Германскиот министер за Европа Михаел Рот во колумна за весникот “Велт” порача:

СОФИЈА НЕ МОЖЕ ДА ГО ДРЖИ ВО ЗАЛОЖНИШТВО ПРОШИРУВАЊЕТО НА ЕУ


Софија не може да го држи во заложништво проширувањето на ЕУ, порача германскиот министер за Европа Михаел Рот во колумна за весникот „Велт“, упатувајќи нови критики на сметка на Бугарија од официјален Берлин, пренесе „Дојче веле“.

Рот во колумната посветува големо внимание на на проширувањето на ЕУ и блокадата на Бугарија за напредокот на Македонија, иако тема на текстот е 25-годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор.
– Албанија и Северна Македонија постигнаа многу на својот пат кон ЕУ. Исполнија една амбициозна реформска агенда и не дозволија да бидат сопрени од разни пречки. Со решавањето на спорот за името со Грција, Северна Македонија испиша историја во вистинската смисла на зборот. Оттука зеленото светло за почеток на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија беше вистинскиот и потребниот чекор. Сега мора во најкус рок да се одржат Меѓувладините конференции со двете земји, откако ќе се исполнат условите. Германија силно се заложи за тоа во рамките на своето претседавање со ЕУ – пишува Рот.

Тој додава дека „ЕУ мора да си го исполни ветеното и да испорача“, и оти Бугарија не може да ги наметнува своите билатерални барања на европско ниво.
– Пристапниот процес не смее да се одложува во недоглед затоа што една единствена членка на ЕУ од него прави заложник на сопствените билатерални барања – пишува Рот.

Германскиот министер оценува и дека итно се потребни позитивни сигнали за Западен Балкан.