Економија

НАЈМАЛКУ 5 НОВИ ИНВЕСТИЦИИ ЌЕ ДОЈДАТ ОД ТУРЦИЈА

(Преземено од МКД)


Посетата на Турција и бизнис форумите во неколку индустриски центри во оваа земја беа многу успешни, оцени на крајот од престојот во Турција македонскиот премиер Никола Груевски.
Според досегашните официјални најави, најмалку пет турски инвестиции пристигнуваат во Македонија.
„Пет компании со сигурност потврдија дека доаѓаат да инвестираат во Македонија, во различни сектори, а огромен дел од нив се на добар пат. Дел ќе ги викнеме да дојдат во Македонија да видат локации, да остварат средби со стопанските комори, со институциите, и со бизнис-партнери, по што очекуваме уште поголема бројка на инвеститори“, изјави Груевски.
Последните две најавени инвестиции се на компанијата „Про лајн“, која ќе гради фабрика за производство на пластика во вредност од околу 3 милиони евра и на компанијата „Девели груп“, која планира да вложи во македонскиот туризам и да гради хотели.
Локацијата за фабриката на „Про лајн“, според сопственикот на компанијата Алтан Чургелич, дополнително ќе биде утврдена.
„Со нас сакаат да инвестираат уште пет други инвеститори. Инвестицијата ќе биде околу 3 милиони евра и ќе обезбеди 50 вработувања, а останатите бизнис-партнери се заинтересирани да инвестираат повеќе или помалку, но тие се уште го подготвуваат нивниот проект“, изјави Чургелич, кој додаде дека македонскиот пазар во поглед на европскиот пазар и економија дава премногу предности.
И за директорот на турската групација „Девели груп“, Деха Девели, инвестирањето во Македонија е исплатливо.
„Планираме да инвестираме во туризмот, можеме да изградиме неколку хотели, можеме да носиме туристи од тука во Македонија и обратно“, истакнал директорот Девели.
Според министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Фуркан Чако, во Мерсин кој е најголемиот трговски центар во Турција во источномедитеранскиот регион има големи мултинационални компании чиј капитал и искуства нашата Влада сака да ги пренесе во Македонија.
За претседателот на индустриската трговска комора на Мерсин, Шерафетин Ашут, бизнис-форумите со Македонија се важен настан за економијата и за зајакнување на економските врски меѓу компаниите на Мерсин и македонскиот пазар.
Претходно беа потврдени инвестициите на „Мач груп“, „Демпо груп“, „Истем медикал“ и „Смирна парс“.