Акад. Иван Катарџиев

ЕДНО ПАТУВАЊЕ ОД ПИРИН ВО СКОПЈЕ, ГЛАВЕН ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 1944-1989. ЧЕКОРЕЊЕ ВО ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ


Тоа дека БРП(к) свесно го саботирала процесот на македонизација во Пиринска Македонија во својата дискусија ќе го констатира и Ефтим Георгиев. Како доказ за тоа тој ќе информира оти Ѓорѓи Мадолев напишал брошура за практична работа по македонското прашање во Пиринска Македонија во месец јули 1946. Брошурата била испратена на одобрување во ЦК на БРП(к) но не била пуштена да види бел ден. На оваа информација на Ефтим реагирал Червенков одговарајќи дека брошурата пред 3 месеци била одобрена. Некој на оваа реакција на Червенков од Пиринците му рекол: „сигурно е фрлена во некое ќоше“ (исто, 167).
Во дебатата учествувал и секретарот на Обласниот комитет на БРП(к) во Горна Џумаја Крсто Стојчев. Како прв секретар на партијата во Пиринска Македонија, т.е. како највисока политичка личност во спроведувањето на партиската политика по дефиниција би требало неговата дискусија да се разликува од дискусијата на другите Пиринци кои ја критикувале активноста на партијата за политиката што ја водела во Пиринска Македонија. Меѓутоа, наместо одбрана на политичката линија на партијата Стојчев ја критикувал. Навистина неговата дискусија е избалансирана. Но не го испуштил случајот да ја изложи на критика. Во почетокот на излагањето тој подвлекол дека постои голема блискост помеѓу пиринските Македонци и бугарскиот народ. Дека ваквата блискост датира од времето на Гоце Делчев. Истакнувајќи го тој момент Стојчев рекол „ваквата блискост не значи дека не постои македонско прашање. Неговите основи се од историските борби на македонскиот народ за слобода. Народот во Пиринска Македонија врз основа на борбата прифатил разрешување на македонското прашање да биде исто како што сега се решава во НР Македонија во ФНРЈ. Независно од тоа дека пиринските Македонци не се чувствуваат така како Македонците од НР Македонија“. (И.К. цит. дело 164).
После оваа избалансирана дискусија која одговара со решенијата на Десеттиот пленум од август 1946 година, Стојчев поминува на суштинската оцена на реалната политика што се води во Пиринска Македонија. Тој вели „во нашата област работите по македонското прашање не се поставени добро. Во тој однос ќе бевме многу подобро ако работевме така како што бевме почнале по 9 септември 1944 година, а исто така и во времето на борбата. И особено ако бевме оставени сами да ја оформиме нашата бригада Јане Сандански која требаше да замине во војната против Германците. Во тој правец нема да набројувам и други несогласувања кои ни попречија на време да се зафатиме со конкретни работи во врска со нашето приклучување кон Народна Република Македонија.“
Во продолжение на својата дискусија тој ќе изрази големо незадоволство од однесувањето на кадрите на БРП(к) и на ОФ кои доаѓаат во посета на Пиринска Македонија. Изрично вели: „Партиските и други отечествено фронтовски луѓе кои доаѓаат во нашиот крај треба да ја почитуваат нашата македонска припадност“. Тој во продолжение зборува за односот меѓу пиринските Македонци кон прашањето за југословенската федерација што бил многу поголем отколку кон прашањето за обединувањето на Пиринска Македонија со НРМ на Титова Југославија.“ Особено вели тој „Народот не може да го асимилира преместувањето на границата од Огражден на Рила Планина. Зборува дека народот во Пиринска Македонија не го прима јазикот на весникот Нова Македонија, но на театарот и на разните уметнички групи му е прифатлив“. (И.К. цит. книга, стр. 169-171).
Во својата дискусија така како што ја пренел Зафировски, Крсто Стојев истакнал: „Сега треба да се работи цврсто во нашиот крај за подигнување на националното сознание…. за спроведување на решенијата на Десеттиот пленум“.
„Македонскиот јазик ќе треба да се учи како одделен предмет во училиштата, исто така треба да се учи и македонската историја на македонски јазик и така неосетно да се воведе во наставата“.
Ќе организираме народни универзитети по градовите по македонското прашање. Ќе треба да изградиме Областен македонски народен театар – и ќе сакаме сегашниот Софиски областен театар – кој е и Горноџумајлиски народен театар да се затвори. Исто така ќе сакаме во администрацијата и во другите државни и општествени институции да не се пуштаат луѓе што ни пречат“.
