40 ГОДИНИ ВЕСНИК „НАРОДНА ВОЛЈА“

ВОИНОТ Е ВОИН И КОГА Е САМ

Проф. Стефан Влахов-Мицов


Не еднаш сум кажал дека македонските национални малцинства во Бугарија, Грција и Албанија, како и во македонската дијаспора во светот се поголеми Македонци во споредба со Македонците во преименованата Република Македонија. Затоа што во матична Македонија македонството го добиваш на дланка со раѓањето, додека во соседските земји мора да се бориш за својата македонска припадност, достоинство и чест. Сведоци сме дека даденото и подареното лесно се продава, затоа пак добиеното преку малтретирања и тортури се брани до последен здив.

Македонското национално малцинство во Бугарија и неговиот весник „Народна волја“ ги потврдуваат зборовите на поетот Гане Тодоровски: „Колку сме, толку сме, токму сме“. Македонството не е квантитет, туку квалитет. За да бидеш Македонец не е доволно македонското потекло. Потребен е македонски дух, македонска цврстина, македонска сила и упорност. Македонството е привилегија, но и обврска и таа обврска не сите родени Македонци можат да ја исполнат. Истовремено се знае дека луѓето ја создаваат Историјата, но се проектира од еминентните личности на секој народ. Во таа смисла и весникот „Народна волја“ ја има својата личност – Георги Христов, кому целосно му одговара псевдонимот Јан Пирински. „Народна волја“ е продолжение на истоимениот весник на „Царот на Пирина“ Јане Сандански. Продолжение како идеа и делување, како борба за слобода на заробените Македонци. 40 години борба на весникот за македонската вистина и скоро 90 години од животот на неговиот главен уредник посветен на таа вистина.

Во последните 30 години откако „Народна волја“ започна да излегува во Пиринска Македонија, и весникот и Георги Христов растеа и созреваа во секојдневната борба за одржување на македонската самосвест, за охрабрување на Македонците во Бугарија да ги надминат сите тешкотии од грубо негирање до полициско насилство, апсење и политичко судство од бугарската шовинистичка власт. „Народна волја“, редакцискиот состав и главниот уредник ниту еднаш не подлегнаа на притисоците кои доаѓаа не само од власта, туку и од матична Македонија, не го сменија ниту го ублажија својот став во однос на историската правда за Македонија и Македонците. Нашите Македонци на свој грб знаат дека владите се менуваат, конјуктурата си го бара своето, ама македонското свето име е над сé – над партии, привремени влади, балкански и светски заплашувања.

Во изминатиот 40 годишен живот на „Народна волја“ тој е вистински столб на македонскиот духовен непокор, трн во око на македонските душегрижници во Бугарија и поткрепа на сите чесни луѓе во Бугарија. Весникот излегува на македонски и на бугарски јазик, затоа што во Бугарија има и немакедонци, кои се спротивставуваат на бугарскиот шовинизам и асимилација, а истовремено не го знаат македонскиот јазик. Така што, текстовите на бугарски јазик се израз на почитување кон нив. Од друга страна, пишувањето на македонски и на бугарски јазик е очигледен доказ за посебноста на едниот и другиот јазик, како што се посебни и македонскиот и бугарскиот народ.

Одговорно тврдам дека денес во уништуваната и од внатре и од надвор Република Македонија нема ниту еден весник како „Народна волја“ – со моќен македонски дух, без врткање и улизување на привремени моќници, чесен и отворен „без влакно на јазикот“. Георги Христов пак ми наликува на оние војсководци на Александар Македонски, за кои тогашните летописци пишуваат дека иако биле веќе 70-годишни учествале во првите борбени редови на неговата армија. Годините не им можеле ништо. Тие ги победубале и годините и Времето.

НЕКА Е ЧЕСТИТ 40-ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ НА „НАРОДНА ВОЛЈА“, ВЕСНИКОТ КОЈ ГО ПОБЕДУВА ВРЕМЕТО!