Акад. Иван Катарџиев

ЕДНО ПАТУВАЊЕ ОД ПИРИН ВО СКОПЈЕ, ГЛАВЕН ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 1944-1989. ЧЕКОРЕЊЕ ВО ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ


Поради тоа особено е интересно и важно да се проследи развојот на бугарската антимакедонска политика во следниот период до симнувањето на Тодор Живков и на БКП од власт во Бугарија, но и на прагматичната полициска антимакедонска дејност.
Реално, позитивниот однос на Бугарската комунистичка партија и Бугарската држава спрема македонската културна автономија во Пиринска Македонија постоела една година и неколку месеци. Временски таа се ограничувала помеѓу август 1946 и првите месеци на 1948 година.
Уште во првите месеци на ревизијата по објавувањето на Резолуцијата се индицирани сите елементи на големобугарската политика кон Македонците во Пиринска Македонија, но и кон македонската држава НР Македонија. Проблематизирани се сите атрибути на македонскиот идентитет: култура, образование, македонскиот јазик итн.
Во ревизијата на таа политика на прво место се експонираат некои етнички и политички елементи кои создаваат искривена слика за периодот на позитивната соработка меѓу двете држави и двата народа.
На светлоста на денот злонамерно како ехо на минатите времиња се укажува на нешто што никој паметен во тоа време не би го спомнувал. Така во Резолуцијата на ЦК на БРП(к) од месец април 1948 година се вели дека во Пиринска Македонија покрај Македонците имало и други националности, Бугари, Турци итн. Како некој да го оспорувал тоа. Меѓутоа, спомнувањето дека во Пиринска Македонија живеат и Бугари има друга цел, да се проблематизира прашањето за културна автономија на Македонците во Областа и со тоа да се разгори пламенот на антимакедонизамот и шовинизмот. Во продолжение демагошки се обвинува македонската страна дека во Пиринска Македонија задолжително било изучувањето на македонскиот јазик, дека луѓето што се чувствувале Бугари да се изјаснуваат како Македонци итн. Колку подло подметнување. Па зарем било можно една сиромашна новосоздадена македонска држава, која со сите сили се трудела да се извлече од бедотијата да пројавува колонијални аспирации, да македонизира 200 илјади сиромашни Македонци, повеќето од нив неписмени селани.
Целта на оваа националистичка пропаганда била да се потхранува бугарскиот шовинизам, да се создава антимакедонска атмосфера во Бугарија со фамата дека Македонците од Република Македонија насилно ги македонизирале „Бугарите во Пиринска Македонија“. Па зар е можно една област која се наоѓала под бугарска власт во училиштата со кои раководело Бугарското министерство за просвета со сила да се наметнува учењето на македонски јазик. Да не е трагично би било мачно. Зарем толку брзо заборавила бугарската пропаганда што на 7 февруари 1948 година Обласната училишна инспекција во Горна Џумаја им напишала на околиските училишни инспектори, директори и управители во Горно Џумајската област за изучување на македонскиот јазик. Па зарем толку многу ги потценувала бугарската пропаганда луѓето во Пиринска Македонија сметајќи дека тие заборавиле за директивите на просветните и културните институции за подигање на македонското национално сознание врз база на меѓудржавен договор меѓу Југославија и Бугарија. Па зарем распуштањето на Обласниот комитет на БРП(к) во Горна Џумаја три месеци пред резолуцијата на ИБ било дело на македонската пропаганда и тоа без збор и објаснување можело да помине како онаа народната „ни лук јал ни на лук мирисал“.! Распуштањето на ОК во Горна Џумаја значело деградирање на неговите членови, познати борци учесници во антифашистичката борба во текот на Втората светска војна во Пиринска Македонија. Токму распуштањето на Обласниот комитет во Горна Џумаја е жежок костен за националистичката пропаганда во Бугарија како тоа уверливо да го објасни дека токму членовите на ОК беа најактивно ангажирани за воспоставувањето на културната автономија во Пиринска Македонија. Во прилог на неуверливоста на бугарската пропаганда зборува и брзината со која ЦК на БРП(к) го организирал одржувањето на 16 Пленум на партијата со цел што е можно побрзо да го затвори процесот на јакнењето на македонската свест во Пиринска Македонија.
