ПАВЛЕ ФИЛИПОВ ВОСКОПУЛОС МУ ОДГОВАРА НА ЕВАНГЕЛОС КОФОС

Македонското прашање е ахиловата петица за грчкиот мит

ПАВЛЕ ФИЛИПОВ ВОСКОПУstrong>


Грција и Бугарија со децении ги „труеле” сопствените граѓани со националните митови за бугарскиот или за грчкиот карактер на земјата и населението во македонските простори, значи во суштина самите си креирале проблем.
Причина за мојата реакција е неодамнешното интервју на “историчарот” Евангелос Кофос, објавено на 17 декември 2005 година. Зборот историчар го користам под наводници бидејќи Кофос и припаѓа на армијата регрутирани “историчари” од страна на современата грчка држава кои, наместо да и служат на историската наука, за главна цел си поставија преку идеолошкото користење на историјата да се создаде и да се збогати современиот грчки мит околу идентитетот и потеклото на современата грчка нација.
Кофос се смета за главната личност при креирањето на антимакедонската политика на современата грчка држава по Втората светска војна.
“Историчарот” на прашањето зошто македонското прашање во Грција не беше споменувано долго време, меѓу другото, вели дека тоа беше прашање на безбедност за Грција…
“Кога почна да се топи мразот помеѓу Западот и Истокот, се намали чувството на небезбедност, но почнаа да излегуваат други елементи, кои во почетокот не беа видливи за јавноста. Тоа беше проблемот на идентитетот. Грците не зборуваа ништо, но во вашата земја Југославија, особено во нејзиниот јужен дел, во Социјалистичка Република Македонија се појави македонски идентитет, кој се ширеше, а нејзините жители почнаа да се идентификуваат како Македонци…“.
“Историчарот” уште од самиот почеток почнува со фалсификувани податоци. Зборува за национален идентитет во Социјалистичка Република Македонија, вешто одбегнувајќи да зборува општо за проблемот околу идентитетот на македонските простори во целина. Не вели ни збор за идентитетот на населението во грчкиот дел на Македонија, проблем што за Грција се појавува при самото присвојување на овој дел од грчката држава по 1913 година, туку зборува селективно само за последните децении и за СРМ. Имено, има безброј писма, извештаи, мемоари од грчки службеници и грчки државни органи кои, опишувајќи ја состојбата на “новоосвоените територии” (како самите ги нарекуваат во документите) пишуваат за негрчкиот карактер на овие територии. Најкарактеристичен пример се писмата на грчките андарти, кои го тероризирале македонското население во соработка со отоманските власти дури и пред 1913 година. Типичен пример е грчкиот “херој” на антимакедонската борба, Мелас, кој во писмо до сопругата, опишувајќи ја состојбата во селото Желово, Леринско (Антартикон, денес) зборува за жители што зборуваат македонски, “македоника” – како што стои во оригиналниот текст. Една од најпознатите писателки во Грција, Пинелопи Делта, сестра на еден од најпознатите грчки националисти, Јонас Драгумис, опишувајќи ги селаните од Воденско и Ениџе-Вардарско на почетокот на минатиот век во своето дело “Тајните на блатното езеро” (“Та мистика тоу валтоу”), едно од најпознатите дела на грчката литература, вели: “Овие селани имат само македонска национална свест”.
“Историчарот” крие дека во пописот од 1920 година, под притисок на меѓународниот фактор, во пописниот лист имаше графа “македонски јазик” како посебен јазик, а во самиот лист се спомнуваат одделно српскиот, бугарскиот, влашкиот, па дури и еврејскиот јазик. Пописните податоци за северна Грција (Македонија и Тракија) никогаш не беа објавени, но пописниот лист може да се види на страницата 182 во томот што ги содржи информациите за пописот во Тесалија, кој се наоѓа во архивот на библиотеката “Генадиос” во Атина.
Грците не почнале да сфаќаат што се случува со македонското прашање преку дијаспората во Австралија, Канада, САД и во Европа, како што вели Кофос, туку многу порано. Но и тука повторно ја искривува вистината, зборувајќи за дијаспората на “Славомакедонци” од југословенските простори. По прогласувањето на Република Македонија во 90-те години се сплотуваат на некој начин сите Македонци во дијаспората. Грчкиот национализам дури и во овие далечни земји не го остави на мир македонскиот народ. Во изминатите децении на десетици, а можеби и на стотици Македонци по потекло од северна Грција им го одземаше грчкото државјанство затоа што членувале во македонските асоцијации, клубови и цркви. Истовремено, сите овие наши сонародници беа прогласени за “непожелни лица” и ден-денес им е забранет влезот во Грција.
