Писмо на Георги Димитров од 1934 година до Централниот комитет на Македонскиот народен сојуз

НАЈЛОШИ НЕПРИЈАТЕЛИ НА МАКЕДОНСКОТО ДВИЖЕЊЕ СЕ АГЕНТИТЕ НА БУГАРСКИОТ ИМПЕРИЈАЛИЗАМ И БАНДАТА НА ВАНЧО МИХАЈЛОВ

Блаже Миневски


Во своето писмо испратено од Москва во Детроит на 13 мај 1934 година Георги Димитров како генерален секретар на Kоминтерната поздравувајќи ги делегатите на Четвртиот конгрес на Македонскиот народен сојуз, меѓу другото, истакнува дека се чувствува неразделно сврзан со судбината на македонскиот народ… „Бугарскиот пролетеријат е животно заинтересиран за националното ослободување на Македонија. Националното ропство на македонскиот народ е извор за засилување на угнетувањето на работниците и селаните во Бугарија, Југославија и Грција. Разделената и ограбена Македонија е јабoлко на раздорот меѓу балканските империјалисти и извор на опасност од воени конфликти и потреси на Балканот.“
Михајлов ја игра јудејската улога во македонското движење
Според Димитров, македонскиот народ во својата борба за ослободување нема и не може да има други вистински пријатели и сојузници надвор од револуционерните работници и селани во Бугарија и на Балканот. Во својата борба за социјално ослободување бугарскиот пролетаријат гледа во македонското револуционерно движење еден од најдобрите свои сојузници. Борејќи се против фашизмот и за работничко-селска власт, за советска Бугарија, бугарските работници и селани, под раководство на комунистичката партија, истовремено се борат и за отфрлање на секакво национално ропство, на ропството и на македонскиот народ. Во продолжение на писмото пишува: „Македонското движење има многу непријатели, но најлошиот негов непријател се агентите на бугарскиот империјализам, бугарскиот монархизам, бугарскиот фашизам и пред с` бандата на Михајлов.
Преку тие свои агенти бугарската буржоазија го користи македонското движење за своите егоистички интереси, за зацврстување на својата крвава диктатура врз работниот народ во Бугарија. Со помош на таа банда, наречена Внатрешна револуционерна македонска организација, а во исто време поигрувајќи си со идеалите на македонскиот народ, цанковистите успеаја на 9 јуни 1923 година да ја соборат земјоделската влада и да организираат крвав терор против работниците и селаните. Со учество на Организацијата во крвавиот масакр беше задушено народното востание во 1923 година и беа уапсени и убиени илјадници бугарски работници, селани и интелектуалци.
Таа банда ги сотре независните македонски револуционери во Горна Џумаја 1924 година. Нејзините главорези беа искористени за ликвидациите на повеќе од 2.000 работници, селани и интелектуалци во врска со провокаторскиот атентат во црквата ’Света Недела’ во април 1925 година во Софија. По порачка на бугарскиот фашизам, тие подло ги убија великанот на македонското револуционерно движење Димо Хаџи Димов, храбриот македонски пратеник Христо Трајков, мноштво мислечки Македонци, како и такви славни дејци на работничкото движење во Бугарија како што беше работничкиот пратеник Напетов.“
Пишувајќи за тоа дека без конечно изолирање на штетната банда на Ванчо Михајлов од македонските маси, без потполно обезвреднување на нејзината јудејска улога во македонското движење… не може да има успешна борба против националното угнетување, успешна борба за ослободување на македонскиот народ додавајќи дека долг на македонската емиграција во Америка, како и на македонската емиграција во самата Бугарија е да дејствува со сите сили за поскорешно остварување на таа задача, поддржувајќи ги напорите на ВМРО (Обединета) за сплотување на сите активни револуционерни македонски сили.
„Само обединета револуционерна борба на македонскиот народ во тесен сојуз со работниците и селаните во Бугарија, Југославија и Грција може да доведе до победа на македонската ослободителна револуција. Само советскиот систем, како што покажа блескавиот пример на големиот Советски Сојуз, може да обезбеди конечно национално ослободување и целосно национално обединување. Во тој дух од с` срце ви посакувам најдобри успеси на вашиот конгрес“, го завршува своето поздравно писмо до Македонците во Америка генералниот секретар на Kоминтерната, Георги Димитров.
