Економија

НОВА ИНВЕСТИЦИЈА ВРЕДНА 200 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ЌЕ ВРАБОТИ 500 ЛИЦА

(Преземено од МИА)


Странска инвестиција вредна 200 милиони долари за преработка на бакар, која ќе овозможи околу 500 нови вработувања, пристигнува во Македонија.
-Според нашите планови прво ќе направиме детални геолошки истражувања на три наоѓалишта за кои добивме концесија. Две концесии во месноста на градот Валандово и уште една во кумановско Старо Нагоричане. Денес треба да го потпишеме договорот со македонската компанија која што ќе ги извршува геолошките истражувања и бушачките работи, потенцираше заменик претседателот на компанијата Сардич МЦ, Генадиј Сичов, по денешната средба во Владата со премиерот Никола Груевски.
Тој истакна дека веќе кон крајот на оваа година се планира да се изгради формата на ова ново претпријатие.
-Разгледувавме повеќе опции и повеќе држави за развивање на овој бизнис, гледавме наоѓалишта во Јужна Африка, Шпанија, Куба и други земји, но се решивме за Македонија бидејќи тука ја почуствувавме најдобрата инвестициона бизнис клима, додаде Сичов.
Оваа вредна инвестиција од страна на украинската компанија „Konstantinovsky Plant of Metallurgical Equipment” (KPME), според директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо, е плод на она што се работело во изминативе 10 месеци, кога компанијата за прв пат дојде во Македонија.
-Тие разгледуваа многу различни локации во Европа, Јужна Америка и Африка, но се одлучија за Македонија бидејќи она што тие планираат да го прават не е само експлоатација на руда, туку истовремено целосна вертикална интеграција на производство на бакар, катоди од бакар, жици и цевки, што значи дека потенцијалот за вработување е некаде околу 400 до 500 луѓе врз основа на целиот процес на трите рудници и фабриката и можност за инвестирање која ќе надмине над 200 милиони долари во следниот период. Инвестицијата ќе се изведува во неколку фази. Прво се процесите на истражување, но врз основа на првобитните информации тие се прилично сигурни дека во брзо време ќе се започне и со експлоатација на сите три локации, подвлече Мизо.
Целиот процес на истражување, додаде Мизо, се очекува да заврши до крајот на оваа година, по што ќе следи изградбата на фабриката, која ќе биде во близина на рудникот. Фабриката треба да почне со работа на крајот на 2015 или почетокот на 2016 година.
Ваква фабрика досега нема во Македонија, а пласамнот на бакарот ќе биде на светските пазари.