Акад. Иван Катарџиев

ЕДНО ПАТУВАЊЕ ОД ПИРИН ВО СКОПЈЕ, ГЛАВЕН ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 1944-1989. ЧЕКОРЕЊЕ ВО ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ


Секако, во рамките на тој контекст спаѓа прашањето за одразот на Резолуцијата на ИБ врз опстојувањето на културната автономија во Пиринска Македонија. Функционално, со така поставеното прашање само по себе се наметнува сознанието за политиката на БКП по донесувањето на Резолуцијата на ИБ во Пиринска Македонија во врска со културната автономија и воопшто во врска со правото на национално самоопределување на Македонците во Пиринска Македонија.
И најпосле, во недостатокот на изворна документација хипотетички се наметнува прашањето дали при анализирањето на различните аспекти за последиците од таа Резолуција било разгледувано и прашањето за нејзиното влијание во НР Македонија и особено сред македонското национално малцинство во Бугарија и конкретно за продолжување на политиката на културна автономија во Пиринска Македонија во рамките на Бугарија.
Рационално погледнато, ако се има предвид политиката на СССР уште во текот на Втората светска војна за иднината на Македонија, политика која беше доста непредвидлива и би рекле опортунистичка, потоа за односот кон македонското прашање од пролетта на 1944 година, сугестиите на Сталин во јуни 1946 година Георги Димитров да им даде на пиринските Македонци прав ана културна автономија, нема да има никакво сомневање дека при конципирањето на политиката на Резолуцијата на ИБ било присутно и македонското прашање. Како и на кон начин тоа било третирано и што конкретно било заклучено тоа е веќе друго прашање.
Во поткрепа на претпоставката дека македонското прашање било присутно во разговорите во врска со донесувањето на Резолуцијата на ИБ и за очекувањата од прифатените решенија, може да послужи и политиката на БРП и бугарската држава што ќе ја спроведува спрема македонскиот народ и државата НР Македонија и уште повеќе спрема рушењето на резултатите што беа постигнати во Пиринска Македонија во афирмацијата на културната автономија пред објавувањето на Резолуцијата.
Секако за создавањето на една комплетна и релативно достоверна слика за овој проблем потребна е и објективна анализа на историскиот развој на македонското малцинство во Пиринска Македонија најмалку од крајот по завршувањето на Првата светска војна па до создавањето на АСНОМ-ска македонска држава.
Но, посебно значење има анализата на политиката на Бугарија спрема Македонија и Југославија од објавувањето на Резолуцијата на ИБ во 1948 година до распаѓањето на комунистичкиот систем и паѓањето на Тодор Живков од власт 1989 година.
Во настојувањето да се покаже како верен и доследен сојузник на СССР веднаш по објавувањето на Резолуцијата на ИБ Бугарија презеде низа мерки со што сакаше да ја истакне својата верност кон големиот брат.
Во односот со Југославија на 10 октомври 1949 година и официјално го „раскинала договорот за дружба, соработка и меѓусебно помагање со Југославија“. Во месец февруари 1950 година е одржано советување со кружните активи на партијата на кои меѓу другото е прифатена паролата „Пиринскиот крај е единствениот слободен крај на Македонија. Пред Македонците во овој крај стои честа, да го дигнат знамето за ослободување на Македонија од грчките монархофашисти и титовите палачи“. Во 1951 година Владимир Поптомов бил задолжен да подготви Тези за раководствата на партиските комитети и организации во пиринскиот крај и до комунистите во културните друштва на македонската емиграција и нивната активност по македонското прашање. (Види Милан Груев, Насилие и идентичност. Пиринска Македонија во етно-националната политика на комунистичкиот режим во Бугарија, Софија 2011, стр. 92-93).

(Продължава в следващия брой)