Обиди Димитров да биде убиен
Во октомври 1934 година Централниот комитет на Македонскиот народен сојуз во Америка, чиј претседател е Смиле Војданов, а секретар Гео Пирински, испраќа писмо-одговор до Георги Димитров, во кое, меѓу другото, се заблагодарува за братските поздрави и вредните упатства за дејствување.
„Другар Димитров, ние високо го цениме тоа што ти како пролетерски револуционер го направи за правилното ориентирање на македонското ослободително движење учествувајќи во изградбата на ВМРО (Обединета), во изградбата на правилен став кон братските комунистички партии во Бугари, Грција и во Србија во однос на македонското прашање, но и во разобличувањето на македонските агенти во служба на бугарската буржоазија – Александровци и Протогеровци. Таа критика против македонските наемни орудија на бугарската буржоазија, а во заштита на вистинското македонско ослободително движење, ти ја водеше под постојана закана за животот, без да трепнеш пред заканите и многубројните обиди на македонските бандити околу Александров, Протогеров и Иван Михајлов да те убијат, како што ги убија Димо Хаџи Димов, Kоста Петров, Христо Трајков, Петко Напетов и други македонски и бугарски национални и социјални револуционери“.
Во продолжение на писмото до Димитров, меѓу другото, се вели: „Во твоето лице бугарската работничка класа и поробениот македонски народ гледаа и гледаат свој најголем и неустрашив заштитник и водач, а бугарските и македонските фашисти – најопасен и непомирлив непријател… Ние потполно ги споделуваме твоите зборови дека најлошиот непријател на македонското движење е бандата на Михајлов и дека не може да има успешна борба за ослободување на македонскиот народ, без конечно изолирање на македонските маси… Во таа насока ние работиме веќе пет години со значаен успех. Денешниот Македонски народен сојуз и неговиот Четврти конгрес го потврдуваат тоа во пракса. Сојузници во нашата борба во Америка се будната бугарска емиграција, црните и белите работници, фармерите, ситните сопственици и прогресивните интелектуалци. Со нивна братска поткрепа ние постојано чекориме напред во борбата против агентите на бугарскиот фашизам, разни полномошни министри, конзули и шовинистички попови, пратеници на Махајловата банда“.
Гео Пирински по формирањето на Демократска Федерална Македонија ја издава брошурата „За слободна Македонија“!
Секретарот на Македонскиот народ сојуз во Америка, Георги Николов Зајков или Гео Пирински од Банско, е еден од најактивните културно-национални дејци меѓу македонската прогресивна емиграција во Америка. При доаѓањето во САД, во 1923 година, на 22-годишна возраст, Пирински се изјаснил како Македонец. Поднесува барање за државјанство, кое не е усвоено, но добива зелена карта и првично работи како рудар во рудниците во Северна Kаролина.

По една година, заминува на работа во фабрика за вагони во Медисон каде што станува член на KП на САД (1924–1951), а потоа работи во компанијата „Џенерал моторс“ во градот Понтијак, Мичиген, каде што се сретнува со војводата Смиле Војданов, кој емигрирал во САД по задушувањето на Охридското востание во 1913 година. Во септември 1929 година, заедно со 14 илинденци, ја формираат првата Македонска прогресивна група во Понтијак, која потоа прераснува во Македонски народен сојуз. Во 1931 година Смиле Војданов бил избран за претседател на ЦK на Македонскиот народен сојуз, а за секретар бил избран Гео Пирински. Во меѓувоениот период Гео Пирински ги редактира најзначајните органи на МНС, а е редактор и на годишните зборници. Во весниците „Македонски булетин“ (1930–1931), „Балканско здружение“ (1931–1934), „Трудова Македонија“ (1934–1938) и други биле вклучени соработници од сите делови на Македонија.
Во текот на Втората светска војна, одушевен од формирањето на Демократска Федерална Македонија, во Њујорк ја издава брошурата „За слободна Македонија“ (For a free Macedonia), правејќи преглед на долготрајната борба на македонскиот народ за сопствена национална држава. Со радост ја поздравува и Декларацијата од Првото заседание на АСНОМ за гарантирање на правото за „полна слобода и еднаквост на цела Македонија, без разлика на верата, националност и политичката припадност; право на слобода на мислење, вероисповед и слободно образование и прогласувањето на македонскиот јазик за официјален“. Со Макартиевиот Закон за внатрешната сигурност во 1950 година, Гео како комунист е осуден на 10 години затвор или екстрадиција во земјата од каде што дошол. Сакал десетгодишната казна да ја одлежи во затворот „Елис Ајленд“, меѓутоа на 2 август 1951 година бил репатриран во Бугарија. Иако го критикува недостатокот на демократија во САД, наредната година на прием во Москва по повод Октомвриската револуција, во разговор со дописниците на New York Daily Worker, Харисон Солсбери и Џозеф Kларк, Пирински ќе изјави дека повеќе би сакал да живее во САД отколку во Бугарија. Починал на 7 декември 1992 година во Софија. Неговиот син Георги Пирински е познат бугарски политичар, бил кандидат и за претседател на Бугарија, но бил елиминиран од претседателската трка бидејќи е роден во САД, а не во Бугарија како што бара бугарскиот Устав.
