Претседателот на Бугарската академија на науките (БАН) Стефан Воденичаров:

ЗА ИСТОРИЈАТА ДА ГОВОРАТ НАУЧНИЦИТЕ, А НЕ ПОЛИТИЧАРИТЕ

(Преземено од МИА)


Науката работи со факти и документи, а учените луѓе кои ќе почнат да ги резгледуваат тие документи ќе дојдат до вистината. Луѓето кои не ги виделе документите прикажуваат безидејни основи за приказни.
Ова го изјави претседателот на Бугарската академија на науки (БАН) Стефан Воденичаров по денешната манифестација „Денови на Бугарската академија на науките во МАНУ“, одговорајќи на новинарско прашање колку може науката да помогне за расчистување на проблемите од минатато меѓу Македонија и Бугарија.
– Научниците треба да говорат за историјата, а не политичарите, за таа цел договоривме да направим и работни групи кои ќе разговаараат точно за проблемите со кои се соочуваме, рече Воденичаров.
Појасни дека работните групи, меѓу другото, ќе расправаат и за историјата на двете држави опфатена во минатиот век и нагласи дека двете академиите како независни институции своите ставови ќе ги изнесат врз основа на научни докази.
На отворањето на „Денови на БАН во МАНУ“ претседателот на Македонската академија на науките и уметностите Владо Камбовски изрази задоволство што денеска прв пат од постоењето на МАНУ на говорницата застанува претседателот на БАН кој е и иницијатор за соработката на двете академии.
– Направивме крупни чекори во соработката меѓу двете академии. Така на 6 октомври минатата година во Бугарија во градот Сандански потпишавме договор и протокол за соработка со кои е предвидена работа на 33 заеднички проекти, како и други заеднички активности. Потоа се случи заедничкото чествување на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј на 11 мај оваа година во Софија, а денеска и утре ги одржуваме „Денови на БАН во МАНУ“ како прва можност да се резимираат резултатите од досегашната работа, истакна Камбовски.
Претседателот на МАНУ посочи дека на првата средба на 19 април 2013 година во МАНУ се договориле со престседателот на БАН Воденичаров, односите меѓу двете академи да се развиваат врз нова основа.
– Тргнавме од уверувањето дека на минатото не треба да гледаме како на тешко и драматично оптоварување за луѓето и народите, што ги запира нивните творечки сили и ја замрзнува нивната волја за промени и подобра утрешнина, и дека минатото не треба да владее со иднината туку иднината со минатото, нагласи Камбовски.
Според него, основата на ова соочување со актуелните и идните предизвици за двете општества претставува сознанието дека науката и уметноста, како најрепрезентативни форми на човековото творештво, денес се ослободени од стегите на колективистичките идеологии и на авторитарните политички системи.
Во рамките на манифестацијата се одржа предавање на тема „145 години од основањето на Бугарската академија на науките“, и беше отворена изложба „Бугарската академија на науките – минато и сегашност“.