По повод најновото издание на БАН со наслов

„ЗА ОФИЦИАЛНИЯ ЕЗИК НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЯ“


На 7 мај 2020 година беше промовирано најновото издание на БАН со наслов „За официалния език на Република Северна Македония“ потпишано од 12 автори и 6 надворешни консултанти, а под раководство на проф. д-р Васил Николов, заменик-претседател на Бугарската академија на науките.
Главните тези на оваа книшка ни се добро познати зашто претставуваат официјален став на бугарската лингвистичка наука за наводното „непостоење“ на македонскиот јазик, кој е побиен повеќепати со научни аргументи (Конески Б. По повод најновиот напад на нашиот јазик, Скопје 1948; За македонскиот јазик, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Посебни изданија, кн 11, Скопје 1978; Стаматоски, Т. Борба за македонски литературен јазик, Скопје 1986; Минова-Ѓуркова Л. Македонски јазик, Ополе 1998.).
По брзиот прочит (се работи за книшка од вкупно 68 страници со многу фотографии), може да се забележи дека информациите главно се паушални и тенденциозни, без цитирање соодветна литература, направен е избор на „подобни“ личности од Македонија кои се анализираат, се обвинуваат познати македонски лингвисти за плагијат и ненаучни толкувања без соодветна поткрепа, се воспеваат потпросечни македонски писатели како прочуени зашто имале пробугарски ставови, па дури и се даваат насоки за македонските научници како треба да пишуваат и каков треба да биде македонскиот јазик во иднина. Згора на сè, се промовира и ново име на македонскиот јазик, а тоа е северномакедонски бугарски јазик.
Во вкупно 11 поглавја, поголемиот дел насловени како „Вистината за…“, ни се нудат искривени факти за историјата на македонскиот јазик, за имињата, за „бугарските“ книжевници од преродбата, за создавањето на книжевната норма, за „бугарската“ природа на македонските дијалекти итн. Книшката започнува со тезата дека „официјалниот јазик на Република Северна Македонија по своето потекло и структурно-типолошки карактеристики е југозападна писмено-регионална форма на бугарскиот јазик“ (с. 7), термин кој не постои во лингвистиката како наука, и понатаму се дадени „аргументите“ кои, според нив, ја докажуваат таа теза. Овде накратко ќе се осврнеме на ненаучноста на тие „аргументи“.

За историјата на македонскиот јазик

Старословенскиот, најстариот словенски книжевен јазик има огромно значење за развојот на словенските јазици. Во основата на старословенскиот јазик е солунскиот говор, односно говорот на македонските Словени од околината на Солун, врз основа на кој е создадено првото словенско писмо глаголицата. Глаголските старословенски ракописи (на пр. Зографско, Асеманово и Мариинско евангелие и др.), според локалните особености, ја потврдуваат поврзаноста со македонската територија.
Во современата палеославистика за јазикот на словенските ракописи од IX до XI век (познат како канонски) е прифатен терминот старословенски/староцрковнословенски, а терминот „старобългарски“ е единствен термин употребуван од бугарските слависти. Неосновано е укажувањето за употребата на старо/ и новомакедонски (с. 11), зашто во македонската лингвистика воопшто не е позната употреба на терминот старомакедонски за јазикот од IX до XVIII век, ниту пак терминот новомакедонски за периодот од XIX век.
Во врска со средновековното ракописно наследство поврзано со дејноста на Охридската и на Кратовската книжевна школа, се употребува терминот црковнословенски јазик од македонска редакција. За словенската писменост веќе од XII век станува збор за црковнословенски јазик (во бугарската славистика „среднобългарски“) во кој навлегуваат бројни локални особености – се изделуваат одделни редакции, меѓу кои покрај бугарската се изделува и македонска редакција, пред сè, врз основа на правописните, фонетските и лексичките и др. особености.
На македонските особености на одделни црковнословенски ракописи се укажува одамна, на пр. во студиите за Добромировото евангелие (Jagić 1898), Болоњскиот псалтир (Щeпкин 1906), Охридскиот апостол (Кульбакин 1907). Во МАНУ, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и др., издадени се повеќе ракописи во коишто е одразена македонската редакција на црковнословенскиот јазик, на пр. Струмички апостол, Григоровичев паримејник, како и Вранешнички апостол, Радомирово евангелие, Радомиров псалтир, Загрепски триод, Орбелски триод, Македонско четвороевангелие, Карпинско евангелие и др., со јазична анализа што го потврдува нивното македонско потекло.
Неспорен факт e дека за македонската средновековна писменост е карактеристична конзервативноста, верноста кон кирилометодиевската традиција – глаголицата подолго се одржала, за што сведочат глаголските вметнувања во кирилските ракописи (Охридски апостол, Битолски и Шафариков триод и др.).
Ако доказ за „бугарскиот карактер“ на старословенскиот јазик се открива во двотомниот „Старобългарски речник“, потврда за посебноста на македонската редакција претставува „Речникот на црковнословенскиот јазик од македонска редакција“, меѓународно координиран проект преку Комисијата за црковнословенски речници при Меѓународниот славистички комитет. Речникот ја опфаќа лексиката нa македонската писменост од XII дo XVI вeк, а методолошки се надоврзува на четиритомниот „Речник на старословенскиот јазик“. За редакциските речници се оформени посебни правила за правописно-фонолошка и граматичка презентација, а иако основниот лексички фонд има општословенски карактер, голем број ретки лексеми, временски или регионално обележани, одразуваат карактеристики на одделни словенски средини, па и на македонската.
Во рамки на Комисијата за црковнословенски речници при Меѓународниот славистички комитет се работи на „Споредбен индекс кон речниците обработувани во рамките на Комисијата за црковнословенски речници при Меѓународниот славистички комитет“.

