Град Охрид, Република Македонија, 29 септември 2014

ДОГОВОРЕНА СОРАБОТКА МЕЃУ ВОДЕЧКИТЕ УНИВЕРЗИТЕТИ ОД МАКЕДОНИЈА, ТУРЦИЈА И БУГАРИЈА

(Преземено од МИА)


Претставници на најголемите универзитети од Македонија, Турција и Бугарија, како и на академиите на науки и уметности денеска во Охрид ја потпишаа Охридската иницијатива, Меморандум за соработка на високообразовните и научните институции на трите држави.
Министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми пред учесниците на трилатералната средба ја нагласи потребата од продлабочување на соработката во областа на науката меѓу државите во регионот, со заложба истата понатаму да се унапредува и проширува и во други области.
– Потпишувањето на меморандумот за соработка меѓу институциите од трите држави во себе ја содржи компонентата на регионален развој што е мошне битна, поради тоа што отвора можности за искористување на сите европски средства што ни стојат на располагање во областа на науката и образование, пред се, програмата „Хоризонт 2020“ што бара тесна соработка на институциите од регионот. Токму затоа оваа иницијатива се вклопува и во нашите проиритети, како во областа на науката и образованието, така и во евроинтегративните приоритети на Република Македонија, истакна Адеми.
Ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје Велимир Стојановски посочи дека ЕУ ја отвори програмата „Хоризонт 2020“ со која веќе е создаден заеднички европски истражувачки простор.
– Продорот на балканските држави во тој простор е тежок затоа што се работи за средства за кои се потребни солидни апликации. Основна идеја при формирањето на оваа инцијатива и потпишувањето на договор меѓу академиите на науки на трите држави и водечките универзитети од Скопје, Истанбул и Софија е токму осмислување поефикасен заеднички настап пред европските истражувачки фондови. Сметам дека ова е еден значен чекор што ќе даде нова димензија на и онака успешната соработка, меѓутоа вака обединети со заедничка платформа сигурно ќе бидеме далеку поуспешни, истакна Стојановски.
Јунуз Сојлер, ректор на Универзитетот во Истанбул, посочи дека иднината на регионот е во најквалитетните кадри, токму преку луѓето од академската сфера.
– Живееме во време кое налага активности насочени кон поддршка на научната област, а нашите историски врски од минатото и сегашноста што не поврзуваат, треба да ги насочиме кон осмислување заеднички начини и разработување проекти што ќе овозможат како меѓусебна соработка така и за дополнителен развој на академската мисла, истакна тој.
Претседателот на МАНУ Владо Камбовски за потпишаниот документ рече дека од една страна ги резимира досегашните резултати од взаемната соработка на универзитетите, академиите на Македонија, Турција и Бугарија, а истовремено отвора нова страница во интензивирањето на таа соработка, како на научен така и на високообразовен план.
Тој истакна дека потпишувањето на Меморандумот за соработка, со декларација што ги објаснува целите на иницијативата – обраќање кон меѓународната научна јавност, ќе овозможи конкретни договори за подготовка на заеднички тимови за работа во областа на техничките, општествените и медицинските науки, особено делот што предвидува иницијативата да продолжи со конкретни договори и работа на проекти со кои ќе се аплицира пред фондовите на ЕУ.
– Овој меморандум демонстрира заеднички пристап, важен за трите држави, а тоа е подигање на угледот на авторитетот на високото образование и науката и институциите од таа област, како мост на пријателство и зближување на балканските народи и држави, нова мисија што треба да се потенцира бидејќи токму вискообразовните и научните институции преку јазикот на разумот најмногу можат да придонесат за интензивирање и продлабочување на односите меѓу државите во регионот, додаде претседателот на МАНУ.