35 години “Народна волја”

ЗЛОТО НА МАКЕДОНИЗМОТ

Проф. Димитар Мирчев
(Преземено од в. „Дневник“)


Пред месец – два, познатиот антимакедонист и бугарски функционер Божидар Димитров, во некаква своја новинска анализа, утврдил дека „Македонизмот е престап против човештвото“! Резултат на тоталитарна диктатура, измислена и вештачка творба од 1944 г., по цена на многу жртви, перење мозоци и закони без преседан во светската практика (види „Дневник“, 13.08). Треба, наводно, да н` дадат во постапка во Стразбур и дури и Хаг, за тоа злосторство и геноцид врз бугарското население во западните предели. А слично велат и неговите колеги од Атина и од Солун, но за јужните предели. Деновиве Венизелос, мислејќи на целосно иста бранова должина, фрли уште некоја лопата бетон: с` да си промениме, и име и нација и документи „ерга омнес“, и внатре во земјата да си се ословуваме поинаку. И што да правиме ние, така геноцидно и истребувачки настроени? Да фаќаме адвокати за да н` бранат во Стразбур и Хаг?
И тие луди глави навистина опстојуваат на Балканот, но без разлика на нив, истрајуваме, издржуваме, настојуваме. Не ние тука само. Ние барем имаме територијален суверенитет, без разлика на непризнавањата на нацијата, името, црквата, јазикот, културата, историјата. Барем физички, не можат нешто многу да ни наштетат. А имаме и збор и глас во меѓународната заедница. Но, што да прават другите Македонци, надвор од ова парче земја? Токму ништо не можат да направат, кога ништо не им признаваат. Наводно, ние според Уставот на Македонија треба да се грижиме за нивната положба, права, интереси. На тоа, главно забораваме. Понекојпат, протоколарно не забораваме, ако има некоја посета на делегација на соседна земја, не на сите, туку таму каде што нема проблеми со „малцинствата“. И особено на Америка, Kанада, Шведска и сл. каде што нашите не се ниту малцинство, туку наречени со грдото име „дијаспора“. И потем, тука внатре правиме медиумски спектакли, имено, дека тој и тој функционер се сретнал со нашата „дијаспора“.
Но, сеедно и севкупно истрајуваме и се бориме за опстојот и за иднината. Така и благоевградска „Народна волја“. Деновиве одбележува 35 години излегување. Јубилеј вистина достоен за почит. Почна во Сиднеј, Австралија, па потем нашите, кога тоа се овозможи со демократизираните прописи, се префрли во родното и место. И наспроти сите одбојности, пречки, сопирачки од системот, наспроти недостатокот на елементарни средства за излегување, опстоја. Се случуваше, но и денес се случува, печатницата од својот џеб да ја плаќа редакцијата или малкутемина околу неа. Но, излегува. Од националната свест, посветеност на мисијата, од познатиот македонски инат. Ќе напишат во воведникот на јубилејниот број: „Појавата на ’Народна волја‘ во Бугарија стана трн во очите на бугарските врховисти и националшовинисти. Тие не очекуваа тука појава на таков весник. Побеснеа од омраза. Бедните тие, не беа навикнале некој да посочува на подлите и нечисти постапки, на фалсификатите и манипулациите и веднаш, како подивеани се нафрлија на весникот, лепејќи му грди и лажливи етикети“. Ќе наведат што с` им правеле во овие 35 години, специјалните служби, прокуратори, судови итн. Повеќе пати е забрануван и конфискуван. Биле, како што наведуваат „трн во окото на безочноста“. Па, сепак, истрајале. Сега кога Бугарија е во Унијата, притисоците се ослабнати.

„Народна волја“, макар што е само месечник и тоа во ограничен тираж, со децении наназад ја докажува својата мисија: да се бори за правата на Македонците во Бугарија, да ја разобличува бесрамната антимакедонска пропаганда во Бугарија, да проповеда идеи за добрососедство, пријателство и мир, да води правична борба за доброто на сите на Балканот, во име на разумот, правдата и слободата на народите. Сепак, во фокусот им е, како што велат, и нестивнувачката антимакедонска пропаганда, која наместо да запре, се разгорува, па и во медиумите. Многу се надеваат дека разумните луѓе во двете академии на науките и уметностите, кои почнаа плодна соработка и дијалог, ќе успеат да ги смират страстите и да дојдат до ниво на вистински добрососедски односи и стандарди на човекови права. Самиот весник, впрочем, се нарекува „орган за вистината на Македонија“.
Весникот не е само дневноинформативен; всушност е информативен како месечник: за тоа како се одвиваат односите меѓу двете земји, што се случува кај нас, како напредуваме, кои се главните настани со кои Македонците во Бугарија треба да се запознаат. Редовно ги следи активностите и проблемите на ОМО „Илинден“ – ПИРИН, ги одбележува големите национални и историски јубилеи, не само во пиринскиот туку и во егејскиот дел на Македонија, па и во т.н. дијаспора. Но, најголема вредност, сепак, е што има исклучителни историски и историографски рубрики: научни, мемоарски, биографски, документаристички, архивски и др. На тоа можат да им позавидат и скопските редакции, автори или институти. Не знам дали редакцијата ги архивира и заштитува своите документи и материјали, но тие секако заслужуваат еден национален архив, проекти и проучувања. Но, весникот објавува и поезија, лирика, политички актуелности, коментари.
Една мала, но крајно посветена група ентузијасти го редактира весникот. Тука е пред с` основачот Георги Христов со псевдоним Јан Пирински, потем д-р Стојко Стојков, па Златка Дамјанова, па Ботјо Вангелов, Димитар Иванов, Мишо Јузмески. Но, основачи, уште од Сиднеј и Лондон беа нашите познати иселеници и повратници – Александар Христов, Kрсте Енчев, Ангело Вретовски, Георги Чочков, Митре Мојсовски. Се чудам како оваа нација може да им се оддолжи за таа посветеност? Можеме ли, уште понекој да се претплати на весникот, а тоа е годишно еден мал, симболичен износ? Или, некоја фирма да им даде некоја симболична донација или спонзорство? Или шефот на државата да им додели некое национално признание? Зошто, пак, не МПМ и редакцијата на „Дневник“ да не се договори со нив, за на пример информативно-техничка соработка? Честитки за нивниот и нашиот јубилеј.