Имаме ли ние дијаспора?

ПРЕТСТАВУВАЊЕТО НА МАКЕДОНЦИТЕ

Димитар Мирчев
(Преземено од „Дневник“)



Не ми се допаѓа токму терминот дијаспора. Малку потсетува на спори, спорофити, спорозои и слични микроорганизми. А нашиве во туѓина или во странство или во соседството – не се токму такви. Па, сепак, оставени се самите на себе, освен, се разбира, за протоколарни цели. За по некој 2 Август, 11 Октомври или Св. Илија. За сериозни прашања на нацијата и државата, кој ги прашува? А ги има повеќе одошто ние внатре во ова парче од татковината. Пред две години бевме со Р. Никовски во Kорча; една убава средба, промоција на наша книга итн. Плодна дебата при што имаше вакво прашање, што многу н` збуни: Kако ви одат разговорите за името со овие долу? Ние велиме – добро, нема ништо драматично, ние си ја тераме нашата кауза. Kога, уште едно прашање: А кој, пак, ве овластил да разговарате за името во име на сите Македонци, па и во наше име? Ама, велиме, се работи за името на државата, не за името на сите Македонци. Велат, да, ама ќе ни го измените и нашето име итн. И името на сите оние надвор од државата, а нив, пак, никој не ги прашал. И навистина, така е.
А кој, пак, ги прашал оние во пиринскиот или егејскиот дел? Или, пак, во Европа, Америка, Австралија? Правно, сета работа е многу јасна: разговараат или преговараат две држави, со мандат од ОН. Утре, теориски, вистина може да постигнат некој консензус или компромис. Потоа, така изјави премиерот Груевски, компромисот ќе оди на референдум. А што е со Македонците што не се правно овластени гласачи? Ќе се изјаснуваат или нема? Правно, се најде некое решение за нивно застапување во Собранието: тројца пратеници. Не беше токму добро решение; не затоа што не се многу активни и препознатливи. Но и тие не може да застапуваат интереси на да кажеме еден милион Македонци надвор од татковината. А имаме ли некој механизам да ги прашуваме или да се консултираме со сите за „македонцките работи“? Немаме. А треба да го имаме. Но има и многу други работи.
Нашиве од ОМО „Илинден“ и од Виножито и од Македонската алијанса во Албанија, постојано се по судови, трибунали, арбитражи итн. Често и во Судот во Стразбур. Дали ние овде воопшто им помагаме во нивните постапки? Или, пак, нашата надворешна политика заради ЕУ и „добрососедството“ се откажа од нив? А она, во Уставот ни пишува дека РМ се грижи за положбата и правата на македонските малцинства во соседството (се разбира без мешање во соседските внатрешни работи)! Не прочитав дека Владата има некоја стратегија и практика за тоа. И дека многу го слуша гласот на малцинствата, па многу се труди да го употреби во билатералната политика. Полесно е во пријателските земји, на пр. во Словенија, Хрватска, Србија, чии влади и го почитуваат и го помагаат македонското малцинство. Но и таму главно се работи за „протоколарно охрабрување“ на опстојот на Македонците. А од друга страна, од т.н. дијаспора очекуваме инвестиции, бизнис-размена, научна и културна размена. Горди сме кога ќе прочитаме дека некој наш станал познат научник или „шеф екзекјутив офисер“ или спортист или снимател во Холивуд. И што правиме ние севкупно за да го поддржиме или искористиме тој потенцијал? Правиме многу: уживаме во таквите медиумски вести. И тоа с` ни го подгрева националното его. Во смисла – гледате колку сме интелигентни, способни и креативни?
А малцинствата и „дијаспората“ буквално ни крвават и ни се губат. Имаме ли некој застој или пропусти во врските? Во последниот број на „Народна волја“ во Благоевград, објавена е Декларацијата на ОМО „Илинден“ – ПИРИН, по повод разговорите на земјава и источниот сосед за т.н. договор за добрососедство; наводно тој документ е во завршна фаза на подготовка. Во декларацијата сепак се вели: Дали го заборавивте, како и досега, македонското малцинство во Бугарија? Што да очекуваме? Исто такво прашање поставуваат и нашите во Албанија: што направивте и за што се заложивте во врска со нашите општини во таа земја, но и во врска со образованието, со отпуштањето на Македонци од јавните служби, ако се Македонци? Многу е слично со Виножито, чии активисти се под постојан полициски притисок и малтретирање.
На 9 август, во Скопје, се одржа 24. седница на Светскиот македонски конгрес, навистина еден импозантен собир, макар не и репрезентативен. Усвоија десетици кратки резолуции, всушност за прашањата на сите малцинства и на сите делови на дијаспората. Убави текстови. Дали некои ги чита и проучува? Ентузијасти на веб-страниците. Се разбира, имаме министерства, агенции, амбасади и мисии, конзулати и претставништва итн. Но, нашиот приоритет е главно приемот во ЕУ и НАТО. С` друго изгледа е подведено на тоа. Да не правиме дополнителни проблеми. Но кога еднаш ќе влеземе во ЕУ и во НАТО, автоматски ќе ни се разрешат, меѓу другото, и сите наши малцински и дијаспорни тешкотии. Мало морген. Тие треба да ги решиме пред тоа.
Во меѓувреме, како „бренд“ ги извезуваме мултикултурализмот, меѓуетничката хармонија и Охридскиот рамковен. Kаде ги извезуваме? Во Унијата или во НАТО? Или во ООН? Или, пак, во Гагаузија и Патагонија? Зошто не ги извезуваме во соседството? На билатерална или реципрочна основа? Не навлегувам во другите димензии на македонската малцинска проблематика. На пр. во тоа колку малцинствата се обединети или не, колку се организирани и координирани, кои интереси превладуваат кај нив. Но, „татковината“ треба нешто да направи, зарем не?