Понатаму, “историчарот” вели дека прашањето не било актуализирано пред 90-те години и дека во тоа време северна Грција не беше нарекувана Македонија зашто: “веројатно бидејќи тоа не беше толку важно во тоа време”.

ИДЕНТИТЕТ ПАДНАТ ОД ГОСПОД
Каква контрадикторност! Како е можно да не е важно кога и самиот вели претходно дека македонското прашање за Грците беше од голема важност за нивната сигурност и безбедност. “Историчарот” понатаму кажува “прикаски” за Вергина (Кутлеш) и за “македонската пропаганда за Византија”, што, според него… Грците го сметаа за “навлегување” во нивниот културен домен…
“Историчарот” зборува за грчкиот идентитет како аксиом. Како од Господ да падна и им се даде на Грците како апсолутна вистина. Тој не објаснува како дојде до таа перцепција за, како што вели, “нашата историја и култура”. Не објаснува со кое право го употребува зборот “нашата”? Од кога? Како? Под кои услови? Што значи “нашата”? Со кое право? Проблемот е дека во Грција воопшто не е дискутирано што значи национален идентитет. Во јавноста има дефицит на знаење за тие теми. Грчките граѓани се надуени со грчката верзија на историските настани, дури би рекол со грчкиот начин на толкување на самата историска наука. За грчките “регрутирани историчари” во грчката “национална кауза” важи мотото: Ако податоците на историските факти не одат во наша (политичко-национална) полза, тогаш крива е историјата.
За грчкиот национализам македонското прашање е страв од создавање на една голема “македонска планина”, противник на веќе создадената “грчка планина”, значи против создадениот грчки национален мит околу потеклото, минатото и културата на денешните Грци. Имено, уште од самото основање на новогрчката држава во 1827 година требаше да им се “понуди” на граѓаните едно доволно атрактивно минато со цел да се постигне националната хомогенизација. Ова одеше со етничко чистење на населението. Грција е првиот учител на етничките чистења на Балканот. Претежно преку образовниот систем и другите државни структури се “садеше” и се “сади” национална свест, избирајќи ја античката хеленска цивилизација како почва и основа за создавање на грчкиот национален мит – дека денешните Грци се директни потомци на Перикле, Сократ и другите што изградиле еден Партенон кога другите народи живееле како дивјаци во пештерите. Овој аксиом непрестајно се внесува во сите генерации до ден-денес. Како и секој мит, така и овој е привлечен за луѓето. Прашањето во душата и во умот на граѓаните е следново: Сакаш да бидеш “дете” на Сократ и на Перикле жили “дете” на некои диви нецивилизирани племиња Арнаути, Власи, Словени, Роми…
Но митот требаше од Пелопонез да се прошири на северот во земја што носи име со голема историска тежина – Македонија. Заради атрактивното минато на овој простор со античките Македонци, Александар Велики и општата античка македонска историја, се појавува стравот кај грчките националисти од креирање на еден друг мит – “македонскиот”, кој населението можеби ќе го одбере за свој. Токму затоа Грција во изминатите децении почнува да флертува со тоа минато и да ја “присвојува” таа историја како дел од грчкиот мит. Од тие причини токму Грција секогаш се спротивставуваше на создавањето на независна македонска држава. Стравот е дека во иднина една независна македонска држава ќе “зрачи” со својата македонштина како посебна и различна културно-национална точка на балканските простори. Токму тука се појавува проблемот со македонското население во северна Грција. Тука е стравот кај грчките националисти, да не би во иднина населението во северна Грција ја одбере “македонската” варијанта наместо “грчката”, кога станува збор за идентитетот. Зошто да не го направи тоа кога македонскиот национален мит и минато со Александер Велики и се околу него му конкурира рамноправно на грчкиот мит и минато? Грчкиот национализам гледа опасност од “Обединета Македонија” во иднина.
