Интервју со историчарот проф. Стојко Стојков

МАКЕДОНСКАТА НАЦИЈА ЌЕ ОПСТАНЕ, А С ТОА И МАКЕДОНСКАТА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА!

(По македонскиот печат)


СТРУМИЦА ДЕНЕС: Комисиите најдоа заеднички јазик за Цар Самуил, на пат се тоа да го сторат и за Гоце Делчев. Вашиот став за овие две важни историски прашања?

СТОЈКО СТОЈКОВ: Не мислам дека имаат најдено заеднички јазик ни за Самуил. Се судираат две наполно различни разбирања во комисијата. Македонската страна се обидува да се држи во научни рамки и да ги третира државите и појавите на средновековниот Балкан како не-етнички, додека бугарската страна се држи во рамката на националната митологија и идеологија и се стреми да ја наметне невистината дека средновековната историја на Македонија е нивна бугарска национална историја. Првите се држат како научници поставени под политички притисок, а вторите како национални идеолози кои исполнуваат политичка нарачка. Постигнатите формули се разбираат различно и тоа не е „заеднички јазик“, туку „изгубени во преводот“. Македонските колеги гледаат во комисијата шанса двете историографии да се ослободат од одредени слабости наследени од минатото, а бугарската – да ги замени силните и слабите страни на само едната, на македонската историографија со бугарска национална догматика. Проблемите само ќе се зголемуваат понатаму – не само за Гоце и ВМРО, но и потоа кога ќе се засегнат прашањата за појавата на македонската национална идеја и национална самосвест, за македонското малцинство во Бугарија, за јазикот и културата. Бугарскиот дел од комисијата има добиена јасна задача од политичкиот врв во Бугарија – да ја исполни официјално зацртаната цел ¬ – уште од Тодор Живков – редефинирање на македонската нација на пробугарска основа, која да се откаже од македонските малцинства надвор од Македонија и да ја прифати „бугарска основа“ и карактер на Македонците и сите нивни атрибути како јазик, историја и култура.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева неодамна запраша „што бил проблемот да се признае дека македонскиот јазик се базира на бугарскиот“. Како Вие како историчар гледате на нејзината изјава?

СТОЈКО СТОЈКОВ: Што бил проблемот? Ами тоа што не е вистина. Македонците не го сметаат или викаат својот јазик бугарски, никој во светот не го вика или смета за таков и во науката е докажано и прифатено дека е јазик различен од бугарскиот, а не регионална дијалектна норма на бугарскиот. Сите освен Бугарија и нејзините „учени“ создавани во тоталитарна идеолошка епрувета, се согласни по тоа прашање. Така што прашањето е зашто Бугарија не ја прифати научната вистина (како што милуваат да се изразуваат во Бугарија) и да запре да негира и присвојува туѓ јазик? Бугарските барања немаат ништо заедничко со вистината, била таа научна или не, туку само со нивното инсистирање да ја порекнат македонската нација и нејзиниот идентитет. Ако признаат дека македонскиот јазик не е бугарски сите нивни претензии губат смисла. Мотивацијата им е чисто идеолошка. Македонскиот јазик е ахиловата петица на бугарската позиција против Македонија – Бугарија објективно ја изгуби „битката за јазикот“ во светската наука. Нејзината наука за тоа прашање е целосно изолирана. Таа нема надеж дека со научни аргументи ќе може нешто да смени, аргументите не се на нејзина страна. Последната надеж и е во политичарите – преку политички притисок и уценување да ја натераат Македонија сама да прифати дека македонскиот јазик е бугарски и после преку таквото добиено со насилство „признание“ да ги кандисаат некако и научниците низ светот.
За жал бугарската политика е длабоко закопана во идеологијата и минатото.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Како ја оценувате работата на македонската комисија за историски и образовни прашања? Имаат ли можност на еден начин да „покажат заби“ или и тие се под голем притисок?

СТОЈКО СТОЈКОВ: Мислам дека ако македонскиот политички врв продолжи со притисокот врз комисијата нејзините членови како достојни луѓе и научници ќе поднесат оставки. Верувам во тоа. Јас во секој случај би направил така. Секој човек со достоинство би направил така! Мислам дека на оваа етапа она што ги задржува повеќето членови на комисијата е стравот дека политичарите ќе ископаат од некаде некои интелектуални амеби што ќе се согласуваат со секаква политичка порачка. Не гледам некоја иднина во работата на таа комисија. Не и додека бугарската страна сака преку неа да ја наметне својата идеологија. Притоа би додал она што сакаат да го прифатиме е една бедна, безживотна, еднодимензионална, патолошка визија на минатото, загреана во романтика на евнуси. Една таква комисија би имала смисла и шанса да постигне нешто добро само ако Македонија прво влезе во Европската унија и потоа двете страни на рамна нога започнат да преговараат за слабостите и во двете интерпретации на минатото. И без политички и идеолошки притисок. Но тогаш не верувам дека бугарската страна би посакала воопшто да има таква комисија. Последното што политичката и интелектуална елита во Бугарија би сакала да го смени е својата фантазија за минатото. А во интерес на вистината не мислам дека и македонската страна би имала желба да направи таков храбар чекор.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Дали историјата што ја учиме, студираме, што ја пишувате и предавате се евалуира во светски рамки?

