40 ГОДИНИ ВЕСНИК „НАРОДНА ВОЛЈА“

СОКРОВИШНИК НА МАКЕДОНСКИОТ НАЦИОНАЛЕН ИДЕНТИТЕТ

Проф. Тодор Чепреганов


„Народна Воља“ – 40-ет години сокровишник на македонскиот национален идентитет, јазик, обичаи и култура на Македонците од Пиринска Македонија. Име кое ги влече корените од истоимениот весник кој излегувал во почетокот на XX век од Јане Сандански и неговите прврзаници што зборува за колективната меморија на Македонците од Пиринска Македонија кон историските личности и настани.

Весник кој 40-ет години стои на браникот на македонизмот против постојаното негирање на државните институции на Бугарија дека македонско малцинство не постои.

Од самото свое формирање во Сиднеј (Австралија), па преку Лондон (Велика Британија) и Благоевград (Бугарија) на своите страници, сите овие години, ја пренесува вистината за Македонија, вистината за историјата на Македонија, со историски факти и документи, а посебно се она што го прават бугарските официјални институции во однос на негирањето на опстојувањето на се што е македонско во Бугарија.

На своите страници донесува материјали од повеќе жанрови во кои доминираат пркосот, достоинството, опстојбата, самопочитувањето. Ги запознава своите читатели со локалните настани и личности кои оставиле своја неизбришлива трага во борбата за еманципација на македонското име, јазик, обичаи и култура и за прогоните на лица од бугарските државни органи во Пиринска Македонија. Исто така на нејзините страници се наоѓаат и написи кои се однесуваат и на актуелната политичка состојба во Република Македонија. Читателите на весникот имаат можност да се запознаат и со многу историски написи во кои посебно внимание се посветува на историската опстојба на Македонците во Пиринска Македонија од најстари времиња до денес.

За жал, денес со потпишувањето на договорот со Бугарија за пријателство и добрососедство, македонската политичка елита го избриша постоењето на македонското малцинство во Бугарија и не покажува никаква грижа за него. Остави тоа да биде (не)грижа на бугарската држава. Од искуството од минатото не му се пишува добро ниту на весникот, ниту на самите Македонци во Пиринска Македонија.Уште повеќе, што Бугарија како членка на Европската Унија, самата не ги почитува пресудите донесени во корист на македонските организации од Пиринска Македонија за нивното постоење.

Но пирејот неможе да се уништи, колку повеќе го уништуваш погусто расте. 40-ет годишнината од „Народна воља“ само го потврдува тоа.

ЧЕСТИТ ЈУБИЛЕЈ И НАДЕЖ ЗА НЕПРЕЧЕНО И НЕПРЕКИНАТО ИЗДАВАЊЕ

Проф. д-р Тодор Чепреганов