Се разбира, “историчари” од ковот на Кофос никогаш нема да дискутираат за овие теми. Јас ќе потенцирам дека не се согласувам со историско-античкиот пристап кога станува збор за современите национални идентитети и ги осудувам сите мегаломански и експанзионистички идеологии каде било.
МИНСКО ПОЛЕ
На забелешката што се случува со сигурноста на граѓаните на Грција што живееја во северна Грција, што зборуваа македонски јазик, јазик кој е ист што го зборуваат Македонците во Република Македониј, “историчарот”, како што велиме ние на нашиот дијалект, “си го г’дна езикот”.
– Нема проблем, тие и сега можат да го зборуваат тој јазик. И тие го зборуваат. Ако ги посетите селата во тој регион, ќе видите дека зборуваат – одговара тој.
Не може човек да не биде иритиран од одговорот. Замислите, она што е најнормално, зборувањето македонски меѓу припадниците на македонското малцинство во Грција “историчарот” го коментира како големо постигање. Спрема логиката на бесрамниот Кофос, треба да се заблагодариме дека имаме право да дишеме. Зошто не предлага Грците во Турција само да го зборуваат грчкиот јазик. Нема потреба да си го учат во школи, нема потреба да имат цркви, нема потреба да си ја негуваат културата и истото да го понуди и за грчкото малцинство во Албанија. “Историчарот” како да не знае што предвидуваат меѓународните конвенции за малцинските права, а истиот е експерт за овие прашања!? Одговорот не може да не го натера неутралниот читател да помисли какви се мислите, идеологијата, принципите, предрасудите и лицемерноста во Грција на политичко и општествено ниво кога станува збор за човековите и малцинските права. Кога еден “интелектуалец” ја сведува на ниво на “проблем” најосновната потреба на едно човечко суштество, значи потребата да зборува, да се изразува, да плаче и да тагува на свој мајчин јазик, можете само да замислите какви биле и какви се уште се притисоците врз македонското малцинство во Грција.
А на прашањето да каже како ги оценува малцинските права во северна Грција, “историчарот” не кажува ни збор за тоа, туку повторно навлегува во интерпретации околу употребата на името и идентитетот на населението. Националниот идентитет на еден народ е пред се политичко прашање. Културата, јазикот, историјата и се друго е дел од политичкиот карактер на прашањето. А проблемот со името Македонија и со македонскиот идентитет не е воопшто нов. Така сака да го претстави грчката политичка елита, повторувајќи го цело време познатиот став дека “Тито ја создаде таа република и ја прекрсти со името Македонија”. “Историчарот” станува судија и оценува како не треба да се идентификува еден човек или еден колективитет. Па дури македонскиот го крсти и го вика “словенски”. Изгледа не го има видено пописниот лист на грчката држава од 1920 година, а се нарекува “историчар”! Никој нема право да кажува некому дали правилно се идентификувал. Прашањето е дали се почитува или не конкретната самоидентификација.
Според Кофос, “…во Грција ако речете ‘јас сум Македонец’, особено пред некој грчки Македонец, има конфузија. Сигурно ќе ве праша каков Македонец сте вие, па мора да се идентификувате или да објасните каков Македонец сте”.
Постои голема конфузија бидејќи “историчари” како Кофос никогаш не ги информирале сопствените граѓани што тоа значи национален идентитет. Никогаш не му рекле дека во минатото, пред 1940 година, самата грчка држава ги нарекуваше “Македонци” токму овие граѓани што тој ги опишува како грчки граѓани што зборуваат “словенски” јазик. Самите си ја создале конфузијата, самите треба да си ја решат. Македонците што зборуваат македонски не се идентификуваат со Република Македонија. Краткоумниот Кофос по толку години уште не може да разбере дека националните малцинства ниту се идентификуваат ниту припаѓаат на која било соседна држава, туку и припаѓаат на државата чии што граѓани се.
Понатаму, “историчарот” се обидува да зборува за бројки, ама очигледно разбира дека ќе нагази на “минско поле”. Прашање е зошто Грција не прави попис на населението со прашања околу националниот, јазичниот или друг идентитет? Како може помалку од 2.000 православни Грци во Турција да имат статус на национално малцинство, а Македонците во Грција не? Ако нема попис, со кое право Кофос вели дека групата е мала? Понатаму вели: “Тие мораа да се идентификуваат што се”, мислејќи дека мора да се идентификуваат како “Словени”, а не како Македонци. Проблемот е што државата и Кофос треба да ја почитуваат таа идентификација, а не го прават.
