Акад. Иван Катарџиев

ЕДНО ПАТУВАЊЕ ОД ПИРИН ВО СКОПЈЕ, ГЛАВЕН ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 1944-1989. ЧЕКОРЕЊЕ ВО ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ


Годините 1946 и 1947 се одликуваат со динамична активност на македонската прогресивна мисла во Бугарија за создавање на своја македонска теорија за ослободителни борби на македонскиот народ во минатото и за создавањето на реални политички цели во интерес на иднината и единството на македонскиот народ на Балканот. При крајот на 1946 и почетокот на 1947 година Македонците во Бугарија влегуваат во отворена борба со носителите на великобугарскиот национализам. Доказ за тоа е одбраната на македонскиот национален идентитет и државност во дебатата за македонската нација што ја организирала македонската емиграција во Софија при крајот на 1946 и почетокот на 1947 година. Дебата се одржувала еднаш неделно од почетокот на месец ноември 1946 година и траела до јануари 1947 година. Тоа е сериозен проект што го реализирала македонската емиграција во Бугарија. Тоа е проект со кој таа влегува во директен конфликт со носителите на големобугарскиот национализам. Тоа е проект со кој бугарската општественост за прв пат така отворено и аргументирано со аргументите на науката се среќава. Во дебатата учествувале многу истакнати македонски интелектуалци од средината на македонската емиграција во Бугарија како Михаил Сматракалев, Кирил Николов, Васил Ивановски, Ангел Томов, Бугарин од Тракија, Христо Калајџиев и др. Во дебатата со свое информативно излагање за развојот на културата во Македонија учествувал и Владо Малески кој водел македонска културна делегација во Софија.
Одржувањето на оваа дебата во Софија шовинистичките сили на бугарското општество ја дочекале со вознемирување. Имало доста вознемирени луѓе и во редовите на Бугарската комунистичка партија. Меѓутоа, за Бугарската партија било многу важно, во тоа време да ја има поддршката на македонската емиграција во Бугарија. Познато е дека голем дел од поранешните кадри на ВМРО (обединета) по доаѓањето на Комунистичката партија на власт биле вклучени во институциите на системот во Бугарија. За жал, тенденциите што почнале да се изразуваат во редовните на македонската емиграција за афирмација на македонскиот идентитет не и одговарале на владата на Бугарија каде доминирале бугарските комунисти.
12. Советувањето на ЦК на БРП(к) со партиските кадри од
Пиринска Македонија за решенијата на Десеттиот пленум
На 6 јануари 1947 година во ЦК на БРП(к) е одржано советување со партиските активисти од Пиринска Македонија и македонската емиграција во Бугарија. Со советувањето раководел лично генералниот секретар на партијата В. Червенков. На советувањето од Пиринска Македонија присуствувале околу 30 души. Поистакнати личности кои биле на советувањето се Крсто Стојчев, политички секретар на Обласниот комитет на партијата во Горна Џумаја, Ефтим Георгиев, организационен секретар на Обласниот комитет, Ѓорѓи Мадолев, Крсто Тричков, Мирчо Јуруков и др.
Од македонската емиграција во Бугарија биле Христо Калајџиев, претседател на Македонскиот национален комитет и народен пратеник, Ѓорѓи Абаџиев, секретар на МНК и уште 7 души членови на МНК.

(Продължава в следващия брой)