Советувањето го заклучил В. Червенков. Неговата завршна реч така како е дадена од Зафировски ги повторила основните поставки од говорот при отворањето на советувањето. Ветува дека решенијата на Десеттиот пленум ќе ги направат достапни до сите комунисти. Извлекол заклучок дека во дискусијата на Советувањето дошле до израз некои двојни позиции кои ќе бидат ликвидирани и заклучил: „За да не се добива двојственост во работата во Пиринскиот крај, нашите одговорни другари да се потчинуваат на директивите на Партијата, а не на Скопје и Белград. Тоа го сака централизацијата на работата внатре во партијата. (Цит. книга, стр. 174).
Дебатата на Пиринците за остварување на националните права на Македонците во Пиринска Македонија, особено на Ефтим Георгиев, Крсто Стојчев и Ѓорѓи Мадолев, сосема се разликува од тоа што го говорел Червенков, генерален секретар на БРП(к). А уште повеќе таа дискусија се разликува од искажувањата на Владимир Поптомов и Димитар Ганев кои се одликуваат со големобугарски национализам. Червенков на барањето за подобрување на економската положба во Пиринска Македонија и на негодувањата против двојната политика на БРП(к), особено по прашањето за националното определување на Македонците во Областа, одговорил со заканувања за зајакнување на централизмот во работата на Партијата и за зајакнување на идејно-политичкото и национално единство наместо да се заложи за развивање на демократските методи во работата на Партијата.
Дискусијата на Ефтим Георгиев, Ѓорѓи Мадолев, Крсто Стојчев, била отворена критика на начинот на кој Партијата ја спроведувала својата „поддршка“ на утврдувањето на процесите на македонските национални стремежи како и на развојот на поблиски односи со НР Македонија. Червенков сосема добро сфатил дека упатената критика се однесува директно на него, на неговите автократски методи со кои ја раководел дејноста на Партијата во Пиринска Македонија. Но, нему му недостасувала демократска култура за да најде излез од актуелната ситуација во која се наоѓала областа.
Червенков кој го заклучил Советувањето рекол дека на него дошле до израз некои двојни позиции што треба да се ликвидираат. Но, поблиску не прецизирал во што се изразувале тие двојни позиции ниту пак ги анализирал позициите на нивните носители.
Повеќе од сигурно на Червенков не му се аресала отворената критика на Ефтим Георгиев, на економската политика на Партијата во Пиринска Македонија, како и искажувањето на Ѓорѓи Мадолев и Крсто Стојчев за пречките со кои се судрувале во Пиринска Македонија во спроведувањето на договорената политика за поддршка на процесот во развој на културната автономија во областа. Сеедно, Червенков од дискусијата јасно сфатил дека како што се развиваат работите околу Советувањето во врска со културната автономија во Пиринска Македонија, предизвикувале незадоволство што можело да има пошироки димензии. Токму поради тоа, иако во својот завршен збор не рекол ништо, еден и половина месец по Советувањето, на 16 и 17 февруари 1947 година свикал Обласна конференција на БРП(к) во Горна Џумаја. На Конференцијата, задржувајќи се на македонското прашање истакнал два битни проблема: прашањето за практичното приклучување на Пиринскиот крај кон НР Македонија и на подготвувањето на услови за тоа.
За првото прашање Червенков сметал за потребно да подвлече дека „Пиринскиот крај може да биде присоединет кон НР Македонија само врз база на Сојузна спогодба помеѓу Југославија и Бугарија. Секое поинакво поставување на прашањето би било пребрзано“.
Вториот проблем за него бил „Дека тука малку се работи за подготвувањето на тие услови. А тоа значи популаризација на НР Македонија, изучување на историјата на македонското револуционерно движење, зацврстување на културните врски помеѓу НРМ и Пиринскиот крај, изучување на македонскиот јазик во вашите училишта, обезбедување на културна автономија на населението во Пиринскиот крај“. Сето тоа според него било потребно за да се создадат нужните услови за обединување. Тоа треба широко да му се објаснува на македонското население за да не се плаши, туку напротив да ги развива своите национални чувства кои не треба да се спротивни со народот на ОФ Бугарија.“ (Лазар Колишевски, Аспекти на македонското прашање. Култура, Скопје 1967, стр. 469).

(Продължава в следващия брой)