Акад. Иван Катарџиев

ЕДНО ПАТУВАЊЕ ОД ПИРИН ВО СКОПЈЕ, ГЛАВЕН ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 1944-1989. ЧЕКОРЕЊЕ ВО ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ


За да се сфати што сè мислел во својата дискусија Червенков на Обласната конференција на БРП(к) во Горна Џумаја, ќе потсетиме на дел од неговиот завршен збор на Советувањето од месец јануари: „За да не се добива двојственост по работата во Пиринскиот крај, нашите одговорни другари да им се потчинуваат на директивите на БРП(к), а не од Скопје и Белград. Тоа бара централизација на работата внатре во Партијата“.
Споредена со содржината на други документи од дејноста на БРП(к) за кои ќе стане збор понатаму во овој текст, во наведеното излагање на Червенков сосема јасно е нагласил дека Партијата нема да толерира никакви истрчувања во врска со приближувањето на Пиринска Македонија кон НР Македонија. Тоа укажување го има предвид искажувањето на Крсто Стојчев и на Ѓорѓи Мадолев.
За раководната структура на БРП(к) било сосема јасно дека за брзото зајакнување на националната свест кај Македонците во Пиринска Македонија силно влијание имале некои интелектуалци од редовите на македонската емиграција. Затоа една од мерките што ги презел ЦК на БРП(к) била да се елиминираат некои од придобивките со кои по 9 септември 1944 година се стекнала Македонската емиграција во Бугарија. Спрема протокол А. од 15 март 1947 година по решение на Политбирото, македонските институции и организации во Бугарија требало да се трансформираат. Во врска со тоа Политбирото препорачало: 1. Македонскиот научен институт заедно со Македонскиот етнографски музеј да бидат префрлени во Скопје; 2. да се расформираат македонските емигрантски братства; 3. Националниот комитет на емигрантските друштва да се самораспушти; 4. Списанието „Македонска мисл“ и весникот „Македонско знаме“ да престанат да излегуваат; 5. Да се преземат мерки за сестрано подобрување на весникот „Пиринско дело“. Во весникот покрај статии на бугарски јазик да се објават и статии на македонски јазик. Да се издаваат и сериски брошури на македонски јазик. 6. Ликвидацијата на досегашните македонски организации да се изврши од самите нив, како нивно искуство. За таа цел Националниот комитет на братствата да свика специјална конференција на која ќе ја образложи и аргументира потребата од самораспуштање на сегашните македонски организации“.
Одговорен за спроведувањето на овие партиски директиви бил Георги Чанков. (И.К. цит. стр. 174-175).
Не е тешко да се сфати дека понудениот заклучок е лукав и двосмислен. Политбирото, распуштањето на прогресивните македонски организации и укинувањето на наведените наслови на печатот, великодушно им било препуштено на самите нив!
Сè со иста цел, да се растури интелектуалното јадро на македонската емиграција во Софија под изговор дека се тие посебно потребни во Пиринска Македонија, некои истакнати интелектуалци во Македонското национално движење како Михаил Сматракалев, и Кирил Николов биле испратени да работат во Обласниот суд во Неврокоп. Не е тешко да се сфати позадината на ова решение.
Се разбира ЦК на БРП(к) водел многу сметка неговите вистински намери во извршувањето на овие операции да не бидат разоткриени, разобличени. За таа цел бил подготвен и специјален реферат под наслов „Аргументи за прекинувањето на дејноста на Македонскиот научен институт и на Националниот комитет на македонската емиграција, Илинденската организација, македонските братства, како и Младинската организација“.
Полн со политичка демагогија, овој реферат со дата од 11 април 1947 година без потпис настојува да се прикаже дека тоа што било напишано во рефератот е во интерес на македонскиот народ. Впрочем, во завршните зборови на рефератот се вели: „Сите искажани становишта и изводи треба да бидат во духот на барањето и стремежите на НРМ и на Партијата“. (И.К. цит. стр. 176).
Колкаво значење му се придавало на тоа што било напишано во овој реферат може да се заклучи што со мали интервенции бил преведен на српски јазик и во месец април 1947 година бил објавен под наслов „Тези на Националниот комитет на ОФ во Бугарија“. (И.К. цит, кн. стр. 187-193).
