Бунарџик

20 КОМПАНИИ ГОДИНАВА ЌЕ ГРАДАТ ФАБРИКИ ВО МАКЕДОНИЈА

Соња Јованова-Наумовска
(Преземено од МРТ)


Во слободната економска зона Бунарџик во моментот функционираат Џонсон Контролс, Џонсон Мети, Ван Хол, Текнохозе, Кемет електроникс и Протек груп. Според најавите, наесен и турски Менсан ќе ги удри темелите на својата фабрика…
Македонските власти за годинава се оптимисти во поглед на привлекувањето странски инвестиции. Најавите се дека близу 20 странски компании годинава ќе започнат со изградба на нови капацитети во земјава.
Во слободната економска зона Бунарџик во моментот функционираат Џонсон Контролс, Џонсон Мети, Ван Хол, Текнохозе, Кемет електроникс и Протек груп. Според најавите, наесен и турски Менсан ќе ги удри темелите на својата фабрика во Бунарџик. Турците од зоната ќе произведуваат дискови за сопирачки. Ќе инвестираат пет милиони евра и ќе ангажираат 100-тина работници.
Постоечките пак, Џонсон Мети и Текнохозе веќе се одлучија за изградба на уште по еден погон.
Џонсон Мети, која важи за број еден извозник од земјава, лани есента ја отвори својата втора фабрика во Бунарџик. Инвестицијата чини 60 милиони евра и со неа треба да се вработат уште 200 лица. Новите погони имаат дополнителни две ленти и вкупен капацитет од 10 милиони лесни автокатализатори. Моментално имаат 500 вработени.
„Имавме голем успех со првата инвестиција, но се јави потреба за отварање нов погон во овој регион, особено со донесувањето на новата европска регулатива која важи веќе од годинава, и со која ќе се зголеми побарувачката за нашите производи. За годинава исто така планираме раст, поголем од минатата година“, вели Џатин Такрар, генерален директор на Џонсон Мети.
И фабриката на Текнохозе, минатата година удри камен темелник за изградба на втора фабрика. Се очекува да биде готова до јуни, со која бројот на вработени ќе се заокружи на 160. Компанијата, во Македонија регистрирана како Витек произведува гумени армирани црева со примена во градежништвото но и во автомобилската индустрија.
„Во јуни ќе треба да биде готова втората фабрика, годинава ќе одиме со старата количина на производство, догодина ќе се зголеми за три до четири пати продажба, од лани нема зголемување на вработените- 32-ца сме а треба околу 160 да бидеме“, вели Јован Поповиќ, менаџер на Витек.
Сите фабрики во Бунарџик вработуваат близу 3 илјади луѓе.
Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Виктор Мизо, вели дека годинава се очекува зголемување на извозот од зоните.
„Според најавите од европските економии, годинава ќе има излез од кризата, тоа ќе биде добро и за компаниите тука“, вели Мизо.
Странските компании во земјава се оние кои во последниве години ја подобруваат сликата на домашниот извоз. Лани, фабриките од зоните оствариле 25 % од вкупниот македонски извоз, а се проценува дека за три години, со отворање на новите, најавени капацитети, тој процент ќе достигне дури до 50%.