Македонско-Руски врски во минатото (2)

РУСИЈА ВО 19 ВЕК: И МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ИМА ПРАВО НА ДУХОВНА САМОСТОЈНОСТ

(Преземено од МКД)


Македонците се посебен слски народ-Македонци. Ова научно сознание станува доминантно во руското научно и општествено мислење и сосема определено е формулирана и искажана од членовите на Општеството за словенско научно единство во мај 1913 година – „Македонија и нејзиното население претставуваат самостојна етнографска и географска целина и затоа имаат право на самостојно постоење”.
Kaко еден од сериозните критериуми во решавањето на македонското прашање руските истражувачи го сметаа критериумот на националната самосвест на македонското население. Меѓутоа, не е можно целосно да се користи овој критериум за решавање на прашањето, треба да се земат предвид таквите фактори како што се бугарската, српската или грчката пропаганда, конфесионалноста, социјално-економското и општествено-политичкото ниво на претставниците на македонското население…
…Значително внимание руските слависти им посветуваа на прашањата на културата како на целиот словенски свет, така и на Македонија како негов составен, и дури и примарен дел. Зборувајќи за улогата на културата во создавањето на народот, „Славјанские известија“ пишуваа: „Националноста и нејзиното конкретно овоплотување – културата само тогаш може да го постигне највисокиот степен на самобитноста, кога нејзините носители, т.е. народот, барем духовно се самостојни“. А македонскиот народ, како што е познато, има потполно право на таква духовна самостојност и самобитност. „Спојот на идеите на источното христијанство, источната империја и источната образованост, пишуваше рускиот научник А. С. Будилович, и создавањето врз таа основа на словенскиот свет покажува „каква важна светски историска улога одигра Mакедонија, токму во која и се определија главните фази на тој спој“.
А.С. Будилович „А ако е тоа така – продолжува Будилович – зарем не заслужува оваа света област (и нејзиниот народ) љубов кон себе од сите верни синови на нашиот културен свет“.
Имајќи го предвид тоа дека напредокот на секој општествен поредок многу зависи од силата на културниот носител, кој од своја страна влијае врз степенот на развитокот на националната идеја на општеството (овде е тоа идејата на самобитниот развиток на македонскиот народ), може да се каже дека ако таа идеја на крајот на краиштата ја најде својата реална реализација, значи таа навистина се базирала на дадениот културен носител и се репродуцирала на негова сметка. Оттука, може да се зборува за историското право на носителот на таа идеја – македонскиот народ, на својот културен супстрат, односно, на своето културно наследство.
Најсложено, најпротивречно и најтешко за решавање за руските истражувачи беше прашањето за јазикот на македонските Словени. Така Селишчев
А.Селишчев пишуваше: „При определувањето на националноста на македонските Словени обично се повикуваат на јазикот на тие Словени како главен аргумент за решение на македонското прашање. Но и со тој аргумент денес не може до крај да се реши македонското прашање“. Решението на прашањето за јазикот беше усложнето поради две околности: познатата разновидност на македонските говори и нивната недоволна проученост од филолозите и од лингвистите.

Правото на македонскиот народ на свој македонски јазик

Сумирајќи ги резултатите од анализата и интерпретацијата од страна на руските истражувачи на јазичната страна на македонското прашање, може да забележиме дека самиот факт на поставувањето и фигурирањето на поимот Македонци (соодветно македонски народ) и македонски јазик (соодветно јазик на македонските Словени, на македонскиот народ) практично во сите трудови од руски автори што ги разгледавме е сведоштво за свесно или несвесно признание од руската научна и општествено-политичка мисла на постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик de facto… Сето тоа, ни се чини, во одредена мера може да биде доказ во корист на историско-лингвистичката аргументација на правото на македонскиот народ на свој македонски јазик.
Општо земено, … може да се констатира дека: како прво, руското општество пројави огромен и жив интерес кон македонското прашање, што се одрази и во печатот; како второ, рускиот научен и општествено-политички печат покажа доволно информираност, објективност и научност во осветлувањето на ова прашање: како трето, карактеристична црта на многу руски истражувања беше барањето да се спроведе строго научна анализа, внимателен избор на изворите и информациите, разјаснување на главните противречности на проблемот… Главно, може да се истакнат три веќе познати мислења: првото е на Григорович (Македонците се Бугари), второто е засновано врз истражувањата на Јастребов, кој врз основа на обичаите и јазикот на народните песни Македонците ги смета за Срби, и на крај, третото Македонците ги третира како посебен словенски народ-Македонци. Значаен е и фактот дека при крајот на периодот што го разгледуваме третата гледна точка станува доминантна во руското научно и општествено мислење и сосема определено е формулирана и искажана од членовите на Општеството за словенско научно единство во мај 1913 година – „Македонија и нејзиното население претставуваат самостојна етнографска и географска целина и затоа имаат право на самостојно постоење“.

(На 1 и 2 октомври 1991 година во просториите на МАНУ-Скопје се одржа Првиот македонско-руски научен собир под наслов „Македонско-руските врски во 19 и почетокот на 20 век“. Во 1996 година Сојузот на друштвата на историчарите на Македонија го издаде зборникот „Македонско-руските врски во 19 и почетокот на 20 век“. Меѓу прилозите во овој Зборник е и рефератот на Лариса В. Шатилова: „Македонското прашање во рускиот научен и општествено-политички печат (1900-1915 г.)“, од кој издвоивме некои поинтересни делови).