Економија

ИЗДРЖАНА ОЦЕНКА НА ММФ ЗА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА

Мартин Пушевски
(Преземено од МРТ)


Економисти сметаат дека мисијата на ММФ внимателно ги скенирала актуелните состојби. Раст на БДП од 3,5 проценти е реално да се очекува…
Економски раст повисок од ланскиот, темелен на крупни инфраструктурни проекти, зголемени инвестиции и потрошувачка. Отворање нови работни места. Економисти сметаат дека мисијата на ММФ внимателно ги скенирала актуелните состојби. Раст на БДП од 3,5 проценти е реално да се очекува.
„Во пострецесионен период, ова се задоволителни стапки на економски раст, коишто се сигнал дека економијата заздравува. Овие стапки на економски раст се должат на капиталните инвестиции, од државата и приватните инвестиции. Годинава ќе се градат три автопати и железничка пруга, со што имаме силен импут од страна на државните инвестиции“, изјави Димитар Ефтимовски, универзитетски професор.
Добра вест за стопанството од првиот финансиер – Владата, ќе продолжи со реализација на зацртаните капитални проекти.
„Порастот на економијата ќе биде добро избалансиран меѓу инвестициите и потрошувачката. Инвестициите ќе бидат поддржани со крупните инфраструктурни проекти кои ќе се реализираат преку Буџетот, но истовремено и со извозот и инвестициите од приватниот сектор“, смета Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.
Од стартот на годинава расте кредитирањето на стопанството, за очекување е динамизирање на економската активност. Од ССК бараат брзо формирање на Владата.
„Сакаме, ако е можно, да не се чека до последниот законски рок за формирање на Владата и што поскоро да се почне со планираните економски активности и реформи. Македонското стопанство има потреба од сериозна финансиска инјекција за да почне со сериозен инвестициски циклус“, вели Митко Алексов, извршен директор на ССК.
Народната банка со пооптимистичко сценарио– очекува раст од 3,7 насто и зголемување на девизните резерви во наредниот период. Европската комисија, пак, очекува Македонија годинава да има четврти најголем раст на стариот контитент и највисок од земјите во регионот.