (некои од раководството биле и за јужнословенска или дунавска федерација од Бугари, Срби и Романци!?) Но, овие херои немале востановено организациски центри во Македонија, ниту пак имале своја дејност таму. Во тоа време македонските културни и револуционерни дејци (Д.Миладинов, Ѓ.Пулевски, И.Малешевски, Д.Поп Георгиев-Беровски) имале други интереси и активности. Нив најдобро ги опишал П.Р. Славејков (еден од бугарските дејци во Цариград), во обидот да ја релативизира актуелната економско-социјална нееднаквост меѓу Бугарите и Македонците, затоа што последниве, ваквата ситуација веќе ја толкувале како нерамноправност во заедничките општествени ангажирања против османлиската власт. Според него „Македонистите“ сметале дека самите требало да решаваат за своите проблеми, а не да бидат водени од други, во конкретниот случај, од Бугарите. Во оваа смисла и била искажана нивната забелешката: „се откинавме од Грците, под други ли да паднеме?“ Подоцна, во новоформираното Бугарско кнежевство се создала и различна политичка, културна и воена идеологија наспроти актуелната македонска. Тогаш во Македонија (сеуште османлиска област) била и создадена Македонската револуционерна организација (МРО) со која почнал процесот на организирање на ослободителното дело со „чисто внатрешен македонски карактер“ (Петар Поп Арсов). Базичните одредници на овој процес биле зачувување на територијалната целост на Македонија во рамките на османлиската држава и здружениот отпор на народот, кого го мотивирале „подлабоки, пореални и поблиски од неговиот живот и неговата положба причини, одошто некакви патриотски одвлечени илузии“ (Ѓ. Петров). Затоа на сцената настапува бугарската државна идеологија – врховизмот за да се негира народната (македонска) борба како важен и самостоен фактор во решавањето на македонското прашање. А, Гоце Делчев стапува на сцената, како доследен и посветен реализатор на национално-револуционерниот концепт и ослободителната платформа. Како пролог на ова е и неговото размислување: „Може ли да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа отколку Македонија?“ Во периодот меѓу двете војни доаѓа до понатамошно зреење на македонската национална идеологија (В.И. Бистришки, К. Рацин, Н.Ј. Вапцаров, М.Ш. Шарло и др.) за да таа стане доминантна во НОБ со барања за социјални и национални права на македонскиот народ (О. Николов, М. Богоевски, С. Пинџур, М. Ацев, К. Јосифовски-Питу и др.) Оттука е и говорот на најстариот АСНОМ-ец и илинденец – П. Брашнаров, кој вели: „Животворниот извор на слободата – не секна. Сега имаме слободотворна раздвиженост на реките Пчиња, Места и Бистрица“, односно слобода за македонскиот народ и создавање на македонска држава (не бугарска или заедничка!). На крајот, се согласувам дека во меѓусебните односи е потребен разум, но и взаемно почитување, како и прифаќање на особеностите на двата народи – македонскиот и бугарскиот“, се вели во реакцијата на Наташа Котлар-Трајкова.
Денеска на софискиот аеродром Борисов, според владината прес служба изјави: „Хероите кои го дале животот за слобода, не смее да бидат темата која ќе не разделува, бидејќи нивниот најдлабок сон бил да бидеме заедно и затоа ги дале своите животи. Тие треба да бидат мост на пријателството, а не на разединувањето“.