Експертските тимови вчера во Скопје го пеглаа Договорот за добрососедство

ДАЛИ ПРАШАЊЕТО ЗА МАЛЦИНСТВАТА Е ПОСЛЕДНАТА ПРЕЧКА ЗА МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА?

(Преземено од „Вечер”)


Македонските експерти не гледаат ништо проблематично во текстот од Декларацијата – таа во најголем дел е позитивна, бидејќи од неа произлегуваат подеднакво и обврски и права за двете земји. Сепак, дел од членот 11 е на штета на македонските национални интереси, бидејќи со него Македонија се откажува од правото да ги штити правата и статусот на етничките Македонци кои живеат на бугарска територија
По подолга пауза поради изборите во двете земји, вчера во Скопје повторно се состанаа експертските тимови на Македонија и Бугарија за да ги продолжат преговорите за Договорот за добрососедство. Извори за Вечер велат дека текстот на договорот е усогласен 95 проценти. Македонската страна од составот на новата бугарска работна група очекува позитивен однос кон содржината на текстот, бидејќи и бугарскиот премиер Борисов во неколку наврати истакна дека договорот треба да се финализира, но и истиот да биде предуслов за бугарска поддршка на македонските евроинтеграции.
Според познавачите, климата е многу поразлична во споредба од пред две години и на работно и на политичко ниво. Порано бугарската страна инсистираше на безусловно прифаќање на дел од нивните ставови, на што Македонија предложи по неколку варијанти за секоја спорна точка од договорот со права и обврски за двете страни.
По најавите на средбите на работните групи, Македонскиот манифест предупреди дека Договорот за добрососедство со Бугарија мора да ги опфати и правата на македонското малцинство.
– Ако намерите на соседна Бугарија се искрени и пријателски, актот за добрососедство не смее да ги остави „замрзнати” ниту македонското национално малцинство во таа земја, на што во повеќе наврати укажуваа декларации на ЕУ, ниту посебноста на македонската нација, јазикот, културата. Во спротивно, доколку се потпише договор врз основата на Декларацијата од 1999 година, тој нема да биде израз на искреност и на добра волја од двете држави и не може да се очекува унапредување на добрососедските односи, се вели во соопштението од Македонски манифест, посочувајќи дека е само прашање на време кога овој Договор ќе биде потпишан.
Преговорите за договорот за добрососедство со Бугарија траат веќе седма година. Првичниот текст што беше испратен од бугарската страна во 2008 беше апсолутно неприфатлив за Македонија, која испрати своја верзија со измени во 80 проценти од содржината на текстот. Очекувањата се дека по толку време годинава конечно може се финализира неговата содржина и двете држави ќе потпишат усогласен договор за добрососедство.
Македонските експерти не гледаат ништо проблематично во текстот од Декларацијата – таа во најголем дел е позитивна, бидејќи од неа произлегуваат подеднакво и обврски и права за двете земји.
Македонија и Бугарија се обврзуваат дека нема да преземаат, да поттикнуваат и да поддржуваат дејства што имаат непријателски карактер кон другата страна и дека нема да дозволат нивните територии да бидат искористувани од организирани групи кои имаат цел сепаратизам и нарушување на мирот и на сигурноста во државите. Двете земји се обврзуваат понатаму да преземаат ефикасни мерки против недобронамерната кампања и говорот на омраза и како најважно, меѓусебно си ги признаваат јазиците, односно бугарскиот, според нивниот Устав и македонскиот, според Уставот на Република Македонија. Сепак, дел од членот 11 е на штета на македонските национални интереси. Во овој дел од текстот се вели:
Република Македонија изјавува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање на Република Македонија во внатрешните работи на Република Бугарија со цел да го заштити статусот и правата на лица кои не се државјани на Република Македонија”.
Според овој член, Македонија презема низа обврски, без истите тие обврски подеднакво да се преземат и од другата страна, бидејќи Софија не се лишува од правото за заштита на статусот и правата на лицата коишто живеат во Македонија, а не се државјани на Бугарија, додека Македонија се откажува од правото да ги штити правата и статусот на етничките Македонци коишто живеат на бугарска територија.
Според Манифестот, декларацијата го поништила македонскиот јазик и го свела на „службен јазик”, што, велат, е дел од антимакедонската стратегија на Бугарија, која не го признава постоењето на македонскиот јазик и на македонската нација. Македонски манифест смета дека е потребно потпишување договор за добрососедство со Бугарија, но тој мора да биде врз реципрочни односи, а не врз асиметрични обврски на штета на македонската држава и македонскиот народ.
По вчерашните состаноци на експертските групи, најверојатно ќе следат и средби на политичко ниво. Бугарските медиуми објавија дека новиот бугарски министер за надворешни работи Даниел Митов ќе се сретне со Попоски до крајот на оваа недела, но таква средба не се случи.