За преродбениците

При истражувањето на јужномакедонските дијалекти од страна на Ватрослав Облак во 1891 и 1892 год., авторот ја одбележува на неколку места важноста од проучувањето на овие дијалекти за старословенските проучувања: „Без вистинско познавање на јужномакедонските дијалекти, особено на дијалектот кој се зборува во околината на Солун, не е можно конечното разрешување на прашањето на старословенскиот. Во врска со македонските дијалекти во поново време на преден план стои пред сè нивниот однос кон бугарските и српскохрватските дијалектни групи. Се работи за тоа во последно време многу спорно прашање, дали словенските жители на Македонија се Бугари или Срби. Од филолошка гледна точка прашањето се постави така: дали повеќе карактеристични особености на различните македонски дијалекти зборуваат во прилог на потесна врска со бугарските или српскохрватските дијалектни групи? Дали жителите ќе се декларираат како Бугари или Срби, нека одлучат самите, испитувањето на ова прашање не е предмет на словенската филологија“ (В. Облак, Македонски студии, 1994). Значи, се застапува за научен пристап во своите истражувања и не дозволува пропагандите на кои е сведок да влијаат на оформувањето заклучоци за македонските дијалекти.
В. Облак преку своите истражувања ја потврдил македонската теорија на Јагиќ за основата на старословенскиот, одбележувајќи дека: „мислењето за македонскиот извор на старословенскиот јазик се потпира врз сочуваните носни самогласки, на изговорот на Ѣ, на ШТ, ЖД (tj, dj) и О и Е за ъ и ь“ (Облак, Македонски студии, 1994: 6). Во својата студија Облак терминолошки балансира меѓу бугарската наука во тоа време, која делумно и ги финансирала неговите проекти, и научните факти во истражувањето, така што е видливо разликувањето на македонски и бугарски дијалекти. Примери: при коментарот за развитокот на старословенските полувокали (ь и ъ) Облак забележува: „Бојата на тонот во македонските и бугарските дијалекти не е насекаде иста како, на пример, во редуцираните вокали на меѓусебно сродните германски дијалекти“; „Како воопшто во јужнословенското јазично подрачје, така и во македонските дијалекти загубена е секоја разлика меѓу ь и ъ кај р и л.“; „Консонантскиот систем на македонските и бугарските дијалекти има посредничка положба помеѓу консонантскиот систем на јужнословенските дијалектни групи…“; во писмата упатени до Јагиќ, Облак ги споменува пропагандите од страна на Србите и Бугарите во врска со македонските дијалекти и одбележува: „многу тешко ми падна на срцето што во мојата расправа за македонските дијалекти…во предговорот треба свечено да изјавам дека научните резултати нема да бидат користени за политички цели. Не треба да се споменува ни зборот „српски“ ни „бугарски“. Тука мора да се оперира конечно само со Х и У.“
Првата половина на XIX век на територијата на Македонија постои поделба во социолингвистички контекст: како престижен јазик во јужните области се јавува грчкиот, додека во останатите делови улогата на престижен јазик ја има црковнословенскиот, поради што овој јазик вршел влијание врз новите форми на писмениот јазик засновани на народните говори. Со појавата на дамаскините во периодот од XVI до XIX век (во Македонија биле создадени околу 200 дамаскини) – зборници со морално-поучна содржина во кои навлегуваат јазични елементи од народните говори, во Македонија започнува употребата на народните говори во приватното и во официјалното општење. Во однос на структурата на населението, при користењето на именувања на етницитети во Османската Империја се користи терминот „милет“ што означува „националност определена од религиозно дефинирана заедница“, па така со зборот „Турчин“ се означувал муслиман без оглед на јазикот, додека со „Рум“ (односно Грк) се означувал православен христијанин, но не задолжително гркофон. Терминот „Бугарин“ (Болгарин) бил употребуван за луѓето кои зборувале јужнословенски дијалекти од Црното до Јадранското Море. За овој период е особено карактеристично тоа