Тој уште вели дека “прашањето што се појави за официјално признавање е дека нема јасна идентификација на оваа група од мнозинството Македонци (грчки) што живеат во грчката држава. А за Македонец го сметаме секој што е од грчка Македонија”.
“Историчарот” пак е во конфузија, и тоа во тотална конфузија. Изгледа дека не познава или намерно се прави дека не познава основни термини од полето на политиката, антропологијата и социологијата. Многу убаво “историчарите” во Грција ги знаат термините, правата и меѓународните конвенции кога зборуваат за грчкото малцинство во Турција. Па ако нема јасна идентификација, како што вели, зошто не предлага одржување попис, па да видиме кој како ќе се идентификува?
Не можат да останат без коментар ниту предлозите на “историчарот” дека Република Македонија треба да се вика “Република Македонија – Скопје”, или Република Македонија во оригиналната македонска форма со кирилица и сл. Навистина е да се чуди човек дека се уште грчките “историчари”, политичари, попови и владици настојуваат да бидат кумови.
Македонското прашање не е воопшто комплексно. Имено, за среќа или за несреќа, македонскиот национализам се појавува со неколку децении задоцнување, кога другите балкански национализми веќе биле развиени, создавајќи ги соодветните национални држави, Грција, Србија, Бугарија. Кога се појави македонскиот национализам, балканските национални држави, имајќи територијални аспирации, апетити и интереси во македонските простори, одбиле и се уште одбиваат да признаат македонски национален идентитет, со исклучок на Србија. Грција и Бугарија со децении ги “труеле” сопствените граѓани со националните митови за бугарскиот или за грчкиот карактер на земјата и населението во македонските простори, значи во суштина самите си креирале проблем. Време е да преземат мерки во сопствените општества и држави и на граѓаните да им ја прикажат единствената реална опција за идните односи меѓу државите и народите во нив. Нека разберат дека македонскиот идентитет е реалност, не само како што се отсликува во државноста на Република Македонија, туку и преку припадниците на македонското малцинство во другите држави. Ние сме спремни да им помогнеме во таа насока.
Ние, членовите на “Виножито”, имаме решение за конфузијата на Кофос, “арно ама и ние Македонци и вие Македонци”. Ако тоа ви пречи, најдете си суфикс или префикс, а еве, за да ви ја олесниме работата, ние ќе си одбереме префикс или суфикс што ќе не разликува од вас. Им велиме, еве ние ќе го користиме префиксот “етнички” пред зборот Македонец. Значи, ќе не викате “етнички Македонци”, а вам ви го оставаме терминот Македонци. Има и друга алтернатива – можете да не викате “Македонци по нација”, што пак се разликува, нели? Тогаш соговорникот, немајќи аргументи почнува со познатите ставови… Ама минатото, историјата, културата, античките Македонци биле Грци, Македонија е грчка, вие сте Словени… Па му велиме, значи, бегаме од правото на самоопределување. Ако е така, тогаш псо кое право денешните Грци или “Греки” го носат името Грци? Зошто не Новогрци? Или Новогреки? Или Словеногрци, Влахогрци, Арнаутогрци, Гркороми и слично, бидејќи од културно-јазична гледна точка во сите овие термини има основа за разговор.
Македонецот денес, без разлика дали живее во Република Македонија, во Грција или во друга држава, заради агресивноста на грчкиот национализам сите овие години секогаш во дефанзивна улога си го брани идентитетот. Доста е веќе со одбрана, дијалогот ќе се води на исто рамниште. Македонското прашање е “Ахиловата петица” на грчката политика за национална хомогенизација, бидејќи македонското население во Грција како “последно од Мохиканците” одбива упорно да се асимилира целосно и така да го затвори кругот на националната хомогенизација на современата новогрчка нација. Од друга страна, пак, грчкиот национализам страхува дека, ако се признае македонски национален идентитет како различен од грчкиот, ќе почне да колабира грчкиот мит.
Павле Филипов Воскопулос
(Авторот е член на колективното раководство на „Виножито“, партијата на Македонците во Грција. Текстот, објавен на 30 декември 2005 година, е одговор на Воскопулос на грчкиот историчар Евангелос Кофос. Девет години потоа, речиси ништо не е променето.)