Економија

ПО НЕЗАИНТЕРЕСИРАННОСТА НА СИНОДОТ ЗА ПРОБЛЕМИТЕ ВО СИДНЕЈ

(Преземено од МКД)


Големо прашање е кои се тие сили што можат Синодот да го доведат во состојба да делува против интересите на МПЦ и на македонскиот православен народ, реагира Игор А. Александров, претседателот на Здружението на македонските заедници од Австралија по вчерашната целосна незаинтересираност на Синодот на МПЦ-ОА да расправа за барањето на верниците од Австралија за поднесената тужба на владиката Петар против 891 македонски верник.
Вчера Синодот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија не расправаше за новата тужба на владиката Петар против 891 член на црковната општина Света Петка од Сиднеј. По барањето на Здружението на македонските заедници од Австралија, Синодот реши да го игнорира барањето на верниците.
„Се доведува во прашање колку можеме да се надеваме на какво било ветување или гаранција што ќе ја понуди Синодот во врска со имотите и средствата на црковните општини. По нашата средба со синодската комисија во 2012 гопдина, ние како претставници на 15 храмови од Австралија кои бараа да влезат под директна надлежност на Синодот, постигнавме согласност за десетина точки, како начела според кои би се владееле црковните општини во иднина. Меѓу другото, се согласивме имотите и приходите на храмовите да останат под демократска контрола на регистрираните црковни општини, а со верските активности, вклучувајќи ги свештениците, да раководи владика назначен од Синодот. Притоа, сите храмови треба да вложуваат договорен дел од своите приходи во заедничка епархиска каса, со која би раководел надлежен владика“, пишува Александров во обраќањето до јавноста.

Игор Александров

Услов за реализација на усогласените точки беше сите 15 храмови кои му откажаа доверба на Петар, вклучувајќи ја и МПЦО Св. Петка од Рокдејл, да влезат под директна надлежност на Синодот.
„За жал, по непристојни притисоци на Петар и негови приврзаници во државните власти, Синодот уште на почеток ја оневозможи реализацијата на точките по кои постигнавме согласност со комисијата, со тоа што одлучи под своја надлежност да прими само 14 од 15 храмови, а Св. Петка да ја остави под надлежност на Петар додека не се исцрпат апелациските постапки по тужбите кои тогаш беа активни. Тоа Синодот го направи иако тврдеше дека никогаш не му одобрил на Петар да тужи црковни општини или управи во Австралија.
Сакајќи да избегнеме трајно раскинување на односите со Синодот и воспоставување на задгранична Македонска православна црква со автономен владика на нејзино чело, сепак решивме да работиме на зацртување на конституција за регистрирање на епархија во Австралија, со што би им дале правна дефиниција и тежина на точките за кои преговаравме со синодската комисија. Додека напредувавме во преговорите со г. Тимотеј, долгогодишните тужби против Св. Петка завршија со одлука која во основа е во согласност со начелата за кои преговаравме со синодската комисија, освен што за Св. Петка, по избор на Синодот, останува надлежен Петар“, пишува Александров.
Петар во меѓувреме покрена нова тужба против 891 од вкупно 897 членови на Св. Петка. Според тужените, со ова Петар сакал да ги принуди да се откажат од членство во општината и така тој со само 6 членови, негови приврзаници, да си ги препише имотите од име на регистрираната црковна општина, на негово лично име, со уште двајца попови како косопственици.

„Без разлика што архиепископот можеби смета дека со игнорирање на новите тужби останува неутрален, реалноста е дека Петар дејствува во својство на легитимен делегат на Синодот и секој напад од негова страна е напад од страна на Синодот. А Синодот не може да биде мајка на 14 цркви, а маштеа на МПЦО Св. Петка. Не може кредибилно да не учи дека треба да ги почитуваме Уставот и другите правила на МПЦ, кога отворено применува двојни стандарди, односно од една страна вели дека имотите можат да останат сопственост на црковните општини (што е во согласност со Уставот на МПЦ), а од друга страна го овластува Петар да отвора нови тужби за приграбување на имотите на МПЦО Св. Петка, спротивно на Уставот“, пишува Александров и додава дека со ова стотици илјади долари одат на деструктивни адвокатски трошоци, пари кои можеле да се употребат за добротворни цели на МПЦ во Македонија и за касата на новата епархија за Австралија.