Акад. Иван Катарџиев

ЕДНО ПАТУВАЊЕ ОД ПИРИН ВО СКОПЈЕ, ГЛАВЕН ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 1944-1989. ЧЕКОРЕЊЕ ВО ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ


Исто така во партиските документи, почнувајќи од оние на 16 Пленум, како и од одржаниот 5 Конгрес на БКП 1948 година од документите на Јануарскиот Пленум на 1950 година ништо за тоа не се говори. Акцентот е секогаш на македонското прашање пред и по Резолуцијата на ИБ. Ништо не е речено за политичката ситуација во областа иако, во пролетта на 1948 година, во месеците март и април во св. Врачка околија доаѓа до бунт којшто се проширил на голем дел на округот. Нема да биде пренагласено, и уште помалку антибугарско ако се каже дека историскиот развој на Пиринска Македонија по нејзиното приклучување кон Бугарија по Мировната конференција во Париз 1919 година до 1989 година (период потоа не е предмет на оваа студија), е крајно турбулентно. Виновник за оваа турбулентна ситуација е активноста на новооснованата ВМРО во 1920 година под раководство на Тодор Александров, Александар Протуѓеров, и Иван Михајлов и на нивната милиција.
Особено трагично е времето на владеењето на Иван Михајлов по убиството на Тодор Александров на 31 август 1924 година. Тоа е време на жестока репресија безогледни масакрирања, несигурност, без оглед на економската експлоатација, војни даноци, на акумулација на гнев и негативна енергија во душата на луѓето. Тоа ќе биде причина за осветољубие во време на политичките промени во Бугарија од 9 септември 1944 година наваму.
За периодот по 1930 година во св. Врачка околија како израз на беззаконието царува самоволие . Од тоа време во меморијата на луѓето е останат афоризмот „дедо Кољо леко Коле“.
А тоа елитата на новата власт од 9 септември 1944 година не го заборавила. Всушност по промената на удар се бившите поткажувачи на Михајлов што уште биле живи.
Во периодот од 1930 година во св. Врачка околија, како израз на беззаконието царува самоволието. Е тоа новите власти по 9 септември 1944 година не го беа заборавиле.
Веднаш по промените на удар се бившите поддржувачи на Иван Михајлов, потоа побогатите селани, граѓаните и др.
Тешко е да се каже колку луѓе по промената на власта биле убиени или затворени. Во Разлошката околија биле уапсени околу 89 души. Од нив 39 биле осудени на смрт, 35 на доживотен затвор и 14 луѓе на времени казни. Колку биле во затворите отерани без судење не е познато. На пример, во св. Врач 10 души биле осудени на доживотен затвор, а други 26 на помали казни. Не е познато колку луѓе веднаш по промените биле убиени, а телата им биле расфрлани по ендеците, потоците и браздите по која течела вода за садење на тутун.
Ноќта на 4 октомври 1944 година, во Неврокопска околија судот осудил 27 души на смрт, а други 39 биле стрелани. Жените и децата на осудените или стреланите биле интернирани во северните делови на Бугарија. Во месец јули 1946 година, во Софија и во цела Пиринска Македонија биле уапсени 300 души (види зборникот „Политика, насилие и памет“, Комунистичкиот режим во Пиринска Македонија. Софија 2011, стр. 68-73).
Господинот архитект Крсто Ив. Павлов во својата книшка спомени за Никола Иванов Јанкулов „наведува, врз основа на записниците од Гимназијата од св. Врач дека за 6 години биле исклучени 33 ученика за анархизам, стр. 73)“.
Во првите пролетни месеци на 1948 година во св. Врачка околија дошло до силно антирежимско движење наречено „Горенско движење“. На чело на ова движење бил Герасим Тодоров од с. Влахи. Ова движење само во помали размери имало и во село Плоски. Овде на чело на ова движење биле браќата Рујчеви. Антирежимското движење на Герасим Тодоров зафатило голем број од селското население во св. Врачка околија и се префрлило во границите на Радошка околија, а оттаму до пределите на Неврокопска околија. Тоа се смета како најголемо антирежимско движење во Бугарија. За неговото задушување биле употребени големи полициски сили. Сите села што се наоѓале на планинскиот масив Пирин по еден месец биле блокирани, а немале право на никакви контакти со соседните населби.
Во време на полициската акција за задушување на Горенското движење во округот бил воведен голем терор. На селаните им било забрането да ја напасува својата стока, луѓето што работеле по нивите не можеле рано да одат на нива ниту доцна да се враќаат дома. Била забранета секаква работа во шумите на Пирин.
Виктор Цветановски, македонски новинар кој во крајот на ХХ и почетокот на ХХI век бил дописник на македонски весници во Софија, како резултат на неговото новинарско љубопитство отишол во Пиринска Македонија за на лице место да се запознае со настаните поврзани со Горењското движење и односот на бугарските власти кон Македонците во округот. Посетил повеќе села и се сретнал со многу луѓе што биле малтретирани од властите. Неговите информации ги објавуваат во весниците во Македонија. Тоа го предизвикало бесот на власта поради што бил протеран од Бугарија. Своите белешки од патувањата по селата во Пиринска Македонија и средбите со луѓето во 2012 година Виктор ги објави во 3 книги. Во една од нив под наслов „Македонците во Бугарија. Непризнати и обесправени“. (Ирис, Струга, 2012 година). Пишува за посетата на селото Влахи во Санданска околија, а родното место на водачот на бунтот Герасим Тодоров, како и за националните чувство на луѓето. Бунтот на Герасим Тодоров од Влахи и на браќата Рујчеви од Плоски е предмет на опсервација на бугарските научници, историчари, социолози итн.
Особено е привлечна темата за програмската цел на бунтот. Дали бунтот имал македонски карактер или бил антимакедонски, какви биле неговите цели, пред се, антикомунистички, но дали биле и антибугарски. Во тој поглед има две теории: едната на социологот Михаил Груев изнесена во неговата студија „Насилие и идентичност во Пиринска Македонија во етнонационалните политики на комунистичкиот режим во Бугарија“ (стр. 20-21). Втората теорија е на д-р Стојко Стојков во статијата што во продолженија ја објавува во весникот „Народна волја“ бр. 6 и броевите потоа под наслов „Масовна маргиналност“. Треба да се каже дека Михаил Груев како и Чавдар Маринов во негата студија „ _________“ кога говорат за карактерот на отпорот на Македонците во Пиринска Македонија против комунистичкиот режим, се движат помеѓу објективноста и опортунизмот што за луѓе со бугарско национално чувство е сфатливо.
Груев за да го избегне непосредното изјаснување за националните стремежи на Македонците во Пиринска Македонија, за националната самоидентификација во помош го повикува теоретскиот вокабулар. И тоа е негово право. Но сепак, вистинска реална оцена на настаните, т.е. за правото на слобода на пиринските Македонци значење имаат фактите како аргументи и теоретска фразеологија.

(Продължава в следващия брой)