Георги Димитров извесно време бил во немилост кај Сталин
Бугарскиот политичар Георги Димитров е роден на 18 јуни 1882 година, кој со неполн, а следната 1903 година, кога настанува расцеп во партијата на тесни и широки социјалисти, се приклучува кон крилото на тесните социјалисти. Во 1909 станува член на ЦK на БСДРП и секретар на Сојузот на револуционерните синдикати на Бугарија. По Октомвриската револуција, бугарските тесни социјалисти се приклучуваат кон Kоминтерната, а на нејзиниот Трет конгрес зема учество и Димитров.
По неуспешното Септемвриско востание во 1923 година во Бугарија, Димитров е осуден на смрт и е принуден да пребега во СССР каде што зема учество во апаратот на Kоминтерната. Во периодот од 1929 до 1933 година тој е во немилост кај Сталин и советското раководство поради несогласувањето со политиката на Kоминтерната кон социјалдемократијата и фашизмот по 1928 година. Димитров се стекнува со светска слава кога на Лајпцишкиот процес, организиран од германските нацисти со цел да се обвинат комунистите за палење на Рајхстагот во 1933, успева да се одбрани и да биде ослободен од обвинение. Имајќи го предвид неговиот стекнат имиџ при овој процес, Сталин во 1934 го поставува на чело на Kоминтерната. Димитров ја врши функцијата генерален секретар на Kоминтерната с` до нејзиното распуштање во 1943 година.
По доаѓањето на власт на Оточествениот фронт во Бугарија, во септември 1944 година, Димитров останува во СССР, а во Бугарија се враќа откако таа е прогласена за народна република по референдумот од 15 септември 1946 година. Набрзо, во ноември 1946 година, Димитров бил избран за премиер на Бугарија, каде што останува до смртта во 1949 година. Три години пред тоа, во декември 1946 година, со негово залагање и под негово покровителство бил извршен првиот повоен попис на населението и тогаш во Пиринска Македонија над седумдесет проценти од населението се изјасниле како етнички Македонци. Во македонската историја Димитров е важен како прв челник на Бугарија што го признал македонскиот народ и македонската националност.
Претседателот на Сојузот, Смиле Војданов, бил еден од врвните водачи на Илинденското востание
Според утврдени историски факти, претседателот на Македонскиот народен сојуз, Смиле Војданов е револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација и долгогодишен активист во македонското национално движење во татковината и во емиграција. Војданов e роден во охридското село Лактиње каде што го почнал школувањето, но рано го напуштил и му се приклучил на македонското ослободително движење. Во Македонија се истакнал како еден од врвните водачи на Илинденското востание во Охридско, при што, заедно со војводата Дејан Димитров, бил одговорен за реонот на Дебарца.
По задушувањето на Илинденското востание, Војданов не се откажал од идејата за независна македонска држава. Својата борба ја продолжува во емиграција, каде што со години дејствувал меѓу македонските емигранти во САД и Kанада. Во куќата на Смиле Војданов во градот Понтијак, во државата Мичиген, во 1929 година е формирана првата независна македонска група. По формирањето на повеќе вакви групи во разни градови на САД, на 22 и 23 март 1930 во градот Толедо, Охајо, била одржана Првата конференција на македонските независни групи, а Смиле Војданов е избран за претседател на централното раководно тело. На Првиот редовен конгрес за обединување на групите одржан од 24 до 26 април 1931 во Гери, Индијана, Војданов е избран за претседател на новоформираниот Македонски народен сојуз, кој во 1934 година, кога се одржува Четвртиот конгрес, до кој Георги Димитров испраќа поздравно писмо, има околу 1.200 члена. По Втората светска војна Војданов го поздравува формирањето на новата македонска република и се вклучува во испраќањето на хуманитарна помош за татковината. Починал на 4 март 1958 година во градот Понтијак, САД.