Г-дин Стојко Стојков,

ПОЧИТУВАНИ КОЛЕГА, СОГРАЃАНИНЕ И ПРИЈАТЕЛЕ


Со особено задоволство Те информирам дека ја добив Твојата книга „Табу“. Нејзината содржина, како и Твојот предговор на почетокот на книгата заслужуваат искрено признание. Таа има значајна документарна вредност и јас си дозволувам слобода да Те замолам ако имаш можност еден примерок да и подариш на библиотеката на МАНУ.
Како што веќе ти напишав со особено љубопитство и внимание ја прегледав книгата. И морам да Ти кажам дека Твојот предговор придава големо значење на објавената документација. Свесен сум за големиот труд што си го вложил во прибирањето и средувањето на материјалите и на пишувањето на предговорот. Овој труд покрај сè она што досега е објавено од одделни автори за репресијата што ја доживувале Македонците од овој крај, нема да ми забележиш ако речам дека го сметам како прв значаен чекор кон постепеното и систематско собирање на тоа што луѓето го доживувале од властите на Тодор Живков. Знам колку е тоа тешко за реализација без пари и кадри (соработници), но тоа е единствениот начин да го запознаеме светот со нашата судбина и да се одбраниме од лагите и демагогијата на бугарската држава. Како што знаеш таа, бугарската држава, своите аспирации врз Македонија пред светот ги документира со „документи“ создавани од институциите на таа иста држава. Секако познато ти е и тоа дека актуелната политика на таа држава, документите што ги создавале нејзините институции, денес ги нуди како основа во градењето на добрососедските односи со Република Македонија.
Се разбира, дека тие мислат дека сме малоумни и дека не знаеме кој, како, кога и зошто ги фабрикувал. И токму затоа за тоа Твојата книга има далекосежна документациона вредност која се надевам идните генерации и борци за македонската самобитност умешно ќе ја користат.
Се разбира, во своите кратки коментари не можам да ги изнесам сите доблести на книгата. Во случајот, сакам гласно да ги изнесам моите размислувања во врска со Антон Југов и други за кои ти пишуваш во својот предговор. Моите сознанија за Југов се нешто подруги од твоите, но не велам дека тоа што го пишуваш не е точно. Впрочем, држењето на Антон Југов би можело да се спореди со држењето на Асен Черакчиев кој од ентузијазиран Македонец од страв своето презиме од Черакчиев го променил во Кожухаров. За него според тоа што ми го кажал нашиот колега од Гоце Делчев Палешутски „македонштината“ била најобично детско занесување. Но тоа може и секако е потврда за жестината на притисокот на Тодор Живков со која ги принудувал Македонците да се откажуваат од себе си, од своите презимиња за да се спасат од прогонување. Нешто слично му се случило и на Христо Калајџиев кој сепак имал храброст на Пленумот на ЦК БКП 1963 година кога Живков цинично му изразил сочувство за тоа што со својата дејност, цел век и служел на една погрешна идеологија, тој Калајџиев собрал храброст и изјавил дека сепак смета оти решението на БКП за тоа дека не постои македонска нација е политичка грешка!
Во својот предговор Ти го цитираш Живков дека во свое време (1963) извел еден „маневар“. Јас се прашувам дали зборот маневар не се однесува на „тајниот пленум, на ЦКБКП“ организиран од Живков, како вели тој, без знаење на Хрушчов, кога е донесено решението дека нема Македонци, нема македонска нација?
Сигурно знаеш дека во второто издание на Спомените на Живков во 2006 година е објавена информацијата на авторот, оти решението дека нема македонска нација ги влошило односите на Бугарија со сите земји од Варшавскиот пакт. Периодот на влошените односи траел 10 години до средбата на Живков со Брежњев во Банска Бистрица 1973 година во Словачка. Со други зборови тоа се случило по заострувањето на односите меѓу СФРЈ и СССР по упадот на групите на Варшавскиот пакт во Чехословакија. На таа средба Брежњев во разговорот со Живков ги прифатил неговите тези за непостоењето на македонска нација. Со тоа основниот проблем за спорот бил решен. По тоа дошло до подобрување на односите на Бугарија со СССР и со другите членки од Варшавскиот пакт.
Драги Стојко, уште еднаш на Тебе и на Твоите соработници искрени честитки за тоа што сте го направиле со објавувањето на оваа книга.
На крај многу топли поздрави на Георги Христов и желби за долг и плодотворен живот.
Со оваа книга „Табу“ Вие правите херојски исчекор во одбраната и афирмацијата на македонската правдина.
На ова место сакам да Ви кажам дека со задоволство го читам весникот што го издавате.

Со поздрав Иван Катарџиев
Скопје, 17 јуни 2014