Буџет 2015 година – Груевски:

И ПОКРАЈ ЕВРОПСКИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ ПОКАЧУВАМЕ ПЛАТИ, ПЕНЗИИ И СОЦИЈАЛНА ПОМОШ

(Преземено од „Вечер“)


Буџетот во Македонија се носи во едни се уште сложени околности во Европа, во светски размери се очекува идната година да има умерен раст, меѓутоа во европски размери се очекува низок раст.
Ова го истакна премиерот Никола Груевски за време на неговото гостување во вестите на Сител телевизија, кој истакна дека опоравувањето од кризата во европските држави се уште е бавно и ранливо.
За тоа, како што нагласи, придонесува и мини кризата која се создаде со состојбите во Украина.
-Ние одиме доста претпазливо, внимателно да не се случи да не пресретне некоја ситуација којашто нема да можеме да ја надминеме или којашто ќе ни направи поголем број на штети, рече Груевски.
Растот на економијата за идната година се предвидува да биде 4 отсто од БДП-то, а главните носачи на растот, како што нагласи Груевски треба да бидат градежништвото, странските инвестиции и зголемената потрошувачка, којашто се должи на зголемувањето на платите во администрацијата пензиите и социјалната помош, што е уште едно остварено ветување од предизборието.
– Септемвриската плата која се исплаќа во октомври веќе ќе биде со четирии процентно зголемување оваа година а истото ќе си тече и во следната година, а веќе во септември следната година е следното зголемување на пензиите од 5 отсто и во јуни следната година е зголемувањето на социјалната помош за пет проценти, посочи премиерот.
Тој додаде дека буџетот за 2015 година изнесува 163 милијарди денари расходи и 181 милијарда приходи, а дефицитот е околу 18, 5 милијарди и истиот е проектиран околу 3,5 отсто од БДП.
Инвестираме во крупни инфраструктурни проекти
Главните капитални проекти се во делот железничката и патната инфраструктура, истакна премиерот Никола Груевски во вестите на Сител, додавајќи дека стапката на капитални проекти е зголемена и таа изнесува над 21 милијарда денари.
– Градиме три автопати во земјата, тоа никогаш порано не се случило во исто време да се градат три автопати, околу 4,7 милјарди денари ќе бидат инвестирани во делот на железничката инфраструктура, Тоа е железница кон Бугарија, односно првата фаза, а очекуваме да започе и втората фаза тоа е од Бељаковце до Крива Паланка, како и реконструкцијата на Коридорот 10 која е во тек и треба да приврши некаде во 15-та, како и патната инфраструктура во која се насичени огромни средства, рече Груевски.
Покрај автопатите, нагласи тој, се инвестира и во регионалните патишта, односно во реконструкции и реконструкции со проширувања, како и градење на нови регионални и огромен број на локални патишта.
Во најголем дел станува збор за сето она што сме го ветиле во програмата и во најголем дел околу 80-90 отсто успеваме да го исполниме тоа што сме го ветиле, а понекогаш и нешто повеќе, нагласи Груевски.