Како што е познато на 28 јуни 1948 година е објавена Резолуцијата на ИБ против Југославија и веќе на 12 и 13 јули е одржан 16 Пленум на ЦК на БРП(к).
Едноставно Бугарската комунистичка партија која веќе неколку месеци систематски го саботирала развојот на културната автономија на Пиринска Македонија, по објавувањето на Резолуцијата побрзала и формално да се ослободи од тоа зло со кое била задолжена да го признава и почитува правото на Македонците на национално самоопределување. Ваквата обврска за БРП(к) претставувала кошмар. Тој кошмар е присутен и во најсуштествениот дел од решенијата на Пленумот. Во него се вели дека предвиденото со Бледската спогодба приклучување на Пиринскиот крај кон НР Македонија и враќањето на западните краишта кон Бугарија ќе биде реализирано во рамките на една општа федерација на јужните Словени. До тогаш пиринскиот крај и западните покраини остануваат под суверенитетот на соодветните држави давајќи му на населението културна автономија.
Но тоа што е најважно, за да се оправдаат објавените решенија на пленумот, тоа е констатацијата дека „Спогодбата систематски била нарушувана од југословенските, и особено од македонските раководители кои со својата политика во Пиринскиот крај фактички создале недозволена положба на држава во држава“.
Втор значен момент кој има карактер на стратегиска определба е тоа дека во „Народна Република Македонија се прогонувала секаква пројава на бугарска национална свест кај населението и му се негирало правото на национално малцинство на бугарскиот елемент“.
Како резултат на така конципираните решенија Пленумот заклучил: „Поради новосоздадената положба во Југославија, евентуалното присоединување на пиринскиот крај кон НР Македонија“ ќе биде можно тогаш кога Југославија ќе се врати во составот на лагерот. Во исто време на практичен план во Резолуцијата се предупредува „да се ликвидира секакво нарушување на суверенитетот на Бугарската држава во пиринскиот крај; да се прекине секако неконтролирано поминување на границите меѓу НР Македонија и пиринскиот крај, да се протераат разните емисари, учители, книжари и други, да се отфрли практиката на принудно изучување на официјалниот македонски јазик од страна на чиновниците итн.“ (ЦК од признавање до негирање, стр. 139-142).
Оваа Резолуција на 16 Пленум на БРП(к) од јули месец 1948 година е врв на комунистичкиот догматизам и ароганција. Таа во својата суштина претставува повеќе на линч на сите оние Македонци во Пиринска Македонија кои веруваа дека слободно можат да го изразуваат своето македонско национално самочувство. Но таа резолуција е во исто време и стратешка определба на политиката на Бугарската комунистичка партија во врска со правото на Македонците на самоопределување во Пиринска Македонија која ќе биде присутна во секојдневната политика на партијата.
Колку таа била арогантна најдобро може да се види од текстот што е објавен во кој нема никаква информација за водената дебата на Пленумот за тоа колку души учествувале во таа дебата, какви биле нивните предлози, колку тие биле прифатени, колку биле спротивни на политиката на Партијата што ја спроведувала во пиринскиот крај итн.
Единствено за сето тоа е дадена куса информација во весникот „Работническо дело“ од 15 јули 1948 година. Во неа се вели дека Пленумот го ислушала рефератот на Георги Димитров за изводите што БРП(к) треба да ги направи во врска со критиката на ЦК на ВКП (болшевици) и Информбирото за антимарксистичката и антисоветска позиција на југословенското раководство“. Уште се додава: „Во рефератот на Георги Димитров и дискусијата што се водела потоа била критикувана работата на партиското раководство во светлината на поуките од кризата во КПЈ на сериозни процени и смела болшевичка критика и самокритика“. И тоа е се. Најобична демагошка изјава. Во информацијата од Пленумот нема акценти од говорот на Георги Димитров освен фразата со која се злоупотребува неговото име и политичкиот дел.

(Продължава в следващия брой)