Реализацијата на политиката на Комунистичката партија на Бугарија за распуштање на организациите на македонската емиграција во Бугарија била предмет на разговор помеѓу Митко Зафировски и членот на ЦК на БРП(к) Ѓорѓи Чанков. Од разговорот се гледа дека „активистите комунисти со македонско национално сознание добиле директива дека во случај да има работи со „кои не се согласни“ своите забелешки да ги изнесуваат само пред Комисијата при Политбирото на ЦК и тоа да не го шират“. (Цит. кн. стр. 175).
Во своето писмо Митко Зафировски информира дека во редовите на македонската емиграција во Егејска Македонија во тоа време големо влијание имала идејата за „Целосна и независна Македонија и дека базата на таа идеја се сметала Пиринска Македонија.
Во писмо од 4 мај 1947 година Зафировски соопштува дека решението за распуштање на македонските емигрантски организации на одговорните македонски дејци на 11 април 1947 година му го соопштил членот на ЦК на БРП(к) Иван Масларов“. По дискусијата што се развива во изнесениот реферат на Ѓорѓи Абаџиев за распуштањето на македонските емигрантски организации во Бугарија се изразиле две становишта: едното што го поздравило распуштањето и се залагало во Бугарија да нема македонски организиран живот и второ да се распуштат постоечките македонски организации, но на нивно место да се создадат нови. Зад ова решение во дебатата се залагале Михаил Сматракалев, Ангел Динев, Ѓорѓи Абаџиев, Васил Ивановски, Симо Касабов, Стефан Нанов и др.
Решението за распуштањето на македонските организации било донесено на 18 мај 1947 година. Организатор на Конференцијата бил „Македонскиот национален комитет“ (цит. кн. стр. 194).
Практично со тоа на еден демагошки начин ЦК на БРП(к) во дело ја спровел намерата на Червенков најавена уште во неговите завршни зборови на Советувањето од 6 јануари 1947 година.
Но колку ЦК на БРП(к) да сакал да се ослободи од македонските братства и да не создава нови македонски организации, што ќе работат под контрола на Бугарската комунистичка партија, за бугарскиот политички амбиент не било можно без партиски потреси во македонските братства, форма на организација преку која се изразувале интересите на различните социјални политички групи на македонската емиграција во Бугарија. Тие зад себе имале богато историско искуство. Едноставно, не било можно нивното укинување како што тоа го направи во 1934 година Кимон Георгиев. Тоа укинување зад себе оставило вакуум кој продуцирал нереди и други политички последици. Поради тоа, на местото на Извршниот одбор на братствата на македонската емиграција во Бугарија започнала процедура да се создава нова организациона форма на поврзување на македонската емиграција. Започнало процедура на создавање на културно-просветни друштва на чело со Централен македонски иницијативен комитет. За претседател на Комитетот бил избран Васил Ивановски. Во Резолуцијата за создавањето на ЦМИК на следниот начин се дефинирани неговите програмски задачи: 1. Да работи за закрепнување на ОФ како фактор што ги гарантира демократските и народносни права на македонското малцинство во Бугарија. 2. Да создава духовно и политичко единство меѓу емиграцијата и НР Македонија. 3. Да ги популаризира достигнувањата на Народна Република Македонија. 4. Да го поддржува будно македонското национално чувство.
Значи новата организација на македонската емиграција во Македонија требало да се грижи за развојот на македонското национално чувство во редовите на емиграцијата што било нешто ново.
Митко Зафировски кој го пренесува својот разговор со членот на ЦК на БРП(к) Георги Чанков, последниот го информирал дека „во Пиринска Македонија ќе започне спроведување на деловна работа по македонска линија по распуштање на емигрантската организација. Во Пиринска Македонија е запрена секаква сериозна работа по македонските работи од одговорните од партијата. Во Обласниот комитет на Партијата не се чувствува никаква одговорност по тоа прашање… Во еден разговор со Ѓорѓи Мадолев, претседател на Обласниот комитет на ОФ, тој рекол: „како да работиме по македонска линија кога нема никаква системност по тоа прашање“. (Цит. кн. стр. 180).

(Продължава в следващия брой)