|
| Акад. Иван Катарџиев |
ЕДНО ПАТУВАЊЕ ОД ПИРИН ВО СКОПЈЕ, ГЛАВЕН ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 1944-1989. ЧЕКОРЕЊЕ ВО ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ
|
| Акад. Иван Катарџиев |
|
На дневен ред на Пленумот се наоѓале следниве точки:
1. Информација на партиската делегација за Беседата што ја имале со Сталин.
2.Извештај на изводи од процеси против групата на Трајчо Костов и изборите за народно собрание и окружни народни совети.
По првата точка извештај поднесол В. Червенков. По втората точка со седницата раководел Владимир Поптомов.
Пленумот се одржувал 20 месеци по бунтот на Герасим Тодоров во с. Влахи и на браќата Рујчеви од с. Плоски и 19 месеци по објавувањето на Резолуцијата на Информбирото. Тоа значи, расправата на Пленумот се водела во крајно затегната политичка атмосфера. Во Пиринска Македонија, по задушување на бунтот на Герасим Тодоров и браќата Рујчеви сè уште владеела полициска блокада и репресалии во целиот регион.
Во постоечките околности на Пленумот, особено на удар била политиката на одамна сменетиот политички секретар на обласниот комитет на БРП(к) во Горна Џумаја К. Стојчев и на луѓето што работеле со него, иако во постоечките материјали нивните имиња не се спомнати.
Крсто Стојчев бил напаѓан по повеќе точки од неговата политика во врска со културната автономија и особено затоа што мислел дека ставовите на КПЈ во врска со националните права што треба да ги добијат Пиринските Македонци се поправилни од ставовите на БРП(к) што ги имало по тоа прашање. Затоа што сметал дека тој подобро ја познава состојбата во Пиринска Македонија од раководството на Комунистичката партија на Бугарија и може да има поправилни позиции во реализацијата на политиката на културна автономија. Покрај тоа, бил напаѓан и за соработката што ја имал со раководството на КПМ и конкретно со Лазар Колишевски, и затоа што не го информирал партиското раководство за неговите контакти со македонското политичко раководство.
Крсто Стојчев не бил пасивен учесник на Пленумот. Својата одбрана на нападите врз него ја конципирал како дело на директивите што ги добивал од партиската централа во спроведувањето на политиката на културна автономија на Пиринска Македонија.
Од внимателната анализа на одговорите против членовите на ЦК на БРП(к) што го напаѓале сосема јасно се наметнува прашањето дека тој за политиката што ја спроведувал во Пиринска Македонија во врска со македонското национално прашање и културната автономија го обвинувал раководството на Партијата.
Во случајот не му било тешко да признае дека се залагал за блиски односи и соработка со ЦК на КПЈ и особено со Лазар Колишевски, секретар на ЦК на КПМ. Во вториот дел на своето излагање тој ја напаѓа политиката на БРП(к) по 10. Пленум од 1946 година и изрично вели дека бил против прифаќањето на учителите од НР Македонија во Пиринска Македонија, против отворањето на книжарници итн. Притоа, Стојчев намерно „заборавил“ на ставовите што ги изнел на советувањето во ЦК на БРП(к) во почетокот на месец јануари 1947 година со партиските кадри од Пиринска Македонија.
За да може читателот непосредно да се запознае со основните поенти од излагањето на Стојчев, во продолжение ќе цитираме некои делови од тоа, како и некои реплики на Червенков и други во врска со излагањето на Стојчев и неговите одговори на тие реплики. Исто така, ќе изнесеме и дел од цитатот што го цитирам Стојчев од излагањето на Георги Димитров. Во случајот тоа го направи како одбрана на политиката што како секретар на ОК ја применувал во Пиринска Македонија.