СТОЈКО СТОЈКОВ: Универзитетите во Македонија и нивните програми се објект на меѓународна евалуација. Достигнувањето на светски стандарди во образованието со нашите крајно ограничени ресурси е многу тешко остварлива задача. Се стремам, историјата што ја пишувам да ги исполнува научните критериуми, да биде објективна, креативна, оригинална и на најдобро ниво. Резултатите ги презентирам на меѓународни научни конференции, и во меѓународни научни списанија. Тоа е начинот на кој научните резултати се верифицираат – преку подложување на критика и проверка од научниците во светот. Историјата што ја предавам на студентите се трудам да биде на нивото на последните достигнувања на светската наука. Колку успевам во сето тоа не е мое да судам.
Историјата е наука во постојан развој, има мноштво различни интерпретации за секое нешто, спорни се често и оние работи што ги нарекуваме факти, а дури и во ретките случаи кога имаме нешто што се смета за „општоприфатено“ – дури ни тоа не е прифатено од сите и не се смета за неспорно. Често се случува такви „општоприфатени“ работи по извесно време да бидат исто така општо отфрлени. Да се фати есенцијата од оваа постојано зовриена дебата и да се преточи во фиксирани училишни програми на едно ниво разбирливо за децата е исклучително тешка задача, која не е успешно реализирана од ниту една научна школа или образовен систем во светот.
За жал се чини дека политиката елита во Бугарија ја разбира историјата поинаку, како идеологија со „вистини“ формулирани горе и спуштани долу, и верува дека на некој начин токму таа е сопственик на „научната вистина“ и дека е нејзин долг да ја „просвети“ „помалата сестра“. Бугарската влада пред да дава ум на некој друг би требало да ги исчисти авгиевските штали во својата историја. Пред да тргне да бара сламка во наше око, да си го разглоби дуварот во своето. Македонската политичка елита пак само сака историјата „да не им создава проблеми“. Едните сакаат да направат од историјата идол и да му жртвуваат луѓе, а другите се чудат каде да ја закопаат.
Ние како и сите луѓе имаме право на слобода на научните истражувања, не само да бидеме во право туку и да грешиме. И дури и да грешиме (а не мислам дека грешиме повеќе од било кој на Балканот) не е Бугарија таа која треба да ни кажува што е правилно и како треба да мислиме. Особено не држава во која доминира такво тоталитарно и елементарно разбирање за историската наука. Ако Бог му допушта на човекот да греши што се замислуваат дека се идеолозите во Софија!? Можеби не е лошо да се погледнат во огледало и да помислат дали пак не се тие оние што грешат.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: И за крај, едно Ваше видување што ќе се случува со македонската национална историја во иднина?

СТОЈКО СТОЈКОВ: Македонската нација ќе опстане, а со тоа и македонската национална историја. Периодот што доаѓа веројатно ќе влезе во македонски учебници како време на национален отпор против бугарската антимакедонска агресија, а тоа не е нешто што може да не радува нас, а уште помалку – Бугарија. Подобро е да поминеме без тоа. Ако Бугарија сака да има пријателство меѓу двете нации треба да запре да создава нова историја што ги спротивставува, треба еднаш засекогаш да ја замени својата политика на негирање, уцена и соблазнување со политика на прифаќање, почит и пријателство. Бугарија пак ќе ги понижи и компромитира сите свои реални или потенцијални пријатели во Македонија и тоа за ништо. Што и да си мисли дека ќе постигне или нема да го биде или нема да трае. Секој компромис ќе се претвори во национално понижување и неговото отфрлање – во национална агенда. Бугарија сега на младата македонска политичка класа и држи исклучително негативната лекција – никогаш да не и веруваат на Бугарија за ништо, туку да се однесуваат кон неа како кон бескрупулозен сосед, на кој ако му завртиш грб ќе ти зарие нож, лажен пријател со кој не ти требаат други душмани. Ќе биде потребен нов половина век за да се заборави оваа безумна лекција.
Можам само да се надевам дека во овој скотоумен период македонските историчари ќе го зачуваат достоинството и нема да дозволат политичарите биле тие домашни или туѓи да им диктираат како да мислат и пишуваат. Денот кога неписмените ќе започнат да им диктираат на учените ќе биде трагичен ден за науката и за цивилизацијата и „крајот на историјата“ како наука.