Барање до Атина и Брисел:

ВИНОЖИТО БАРА ОТСТРАНУВАЊЕ НА АВРАМОПУЛОС ОД ЕК, НЕ МОЖЕ „ГРЧКИОТ ВОЛК ДА ЈА ЧУВА ЕВРОПСКАТА ОВЦА“

(Преземено од МКД)


Виножито, партијата на македонското малцинство во Грција во своето последно соопштение бара поништување на одлуката Димитрис Аврамопулос, поранешниот грчки министер за одбрана и за надворешни работи, да биде европски комесар одговорен за имиграција и за внатрешни работи.
Димитрис Аврамопулос Димитрис Аврамопулос ќе биде
одговорен за имиграција и за внатрешни работи во Европската комисија. Некои од должностите на Аврамопулос ќе бидат заштита на малцинствата, генерална контрола на Шенгенскиот договор, заштита на основните човекови права и борба против расизмот, ксенофобијата и хомофобијата.
„За нас едноставно е незамисливо дека овој поранешен грчки министер, кој служеше еден од најдолгите мандати во последните 25 години, ќе биде задолжен за споменатата област за целата ЕУ, со оглед на фактот дека Грција останува на апсолутното дно од „28-те“ во однос на заштитата на разновидноста или борбата против расизмот и хомофобијата“, се вели во соопштението на Виножито во кое му е испратена и честитка за изборот на новиот претседател на Европската комисија, г. Жан-Клод Јункер, и на 27-те нови комесари. Без оглед на нејзиниот состав, новата комисија ќе има многу тешка задача и сигурно ќе й треба помош од сите проевропски сили во рамките на ЕП за да се справи со сè, смета Виножито.
За оваа партија неуспесите почнаа долго пред да бидат одобрени новите комесари и да ја почнат својата работа.
„Аврамопулос, врвниот претставник на земјата што официјално нема етнички ниту јазични малцинства сега ќе дојде да ги штити! Министерот во неколку грчки влади што веќе со децении им забрануваат на стотици Македонци да влезат во Грција, дури и ако имаат пасош од ЕУ, сега ќе го надгледува спроведувањето на Шенгенскиот договор! Лицето што, само неколку дена пред да отпатува за Брисел, гласаше за одвратниот нов „антирасистички“ закон, кој предвидува дури и затворска казна за оние што ги негираат измислените „геноциди“ (изгласани како такви од страна на грчкиот парламент) и на истополовите двојки им го негира правото на законски потврден заеднички живот, овој човек сега ќе се бори со расизмот и хомофобијата! Од обично мошне зборлестиот Димитрис Аврамопулос немаше никаква реакција кога неодамна, еден од неговите хомофобични другари на одвратен и неприфатлив начин го нападна премиерот на Луксембург, сограѓанин на г. Јункер. Наместо тоа, како награда, г. Аврамопулос беше назначен на конкретната должност“, соопшти Виножито.
„Ние ја разбираме, до одреден степен, агонијата на г. Јункер некако да го вклопи грчкиот комесар во новата комисија, но тоа не смее да биде на штета на Македонците во Грција и во Бугарија и на милиони други граѓани на ЕУ“, сметаат претставниците на македонската партија во Грција и додаваат дека како рамноправна членка на Европската слободна алијанса, која заедно со Зелените ја сочинува 4-тата најголема група во Европскиот парламент, бара отстранување на г. Аврамопулос од оваа позиција.
„За да не дојде до тоа, ние ќе им предложиме на Зелените/ЕФА да дадат негативен глас за целата нова комисија. Ниту е можно, ниту пак е воопшто прифатливо грчкиот волк да ја чува европската овца“, се вели на крајот од соопштението на канцеларијата за печат на ЕСП-Виножито.