Министерот на надворешни работи на Република Македонија Никола Поповски:

ЗЕМЈИТЕ-ЧЛЕНКИ НА ЕУ ДА ОВОЗМОЖАТ ПРЕГОВОРИ ЗА ЧЛЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА

(По македонскиот печат)


Земјите-членки на Европската унија да ја преземат одговорноста во однос на почетокот на преговорите за членство на Република Македонија во Унијата, бидејќи веќе шест години истите требаше да бидат отпочнати. Ова е пораката што министерот за надворешни работи Никола Попоски, им ја испрати на своите соговорници, пратеници во Европскиот парламент, со кои денеска се сретна во седиштето на европскиот законодавен дом во Брисел, јави МИА.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Попоски денеска имаше богата агенда во Европарламентот, среќавајќи се со потпретседателот на Комитетот за надворешни работи, Јацек Сариуш-Волски, со членовите на т.н. АФЕТ во Европарламентот: Туне Келам и Чарлс Тенок, со новиот известувач од ЕП за Македонија, Иво Вајгл, како и со ко-пртседателот на Мешовитиот парламентарен комитет на ЕУ и Република Македонија Алојз Петерле.
– По последните избори за Европски парламент и именувањето на новата Европска комисија, пристапуваме кон разговори со сите оние што ќе одлучуваат во иднина за македонското досие за приближување кон Европската унија. Во тој дел, имав разговори и со новите пратеници во Европарламентот, кои ќе треба да подготвуваат Резолуција за Македонија, но и со нашите соговорници во ЕК и особено со претставници на земјите-членки на ЕУ, оти во декември, токму земјите-членки носат одлука на Самит на Европскиот совет, истакна Попоски во изјава за МИА.
Според македонскиот шеф на дипломатијата, за нашата земја е значајно, со оглед на тоа што е на сцена нова екипа и во Европарламентот и во Еврокомисијата, да не биде заборавен фактот дека Македонија шест години добива препораки по кои не се постапува.
– По сите укажувања за реформите што ни се неопходни и кои треба да ги продолжиме од страна на ЕК, има јасна порака до земјите-членки дека е потребно да ја преземат одговорноста за носење на одлуки во однос на почетокот на преговори, кои веќе шест години требаше да бидат отпочнати со Република Македонија, додава министерот Попоски.
Вечерва, во Европскиот парламент во Брисел ќе се одржи и настан, средба на Групата на пријатели на Македонија во Европарламентот, каде македонскиот министер е специјален гостин. Се работи за европратеници, членови и лица во европскито законодавен дом што придонесуваат за носење на одлуки во европските кругови.
– Целта е тие да бидат запознати со тоа што го правиме и што зависи од нас во Република Македонија, но и со тоа што би требало Советот на Европската унија и земјите-членки да донесат како одлука. За да го задржат кредибилитетот и да избегнат ситуација во која се зголемува непредвидливоста во балканскиот регион, дециден е шефот на дипломатијата на Република Македонија.
Инаку, денеска беше прв ден од дводневната работна посета на министерот Никола Попоски на Брисел. Во текот на утрешниот ден, тој ќе учествува на дебата „ЕУ, Западниот Балкан и регионалната стабилност” во организација на германската фондација „Ханс Зејдел Штифтунг”, а попладне, ќе се сретне и со новиот еврокомесар за преговори за проширување, Јоханес Хан, што ќе биде прва средба на наследникот на Штефан Филе со претставник на земјите од процесот на пристапување кон Европската унија.