што во Македонија се води борба од една страна против грчката доминација во црквата и училиштата и, од друга, за употреба на народните говори и избор на дијалектната основа за литературниот јазик. Дополнително, грчкото влијание се огледува и во фактот дека разни преводи на евангелија, авторски дела и сл. биле пишувани на народен говор, но со грчки алфавит. Особено важно во овој период е објавувањето на Четиријазичникот на Хаџи Даниил од Москополе во 1802 год. кој е првиот објавен текст што опфаќа македонски дијалект – се работи за охридскиот говор; намената на овој речник била да се елинизираат Албанците, Власите и Словените. Именувањето, пак, на јазикот како „бугарски“ (болгарски) кај пишувачите и составувачите на зборници никако не може да се интерпретира во современ контекст, односно како што потенцира П. Хил (Hill P. “Language Standardization in the South Slavonic Area”. Sociolinguistica 6. Tuebingen, 1992) терминот веројатно означува само народен јазик. Овде треба да се спомене еден сличен ракопис насловен како „Македонски лексикон од 16 век“ (Un Lexique Macédonien du XVIe siécle) кој е издаден во 1958 год. од Ч. Џанели, професор на Римскиот универзитет и од А. Вајан, професор на Школата за високи студии во Париз. Според Вајан во материјалот е претставен говор од Костурско, а се смета дека авторот е некој школуван Грк.
Јоаким Крчовски (по потекло од Кичево, с. Осломеј, починал 1820) живеел во североисточна Македонија и е автор на пет книги со религиозно-поучна содржина; од јазичен аспект во основата се поставени североисточните македонски говори, но во неговиот говор не биле потиснати сите западномакедонски особености. Како една индикација е неговото акцентирање на сопственото име „ дáскала Крчóвскаго“ или на името „Димúтриа“ на насловната страна на „Митарства“ и на „Слово за страшниот суд“. Кирил Пејчиновиќ (с. Теарце, Тетовско околу 1770 – 1845 Лешок) игумен на Марков манастир, Скопско и на Лешочкиот манастир; се посветил на книжевната работа и ги издал книгите „Огледало“ во Будим 1816 год. и „Утешение грешним“ во печатницата на Теодосиј Синаитски во Солун во 1840 год. и Житие на кнез Лазар. Како основа во книгите е земен тетовскиот говор со елементи од централните македонски говори, сепак, со значително присуство на црковнословенскиот кој ја претставува црковната традиција. Отпорот кон грчката црква силно ја одбележал дејноста на Константинов-Џинот (1820–1882) од Велес којшто во своите дела употребува словенска книжна лексика и интернационализми, додека присуството на србизми во неговиот јазик сведочи за влијанието на српскиот фактор. Својот јазик го именува како „славено-болгарски“ или „болгарски“, а во граматичка смисла се застапува за архаизација на писмениот јазик. Интересна е една реакција на уредникот на „Цариградски вестник“ од 1851 год. кој го напаѓа јазикот на Џинот: „…секој може да види дека тој е различен од нашиот пишан и говорен јазик…Нека ни простат жителите на Скопје, заедно со сите оние кои зборуваат сличен јазик, бидејќи тие не го разбираат нашиот јазик, не можат ниту да го зборуваат.“ (Димитровски и др. За македонскиот јазик, 1978: 23). Партениј Зографски (1818 – 1875) е еден од оние што се застапува за заеднички македонско-бугарски јазик, под влијание на идејата на Илиризмот која имаше своја паралела во идејата за обединување на Словените во Турција. Тој во „Мисли за болгарскиот јазик“ од 1858 се изјаснува дека македонското наречје не само што не треба да биде исклучено од општиот писмен јазик, туку „ќе беше подобро ако се примеше за главна негова основа“, затоа што е пополнозвучно и побогато, а претставници се југозападните делови на Македонија. Всушност, неговата концепција се јавува како една форма на македонска опозиција кон бугарскиот јазик, за што како показател се јавуваат негативните реакции на бугарските учители кон становиштето на Зографски, како и на Кузман Шапкарев (1834 – 1908) кој објавува во 1874 учебник насловен „Мајчин јазик“.

(Продължава в следващия брой)