Акад. Иван Катарџиев

ЕДНО ПАТУВАЊЕ ОД ПИРИН ВО СКОПЈЕ, ГЛАВЕН ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 1944-1989. ЧЕКОРЕЊЕ ВО ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ


Денес достапните документи говорат дека ограничувањето на просторот на раководните кадри на БРП(к) во Пиринска Македонија за релативно слободно практикување на политиката за културна автономија и за тесната соработка на Македонците од Пиринска Македонија со НР Македонија започнале во месец јануари 1948 година. Шест месеци пред објавувањето на Резолуцијата на ИБ. За тоа имам и лично искуство, но и релевантна документација од органите на БРП(к). Како сопствено искуство ќе го наведам следниот пример: „во почетокот на месец декември 1947 година поради здравствени причини од Скопје си отидов дома, во Св. Врач, за консолидација на моето здравје. Во градот бев дочекан срдечно од моите политички пријатели во Околискиот комитет на Партијата. Поради големиот интерес за работата на Универзитетот во Скопје бев замолен да напишан информативна статија за Универзитетот. Беше договорено да биде поставена на градскиот ѕиден весник. Јас тоа со задоволство го сторив. Статијата беше добро прифатена. На ѕидниот весник беше на видливо место истакната. Весникот беше изложен во излогот на Народната банка. Таа се наоѓа на главната улица во центарот на градот. Носеше наслов за „Работата на новиот македонски универзитет во Скопје“.
Додека бев во Сандански често одев во Околискиот комитет на разговор. Атмосферата беше другарска, пријатна. Тоа траеше до половината на месец јануари 1948 година. Еден ден осетив дека повеќе не сум добредојден во Комитетот. Луѓето со кои разговаравме, а некои од кои порано ги доведов на работа во Комитетот почнаа да ме избегнуваат. Еден ден на враќање дома поминав покрај банката. Видов дека мојата статија е отстранета од ѕидниот весник. Другите материјали си стоеја на своите места. За тоа никој ништо не ми рече што порано не можеше да се случи. Почувствував дека нешто лошо се случува. Во своите размислувања за причините на оваа појава дојдов до претпоставка дека нешто на линија Софија – Скопје – Белград не оди како што треба. Во ваква состојба не очекувајќи ништо добро, со оглед на историското искуство, решив пред време да се вратам во Скопје, иако семестралниот распуст уште траеше. Во Св. Врач, 6 месеци пред објавувањето на Резолуцијата се почувствував непријатно и решив: дека е подобро да се вратам во Скопје пред нешто непредвидливо да се случи. Денес, врз основа на достапни документи со кои располага науката се гледа дека од месец март 1948 година ЦК на БРП(к) испраќал директиви до околиските комитети во Пиринска Македонија со кои ја ограничувал нивната слобода на активност по прашањето на културната автономија и во соработката со НР Македонија.
Всушност, уште на Советувањето, во јануари 1947 година, со партиските кадри од Пиринска Македонија, Червенков се закани со ограничување на нивната слобода на однесување. Но, таа закана во 1947 година не беше спроведена во дело. Освен тоа, директивните писма на ЦК на БРП(к) до околиските комитети во Пиринска Македонија се многу повеќе од вербалното заканување на Червенков.
Се чини, барем е тоа мојот заклучок, дека првиот чекор во ограничувањето дејноста на околиските комитети е направен со расформирањето на Обласниот комитет на Партијата во Горна Џумаја. Бил обвинет дека многу се истрчал по прашањето за реализација на културната автономија во Пиринска Македонија.
