Претседателот на Република Македонија Иванов за телевизија Сител, рече:

АРГУМЕНТИТЕ СЕ НА НАША СТРАНА ВО СПОРОТ СО ГРЦИЈА

(По македонскиот печат)


Коментирајќи ги последните изјави од Грција, македонскиот претседател во вчерашното интервју за телевизијата Сител, рече дека Грците имаат чувство дека многумина веќе не им веруваат.
Грците реагираат нервозно. Изјавата на Венизелос укажува дека Грците веќе имаат некој страв, имаат некое чувство дека многумина веќе не им веруваат. Тие во 1993 година ја убедија меѓународната заедница дека користењето на името Македонија е безбедносна закана за регионот, без никакви аргументи. Сега другите членки видоа дека аргументите се на наша страна, дека Грција со тоа што не блокира е таа што создава безбедносен проблем во регионот, изјави претседателот Иванов во интервјуто за Телевизија Сител, коментирајќи ги грчките реакции по неговиот настап на 69. Генерално собрание на Обединетите нации и пред Советот за безбедност.
Во однос на престојниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија, шефот на државата смета дека извештајот нема да биде негативен, но ќе има забелешки за политичкиот дијалог, институционалното функционирање и неколку други.
– После мојата посета на Брисел јас ги повикав на средба сите лидери на опозицијата, без присуство на медиуми за да лично да им ги пренесам пораките од Европа кои сега веројатно ќе бидат нотирани како негативни за Македонија. Тие од тогаш до денес немаат направено ништо по однос на мојата покана. Ниту некој од нив ме контактирал, нити побарал средба, нити пратил допис до Кабинетот, изјави Иванов за Сител.
– Европската Унија се соочува со сериозни тешкотии внатре, ако ја погледнете нивната економија ќе ви стане јасно се. За пет години од сега не знаеме во каква форма ќе биде ЕУ, но она што јас постојано им го повторувам на сите меѓународни фактори и дека со затворањето на проширувањето, не само што кај граѓаните се зголемува разочараноста, туку се намалува и мотивирачката моќ за реформите кои треба да се спроведуваат, изјави Претседателот.