Нашите тажни јубилеи

СТОЛЕТИЕ БЕЗ ПИРИНСКИОТ ЦАР

Проф. Димитар Мирчев
(Преземено од „Дневник“)


По некој ден, токму на 21 април, пред едно столетие, во селото Блата во близина на Баба е убиен Јане Сандански, во народот познат како пиринскиот цар. Пиринците уште го викаат и пиринскиот орел. Неколку дена потоа, со илјадна тажна поворка, погребан е во близина на Роженскиот манастир кај Мелник. И годинава, на 19 април, Пиринците достоинствено и достојно ќе го одбележат тој тажен јубилеј. Надежта е дека тоа ќе се случи мирно и со почит на споменот на македонскиот орел; за разлика од пред деценија или нешто повеќе, кога полицијата со пендреци ги растураше почитувачите на делото и споменот на орелот.
Не слушнав како јубилејот ќе се одбележи од оваа страна на границата. Дали меморијата малку ни откажува? Можеби сите се преокупирани со други прашања? Сепак, се надевам дека ќе има некоја комеморација, венци на ретките споменици на Сандански, по некој школски час во училиштата „Јане Сандански“ и понекоја вест во медиумите. А Јане, заедно со Даме и Ѓорче, со Kарев и Питу, беше еден од великаните и татковци на модерната македонска историја и нација. Дури е во зборовите на македонската химна. Обично, народите неволно се споменуваат на своите тажни или трагични јубилеи. Французите повеќе се спомнуваат на Наполеоновата победа кај Аустерлиц одошто на поразот кај Ватерло. Повеќе се спомнуваат на Декларацијата за правата на човекот одошто на гилотинирањето на нејзините автори Робеспјер и Дантон. Британците повеќе се спомнуваат на Нелсоновата победа кај Трафалгар одошто на поразите во Америка. Черчил ќе рече за фелд-маршалот Монтгомери, победникот над Ромел во Африка: Во поразите беше недостижен, во победите- неподнослив! Итн. Но, тоа е историја, а таа носи и триумфи и порази и на крај останува во народната меморија.
И така Јане остана во нашата народна меморија, како национален великан и државотворец. Но, во „Историјата на македонскиот народ“, од 1972 г., за жал, посветени му се само 4-5 реда и една фотографија. Пишува дека од потерите (турски), паднале Гоце, Kарев, Сугаре, Узунов, а дека Јане го убиле слугите на царот Фердинанд. Сета таа „Историја“ го дели македонското револуционерно движење на прогресивни и конзервативни дејци и се разбира, им посветува многу повеќе внимание на овие првите. Другите биле слуги, послушници, врховисти, пропагандисти на соседите. А Јане, за жал на таа историја, бил само македонист и револуционер, и што е многу важно- бил демократ.
Kрајно угледен и омилен кај народот. Што не значи дека и самиот не давал понекој налог за убиство на оние за кои мислел дека се предавници и штетни за делото. За време на востанието бил водач на Серскиот окружен револуционерен комитет, кој ја покривал половината од тогашната етнотериторија на Македонија и бил суверен на сите чети на таа територија. Серскиот комитет, 1905 г. изготвил еден документ во форма на Устав на Македонија. Во 1908 г. Јане им се придружил на Младотурците. Бил пријател на познатите Ахмед Нијази беј и на д-р Авди Беј. Таа година е избран и за пратеник во турското собрание од името на Народната федеративна партија на Македонија. Прв пат некој во такво собрание говорел во името на Македонија, како демократ. Далеку од поделбите на леви и десни, на прогресисти и конзервативци, на врховисти и централисти.
Познати се неговите изјави: „Ние не сакаме да ги замениме турската тиранија, турските султани, со други тирани, ниту пак со бугарска тиранија и бугарски цар. Ние се бориме за Македонија да стане автономна, независна, слободна држава. Македонија на Македонците.“. Некаде во декември 1912 г., на крајот на Првата балканска војна, Турците се повлекле од Солун и во него навлегле „сојузниците“. Ден пред нив во Солун влегла четата на Сандански. За жал, немала моќ да го задржи градот и потем стигнале Бугарите и Грците. Имало банкет на бугарските офицери. На него бил и Јане кој наздравил со зборовите: Ние не ја мразиме Бугарија и нејзиниот народ, туку се спротивставуваме на нејзината политика, која е спротивна на нашите идеали и интереси… Да пиеме за слободна и автономна Македонија за која се бореа и дадоа скапи жртви сојузените балкански народи! Офицерите биле малку збунети, а некои и со симпатии за Јане. Но, тие не ја воделе политиката. Неполна година потоа, во Букурешт, Македонија била распарчена и искасапена.
Јане не го убиле Турци или Грци или Бугари и Срби, го убиле Македонци. Не е ниту важно дали биле платени или неплатени, прогресисити или конзервативци или други. Тие настани и струи и интереси, се главно историски реконструирани. Меѓутоа она што е точно е дека илјади Македонци се убивале меѓусебно. За што? За која кауза, за чии интереси? Леви, десни, прогресивни, конзервативни? Има ли историски таков „македонски синдром“, на поделби, внатрешни судири, нетрпение, борби за власт и моќ до бескрај? А Јане не се борел за власт и моќ, бил против поделбите и слугувањето. Дури, како Македонец, ми се чини дека бил Влав а изгледа и протестант. Впрочем и Гоце бил унијат. Но, не биле некои особени верници. Двајцата биле граѓански демократи. И овој јубилеј, што вистина треба достојно да го одбележиме, треба малку да не потсети и на денешната наша состојба.
Дали и денес го негуваме и дури култивираме т.н. „македонски синдром“? Поделби, судири, внатренационални конфликти и инаети, ароганции и игноранции, борби за слугување на овој или оној? За другите или „меѓународниот фактор“ да направат од нас протекторат и банана-република? Или дејства за тоа оваа земја сепак да се консолидира и да успее, па и наспроти другите.