Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов пред Генералното Собрание на ОН

ЗА ИДЕНТИТЕТ НЕ СЕ РАЗГОВАРА НИТУ ПРЕГОВАРА

Ирина Гелевска
(Преземено од МКД)


Македонија побара од Обединетите нации максимално да се посветат на изнаоѓање на спорот со името. Шефот на дипломатијата по средбата со грчкиот министер за надворешни работи соопшти дека за Грција решението на спорот е најнизок приоритет. Човештовото е исправено пред два предизвици, едниот се климатските промени и второ е неприменувањето на меѓународното право, изјави претседателот Иванов во обраќањето пред Генералното Собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Република Македонија ја гледа својата иднина во НАТО и во Европската Унија, но Грција не блокира и условува да се откажеме од идентитетот и го бара невозможното – да прекршиме еден од основните принципи на ЕУ за да ги исполниме условите за членство. Ја игнорира пресудата од Меѓународниот суд на правдата и го блокира нашето заслужено членство во НАТО, изјави претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето пред Генералното Собрание на Обединетите нации во Њујорк.
„Република Македонија е подготвена за решение во рамката што ја даваат резолуциите на Обединетите нации, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Прашањето за идентитетот никогаш не било дел од оваа рамка, бидејќи за идентитет не се разговара ниту преговара. Затоа барам од Обединетите нации и надлежните органи максимално да се посветат за изнаоѓање решение во рамките на меѓународното право“, рече претседателот Ѓорге Иванов.
Шефот на државата за разликите околу името разговарал и со Генералниот секретар на Он Бан Ки-Мун, на која средба присисутвувал и новиот македонски претставник амбасадорот Васко Наумовски. Решението на спорот е низок приоритет за Грција, ова произлегло од средбата на министерот за надворешни работи Никола Попоски со неговиот грчки колега Евангелос Венизелос.
„Беше констатирано дека останува разликата во делот на мотивираност за надминување на наметнатиот спор со името, односно во Грција сепак е на прилично ниско ниво и тоа на исклучително ниско ниво интересот за суштински и конкретни разговори во однос на надминување на овој спор. Во другиот дел од разговорот беше изразена желба и подготвеност од грчка страна за интензивирање на проекти за билатерална соработка“, рече министерот за надворешни работи, Никола Поповски.
Македонските претставници од Обединетите нации побараа почитување на принципите на светската организација, на меѓународното право и донесените резолуции.
Претседателот Иванов потсети дека пресудата од Меѓународниот суд на правадата важи ерга омнес за сите земји членки на Обединетите нации и дека е крајно време за дејствување.