Македонија на мапата на финансиските џинови

ВЛАДИНАТА ДЕЛЕГАЦИЈА УСПЕШНО ЈА ЗАВРШИ ПОСЕТАТА НА АЗИСКИОТ КОНТИНЕНТ

(Преземено од „Вечер“)


Јапонија, Кина и Јужна Кореја – ова се трите економски џинови од Азија, земји во кои Македонија минатата недела ги претставуваше инвестициските можности. Добрата бизнис-клима, атрактивниот даночен пакет, младата и образувана работна сила, поволностите во слободните економски зони се адутите со кои земјава се обидува да привлече инвеститори од најразвиените држави на азискиот континент

Групацијата “Веибо” забрзано се подготвува, дури и побрзо од нашите очекувања. Веќе се при крај со проектите и се надевам дека до крајот на оваа година ќе започнат со градба, која планираат да не трае подолго од една и пол година, а ќе се обидат да трае и пократко и веднаш потоа да стартува фабриката со вработувањата, кои ќе се одвиваат етапно до 5.000. Компанијата е во големи подготовки, веќе ни ги покажаа проектите нацртани од архитект, а Македонија ќе биде четвртата држава каде што ќе отворат неколку текстилни фабрики, меѓу кои и за базичен текстил.

Ова го изјави премиерот Никола Груевски на прашањето за неговите впечатоци од средбата со првите луѓе на компанијата “Веибо груп” и за нивните планови во рамките на неговата посета на НР Кина, како дел од турнејата низ азиските земји, при што престојуваше и во Царството Јапонија и во Република Кореја.
– Групацијата Веибо” во текот на април ја објави својата инвестиција во Македонија, откако претходно околу пет-шест месеци разговаравме со нив. Не посетија и во повеќе контакти соопштија дека ќе вработат околу 5.000 луѓе во период од четири или пет години и дека планираат да градат текстилни фабрики. Овој пат бевме запознаени со деталите на нивната програма. Практично, ја посетив нивната фабрика, некои од нивните изложбени салони, односно продавници за продажба на нивните производи во Кина. Се работи за компанија која има свои фабрики во Кина, Камбоџа и во Турција – рече Груевски.

Покрај текстилните фабрики, во кои главно ќе се произведува машка конфекција, посочи премиерот, планираат и отворање на уште најмалку две фабрики од областа на челичната индустрија, производството на челични профили за градби на згради и други челични и други метални профили кои се потребни за изолации во градежната индустрија.

– Сите сакаат да ги сместат на една локација, а тоа е на локација некаде во североисточна Македонија, на потегот меѓу Крива Паланка, Кратово, Ранковце, Куманово, најверојатно некаде на средина, односно во близина на Ранковце. Сакаат да привлечат работници од Крива Паланка, Кратово, Ранковце и Куманово. Се работи за голема бројка вработувања и дефинитивно, ја потврдија бројката од 5.000 вработувања – истакна Груевски.

Потенцира дека директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Виктор Мизо, имал детални разговори со главниот архитект на компанијата кој ги изведува работите, со кого разговарал за точната динамика на изградба на оваа индустриска зона.

– Се работи за многу силна компанија која во моментов вработува 14.400 луѓе во тие три држави. Овие нови 5.000 луѓе кои ќе ги вработат ќе ги донесат до 20.000 вработени. Имаат 2.900 продавници низ Кина. Што е најважно, покрај тоа што ќе вработат основни работници за текстилната и за челичната индустрија, тука ќе има вработувања за многу други, односно ќе се вработуваат правници, економисти, различни типови инженери (машински, електро…), информатичари и други профили на образовани, кои ќе си го најдат своето место токму таму – рече Груевски.

Тие, појасни премиерот, неформално велат дека можеби по четири-пет години ќе ја надминат бројката од 5.000 вработувања, меѓутоа, не преземаат обврска, односно не можат да гарантираат сигурни 5.000 вработувања.

Јапонија – земја на сонцето и на технолошкиот бум

Првата станицаза владината делегација на Далечниот Исток беше Царството Јапонија. Според номиналниот БДП, јапонската е трета најголема економија во светот, а според паритетот на куповната моќ, тие се четврти. Земјата е членка на Г-8, а тука се наоѓаат дури 62 и од 500-те најголеми и најпрофитабилни светски корпорации. За јапонската технологија и напредок не треба многу да се зборува, земјата постигна импресивни резултати на полето на роботиката, електрониката, во делот на автомобилскиот сектор. Во Токио, еден од водечките светски финансиски центри, средба Груевски Нарухито. На средбата со јапонскиот принц отворена е вратата за позасилена економска соработка, за работите да станат поконкретни веќе на средбата со премиерот Шинзо Абе. Разговарано е за склучување билатерални договори за одбегнување на двојното оданочување и за заштита на инвестициите, за веднаш потоа на бизнис-форум пред околу 60 менаџери на јапонски компании да бидат претставени инвестициските можности во Македонија.

Со данок на добивка од 10 проценти сте многу компетитивни. Добро е што вашата Влада е фокусирана на поттикнување на странските директни инвестиции”, оцени бизнисменот Хидејуки Такемура.

По презентацијата на Македонија како атрактивна бизнис-дестинација дел од јапонските бизнисмени најавија посета на земјава.

