Економија

НОВА ФАБРИКА НА АМЕРИКАНСКАТА ФИРМА ЛЕАР ВО ГОСТИВАР

(Преземено од МИА)


Корпорацијата Леар, водечкиот глобален добавувач на автомобилски седишта и системи за електрична дистрибуција, денес ги објави своите планови да отвори нова фабрика за производство на автомобилски навлаки за седишта во текот на ова лето во Гостивар.
За потребите на сите големи европски автомобилски производители, новиот објект на Леар првично ќе вработи околу 300 луѓе, со познавања за кроење и шиење на кожа и ткаенина. Се очекува и натамошна експанзија, соопштија од Кабинетот на министерот за странски инвестиции Веле Самак.
„Со континуираниот успех на Леар во вертикално интегрираните автомобилски системи за седишта и компоненти, задоволни сме да започнеме со работа на привремена локација во Македонија, со план за изградба на нова фабрика во таа област до средината на 2016 година”, истакна Џенен Ханлеј, потпретседател на Леар за Глобални навлаки и занаетчиство. „Ние ја цениме соработката на сите инволвирани во отварањето на првата фабрика на Леар во Македонија.”
Министерот Самак и неговиот тим последниве две години работат интензивно на убедување на Леар оваа инвестиција да се лоцира во Македонија. „Во конкуренција за оваа нова фабрика беа земји од регионот како и 4 градови од Македонија. Особено значајно е што со оваа инвестиција ќе се отворат модерни работни места за многу млади и искусни луѓе во Гостивар и Тетово. Со оваа одлука само ја покажуваме нашата одлучност да бидеме најдобра дестинација за странските инвеститори и да се бориме за нови работни места“, истакна министерот Самак.
Со посредство на Игл отава (Eagle Ottawa) во јануари 2015 година, Корпорацијата Леар е водечки добавувач во светот на премиум автомобилска кожа, со глобално подобрени капацитети на седишта во областа на занаетчиството, опциите за дизајн и целокупната вредност.
„Во согласност со нашата позиција како светски лидер во луксуз и перформанси на автомобилски седишта, ја поздравуваме можноста за отварање на оваа нова фабрика со цел реализација на нашата секојдневна посветеност за квалитет и услуга на нашите клиенти”, истакна Рафаел Галиарди, потпретседателот на Леар за европски операции за материјали за седишта.
Корпорацијата Леар (Lear Corporation) е еден од водечките глобални добавувачи на автомобилски седишта и системи за електрична дистрибуција. Леар го опслужува секој поголем производител на автомобили во светот, и производите на Леар може да се најдат на повеќе од 300 називи на возила. Производите од светска класа на Леар се дизајнирани, конструирани и произведени од различни тимови на приближно 132,000 вработени лоцирани во 34 земји. На листата на Фрочн 500 (Fortune 500), Леар е рангирана на 177-то место. Седиштето на Леар се наоѓа во Саутфилд, Мичиген.