Дводеценискиот проект стана реалност

ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА ПРУГАТА ДО БУГАРИЈА,НАЈГОЛЕМА ИНВЕСТИЦИЈА ВО ЖЕЛЕЗНИЦАТА

(Преземено од „Вечер“)


Проектот предвидува целосна реконструкција на постојната пруга во должина од околу 31 километар, изградба на три железнички станици, шест стојалишта, повеќе надвозници и подвозници, изградба на мост над Пчиња, обновување на постојните мостови, инсталирање кабелски водови, огради, заштитни бариери и нови сигнално-сигурносни уреди
Од Клечовскиот мост, кумановско, почнаа активностите за реализирање на проектот Реконструкција на Коридор 8, делница Куманово Бељаковце”. Вчера беше поставен камен-темелникот на првата фаза од проектот, со вкупна инвестиција од над 50 милиони евра.
Железничката делница од Куманово до Бељаковце е со должина од 30,8 километри и претставува прва од вкупно трите делници на пругата од меѓународниот железнички Коридор 8, која треба да ја поврзува Република Македонија со Република Бугарија, почнувајќи од Куманово преку Бељаковце, Крива Паланка до Деве Баир, односно до границата со Република Бугарија.
На свеченоста присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот, Зоран Ставрески, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, како и претставници на железниците и на ЕБРД.
Премиерот Груевски истакна дека проектот предвидува целосна реконструкција на постојната пруга во должина од околу 31 километар, изградба на три железнички станици, шест стојалишта, повеќе надвозници и подвозници, изградба на мост над Пчиња, обновување на постојните мостови, инсталирање кабелски водови, огради, заштитни бариери и нови сигнално-сигурносни уреди.
– Најголемиот дел од пругите во Македонија се направени пред повеќе од сто години за време на Отоманската Империја. Како за пример, железничката пруга Скопје – Гевгелија е изградена во 1873 година, а железничката пруга од Скопје до Табановце во 1887. Оттогаш наваму многу малку е инвестирано во изградбата и рехабилитацијата на железничката инфраструктура во нашата држава – рече Груевски.
Дел од активностите, додаде премиерот, беа започнати уште во деведесеттите години, но поради неодговорност и несериозност на претходната владејачка гарнитура, проектот беше прекинат во 2004 година.
Првата фаза од овој проект изнесува околу 46 милиони евра, втората 145 милиони евра, а за третата фаза ќе се користат средства од Европската банка за обнова и развој, од Европската инвестициска банка и од ИПА-фондовите на ЕУ.
Според проектот, “Вибе” ќе треба да изврши рехабилитација и доизградба на горниот и на долниот строј на железничката пруга Куманово – Бељаковце, а предвидени се и три станични згради, четири стојалишта, три моста, една тунелска цевка, осум подвозници и шест надвозници, пет километри станични колосеци, пристапни патишта со новопроектираните подвозници и надвозници, сигнализација и телекомуникации, електрификација и сета неопходна инфраструктура.
За другите две делници – од Бељаковце до Крива Паланка (34 километри) и од Крива Паланка до Деве Баир (24 километри) – во Министерството за транспорт и врски преземаат активности за подготовка на документација и обезбедување пари.