Во август ќе дојдам во Македонија и ќе предводам делегација од 10 бизнисмени. Ќе престојуваме една недела. Сакам да ги засилиме бизнис-врските во вашата земја”, порача претседателот на јапонската бизнис-асоцијација, Јуро Нагакава.

Од премиерот Груевски добија отворена покана да дојдат, да ја скенираат бизнис-климата, да се уверат во инвестициските можности, да го следат примерот на низа мултинационални компании.

Многу глобални компании дојдоа во Македонија, почнаа бизнис, изградија капацитети, стартуваа со производство. Најголемиот дел од нив се од САД, Германија и од Велика Британија. Јас знам дека јапонските компании кога одат во Европа одат во Германија или во Велика Британија, но сега компании од овие земји доаѓаат во Македонија. Размислете за ова и дојдете во Македонија”, им порача Груевски.

По инвестиции во Азија е и вицепремиерот Ставрески. Тој на јапонските компании им посочи дека во Македонија можат да пренесат дел од производството и со ниски трошоци да извезуваат на европскиот пазар.

Нашата земја можат да ја користат како порта за влез на европскиот пазар, да го пласираат својот бизнис во Македонија и оттука да продаваат на пазар кој преку потпишаните договори за слободна трговија опфаќа 660 милиони потрошувачи”, рече Ставрески.

Инвестициските можности претставени во Јужна Кореја

Од Јапонија македонската делегација замина во Јужна Кореја, која заедно со Хонг Конг, Сингапур и Тајван ги претставуваат четирите азиски економски тигри. И покрај проблематичниот сосед, земјата која до пред половина век беше една од најсиромашните во светот со БДП по жител од само 79 долари, изминативе години се трансформираше во една од технолошки најразвиените нации. Јужна Кореја сега е една од најбогатите држави, членка на Г-20, со 15-та најголема економија (по номинален БДП), односно 12-та (според паритетот на куповната моќ). Сега БДП по жител изнесува над 32 илјади долари. Земјата помина низ целосна технолошка револуција, па сега е лидер во делот на производството на електроника, во секторот телекомуникации, во ИКТ-секторот. На бизнис-форум во Сеул пред компании од автомобилската индустрија, информатиката и туризмот претставени беа можностите за соработка.

Истиот впечаток го имаат и Јужнокорејците.

Потребно е време, затоа што Македонија не е позната во Јужна Кореја. Настаните од овој тип придонесуваат за поблиска соработка и мислам дека нашите компании кога ќе бараат нови места за инвестиции ќе ја имаат предвид Македонија. Мислам дека Македонија е добро место за инвестирање”, оцени бизнисменот Ким Шонг Конг од корејската бизнис-асоцијација.

Средбата со менаџментот на Веибо – “круна” на посетата

Кина беше третата и последна станица за македонската делегација. Кинеската е најбрзорастечка економија во светот, со просечна стапка на раст од 10% во изминатите 30 години. Кинеската е втора најголема економија во светот, веднаш по САД, но и најголем извозник во светот, најголем производител, членка на бројни светски организации. Кога пишувавме за четирите азиски економски тигри го споменавме Хонг Конг, специјалниот административен регион во Кина, водечки финансиски центар. Логично место за бизнис-форум и за презентација на инвестициските можности. Груевски пред присутните бизнисмени и менаџери на инвестициски фондови ги објаснуваше поволностите во слободните економски зони (компаниите во првите 10 години целосно се ослободени од плаќање данок на добивка и персонален данок на доход, но и од ДДВ и царина за суровините потребни во производствениот процес). Бизнисмените од Хонг Конг загризаа”.

“Во Хонг Конг имаме низок данок, споредено со регионот. Но, кога слушнав за атрактивниот даночен пакет што го нудите, за персоналниот данок на доход и за данокот на добивка, мислам дека сте апсолутно конкурентни. Ова е многу атрактивен даночен пакет за привлекување странски инвеститори во вашата земја”, рече бизнисменот Рики Чау од Хонг Конг.

На форумот беа претставници на водечки компании од областа на електрониката, телекомуникациите, транспортот, логистиката. Тие го освојуваат светот, но се гладни за нови пазари.

“Во Хонг Конг растат трошоците за компаниите. Затоа, фирмите бараат локации во Европа каде што ќе можат да го пласираат својот бизнис по многу пониски трошоци, со лесен пристап до европскиот пазар. Македонија е земја која го нуди тоа”, објаснува Ставрески.

Веднаш до Хонг Конг се наоѓа Гвандонг, еден од најпросперитетните региони во Кина, со надворешно-трговска размена вредна трилион долари. Од властите беше добиена политичка поддршка за продлабочување на економските врски и за реализација на нови инвестиции, организиран нов бизнис-форум.

“Ова е економски многу силна провинција, со развиени бизниси, со многу компании, многу пари, со многу инвеститори и многу можности за инвестирање во Македонија. Беше многу важно да се сретнеме со властите, бидејќи нивната поддршка и порака е многу важна”, рече премиерот Груевски.

Посетата на Кина беше крунисана со средбата со менаџментот на мултинационалната групација “Веибо”. Компанијата ги објави бизнис-плановите за Македонија.