Потоа, во месец април 1948 година до околиските комитети на Комунистичката партија во Пиринска Македонија, ЦК испратил директивно писмо од 4 точки. Во април 1948 година со секретарите на општинските комитети во Пиринска Македонија била одржана конференција. На таа конференција присуствувале: Ѓорѓи Чанков, Владимир Поптомов и Крсто Стојчев. На 25 април 1948 година во Горна Џумаја била одржана Конференција на ОФ комитети од цела Пиринска Македонија. На Конференцијата говорел Владимир Поптомов. По Конференцијата било испратено писмо до Владата на НР Македонија. Во писмото на ЦК на БРП(к) од 4 точки, две се чиста демагогија во која се подвлекува важноста на НР Македонија за обединување на деловите на Македонија што се составен дел на НР Бугарија и Грција. Тоа е израз на настојувањето веднаш и радикално да не се форсира раскинот со Југославија што тешко би го прифатиле Македонците во Пиринска Македонија. Вистински одраз на новата политика, што ја прифатила партијата и државата се наоѓа во точките 3 и 4 во писмото. Во точка 3 се вели: „Бугарските власти во Пиринска Македонија ќе спроведуваат специјална национална културна политика во корелација со политиката на Бугарија по тоа прашање“. Во точка 4 се вели: „Треба да се води сметка дека во Пиринска Македонија покрај Македонците живеат и други националности, како Бугари, Турци итн. Не може на сила да се македонизираат. Треба на секој да му се овозможи да се определи како Бугарин или Македонец.
За да се објаснат наведените инструкции била закажана конференција со претставници на ЦК и на секретарите на околиските комитети во Пиринска Македонија. Покрај тоа, до учесниците на Конференцијата била испратена следнава директива: „1. Секретарите на околиските комитети од Пиринска Македонија не смеат да одржуваат директни врски со НР Македонија. Во иднина сите работи ќе се решаваат само преку Софија и Белград; 2. Бившиот Обласен комитет на БРП(к) за Пиринска Македонија во своето делување по македонското прашање премногу се затрчал и скренал во лево“.
Во наредните три точки се нагласува дека членовите на бирата на општинските комитети може да бидат и Бугари ако се чувствуваат како такви, да се биде претпазлив спрема антибугарското однесување на учителите од НР Македонија. „Да се предупредат раководителите кои се за присоединување и соработка со НР Македонија на Конференцијата на ОФ во Горна Џумаја да не ги критикуваат партиските раководители, ниту економската политика на партијата во Пиринска Македонија и да ги одбегнуваат дискусиите со учителите од НР Македонија“.
На 25 април 1948 година во Горна Џумаја била одржана Конференција на Отечествениот фронт. На Конференцијата зборувал Владимир Поптомов. Тој рекол дека за разлика од Југославија, Бугарија се придржува до Бледската спогодба. „Со културната активност во Пиринска Македонија треба да раководат бугарските власти“ итн.
По одржувањето на Конференцијата на ОФ во Горна Џумаја до Владата на НР Македонија била испратена информација од 5 точки и тоа: 1. Соединувањето на Пиринска Македонија со НР Македонија може да се изврши по создавањето на Јужнословенската федерација бидејќи така било решено во една тајна (?) клаузула на Бледскиот договор; 2. до соединувањето Народна Република Македонија своите врски со Пиринска Македонија може да ги одржува само преку Белград и Софија бидејќи постоечката практика го нарушува суверенитетот на НР Бугарија и на договорот од Блед; 3. со активностите за подигнување на македонската национална свест премногу се истрчало напред и на таков начин се отстапило од вистинскиот пат. Во оваа работа е применувана сила во училиштата задолжително да се учи на македонски јазик, луѓето се принудувале што се чувствувале Бугари да се декларираат како Македонци итн.
Во тоа време по информацијата на брат ми Борис, кој живее во Пловдив, тројца цивилни лица дошле дома да ме побараат.
Се шири антибугарско мислење како последица на југословенско-македонскиот шовинизам и пак се повторува дека подигнувањето на македонското чувство и култура може да се развива само под раководството на бугарската државна власт.“ (Архив на МАНУ, Фонд Иван Катарџиев, архивска единица Македонска мањина у Бугарској и Грчкој, фасцикла 2).
Цитираните документи немаат потреба од коментари. Едноставно што треба да се каже во нив е инкорпорирана суштината на големобугарскиот шовинизам.

(Продължава в следващия брой)