Негативни реакции во Атина по изјавата на шефот на австриската дипломатија Курц:

СОВЕТОТ ДА НЕ ЈА БЛОКИРА МАКЕДОНИЈА

Марија Котовска – постојан дописник на МРТ од Атина


Европскиот Совет конечно да ја повлече блокадата и да ги почне пристапните преговори со Македонија – со оваа порака шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц повторно ги предизвика вообичаените негативни реакции кај јужниот сосед. Како што јавува дописникот на МРТ од Атина, грчките медиуми коментираат дека Австрија провоцирала, вршела притисок и се жалела во полза на Македонија, а негодуваат и за тоа што Курц го користи нашето уставно и историско име.
„За жал моите стравувања се потврдуваат. Постојаната блокада на почетокот на пристапните преговори со Македонија, предизвикана од нерешениот спор за името со Грција, ги става во прашање веќе постигнатите резултати. Долгорочно тоа може да води кон дестабилизација на целиот регион. Поради тоа го повикувам Советот да ја прекине блокадата по ова прашање”, побара Курц.
Ова не е прв пат со пораките за прекин на грчката блокада, шефот на австриската дипломатија да предизвикува негативни рекации кај јужниот сосед.
“Австрискиот министер прв пат изрази надеж дека Грција ќе ја напушти блокадата за Македонија уште минатиот јануари, само неколку недели откако ја презема функцијата и тврдеше дека Атина ќе има интерес од еден таков успех постигнат за време на грчкото претседателство со ЕУ”, јавува телевизијата Скај.