Бугарска работа со европски пари

Бугарите истражиле – половина Балкан зборувал на бугарски дијалект

(Преземено од „Вечер”)


Според нив, бугарски дијалект се зборувал и во Вевчани, Галичник, Костур, Мариово… Засега реакција на ова бугарско ширење на национализам, расизам и нетолеранција со европски пари најавуваат само од Европската сободна алијанса (ЕФА – алијанса која ги обединува партиите на малцинствата во ЕУ).
Институтот за бугарски јазик во Софија на 8 декември ја промовираше бугарската мапа на дијалекти подготвена од нивните истражувачи, а финансирана од ЕУ фондовите. Се разбира истражувачите не се заджаа на дијалектите на бугарскиот јазик во Бугарија, туку и многу пошироко – во Македонија, Грција, Србија, па сè до Албанија…
Според оваа мапа во поголемиот дел на Балканот се зборува на некој од бугарските дијалекти. Па така, според бугарските јазичари, на бугарски дијалект се зборува во Тетово (тетовски говор), во Вевчани (радожденско вевчански говор), Костур (костурски говор), па имаме и дебарско-галичнишки говор, рекански говор, горански говор, во Скопје се зборува скопско-црногорски говор, а во Србија има моравски говор, видинско-ломски говор…
„Дали навистина знаеме каков вид проекти се финансирани со пари на даночните обврзници на ЕУ? Дозволете да ви дадеме еден срамен пример. Оваа мапа, финансирана од социјалниот фонд на Европската комисија, тврди дека македонскиот јазик не постои бидејќи сите Македонци во Грција, Бугарија, Република Македонија, Албанија и Турција зборуваат на бугарски дијалекти. Таа оди дотаму што „открива” говорители на бугарскиот јазик и во областа Алексинац, само 170 километри јужно од Белград! ЕФА бара апсолутна транспарентност кога станува збор за проекти финансирани од ЕУ што директно или индиректно ги поддржуваат расизмот и нетолеранцијата – вообичаена практика во недемократските членки на ЕУ, како Бугарија”, реагира преку социјалните мрежи ЕФА.