Изоставувајќи го воведниот дел од излагањето на Стојчев, еве што тој рекол: „Гневот против политиката на јакнењето на македонското национално сознание на ширењето на образованието и културата на македонски јазик сосема сигурно може да се каже дошол до израз уште на 16. Пленум. Индикативно е тоа што две години по одржувањето на 16. Пленум, Пленумот на ЦК на БРП(к) од 16 и 17 јануари 1950 година, прашањето за политиката на Бугарската комунистичка партија по македонското прашање пред Резолуцијата на ИБ, повторно било ставено на дневен ред на еден партиски пленум. Само што овој пат ставањето на дневен ред на оваа точка имало карактер на партиски и судски процес во натамошното прочистување на партиските редови во Пиринска Македонија од кадрите што биле активни во претходниот период“.
Осврнувајќи се во продолжение на своето мислење Крсте Стојчев рекол: „Пред сè треба да подвлечам дека кај мене и кај некои други другари што работевме таму се појави определена националистичка тенденција. Таа се изрази во тоа што по македонското прашање ние сметавме дека поправилни се позициите, тој вели „на Троцкистите“ од Белград и Скопје отколку на ЦК на БРП(к). Во тој поглед јас пројавив и такви работи што специјално за работата во Пиринскиот крај, јас и некои други таму сметавме дека сме покомпетентни и подобро ги познаваме работите и полесно и поправилно можеме да ги решаваме прашањата отколку што тоа може ЦК“.
Во продолжение Стојчев ја објаснува својата политика во Пиринска Македонија и се самообвинува за „губернаторство“. Вели „ние Пиринскиот крај го сметавме како наша губернија, во која особено по националното прашање можеме самостојателно да се справуваме и дека за тоа не ни е потребна посебна директива“ (Цит. кн., стр. 232). На тоа Антон Југов му го поставил следното прашање: „Но го признававте раководството во Белград и Скопје“, а Тито Черноколев го прашал: „Вие се чувствувавте самостојни, нели, за тоа се договаравте со Колишевски против нашиот ЦК“.
На тие прашања Стојчев одговара: „Ќе кажам, за своја сопствена грешка го сметам тоа зошто имав безгранична и некритичка доверба кон Титовците. Бев напишал една самокритична статија што беше објавена во в. „Партиски работи“. Во неа напишав дека ние имаме иста доверба кон двата центри – кон Софија и кон Белград и дека по македонското прашање сметавме дека на поправилни позиции е Троцкистичкиот центар. Масларов (се мисли на Иван Масларов) не беше во право кога настојуваше дека по сите прашања ние сметавме дека Белград е на поправилни позиции. Јас никојпат вака не сум мислел дека на поправилни позиции се Титовци. Јас треба да кажам дека или не го разбирам, но јас така тоа не го чувствував. (Цит. кн., стр. 233).
Потоа Стојчев говори за потценувачкото однесување на Л. Колишевски кон БРП(к), кон Сталин и Димитров за Масларов вели дека кога доаѓал во Разлог, негов роден град, повеќе ги посетувал трговците во градот отколку „нашите другари“.
За положбата во Пиринска Македонија Стојчев го обвинува ЦК на БРП(к). Наведува дека Поптомов ги спровел решенијата на 16. Пленум на Обласно советување во Горна Џумаја на кое упатил остри критики на членовите на Обласниот комитет и лично на Стојчев, но не направил никаква самокритика во однос на ЦК. Јас мислев, вели Стојчев, дека ЦК има големи грешки затоа што не само што не виде што има во Пиринскиот крај, туку испраќаше и погрешни напатствија. Потоа, Стојчев го критикува ЦК за политиката што била прифатена на 10. Пленум (1946). Го критикува Поптомова за позицијата што ја имал на 10. Пленум. Ја отфрла критиката дека луѓето во Пиринска Македонија ја искривувале линијата на Партијата. „Ние, вели ја искривувавме линијата по напатствијата на ЦК во рамките на политиката на федерацијата.“ (Цит. кн. стр. 234).
|
|
|
|
|
|
|
|
|
|