Став

ВОСПАЛЕНИ БУГАРСКИ ХЕМОРОИДИ!

Предраг Димитриовски


И по две национални катастрофи, Македонија останува „најромантичниот дел на бугарската историја“. Официјална Софија никако да ја научи лекцијата. А, сега е на добар пат да ја прокоцка пружената можност, што и се укажува, откако за прв пат се наоѓа на вистинската, победничка страна. Заедно со Македонија. Митот за голема бугарска држава и за древен бугарски народ, по се изгледа, нема лимит, па и во 21 век мора да се признае дека е стигнат до таму што и Адам и Ева биле Бугари. Ова за оние, кои се уште не знаат. Згора, и посланијата на апостол Павле не тргнале од Македонија, туку од Бугарија. Од Бугарија, од Черното до Јадранското Море и од Добруџа, ма не, од Карпатите до Белото Море. Па, па, па државиштеее! Секоја чест.

По разговорот со лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на маргините на средбата на сестринската Европска народна партија во Загреб, бугарскиот премиер Бојко Борисов ај што излезе со видео на ФБ, туку се „запали“ дека нема да дозволи на Бугарија да и се лепат етикети оти била фашистички окупатор. Неговото образложние беше дека во тоа време, во времето на Втората светска војна, фашизмот ја преплавил цела Европа. Чудно, ама во Европа имало уште многу други држави, па по таа логика може да излезе дека сите европски држави биле фашистички! Колку е тоа историски факт, ќе чекаме да ни кажат од мешовитата комисија за прашања од историјата и за учебниците!
И кога говори Борисов, во името на добрососедството и светлата иднина, никој, ама апсолутно никој нема право да му противречи. Како вицот на времето, кога таткото го смирувал синчето, кое дошло од надвор и му се пожалило дека децата го викале „Коцка“. Наводно, заради формата на главата. Децата отсекогаш биле бескруполозни. Ама, татко како татко, морал да ја одигра својата природна улога. Си го земал синчето в скут и го смирувал милувајќи го по главата:„Не си сине, не си коцка“!
Така, сега мораме да го смируваме и бугарскиот премиер:„Не сте биле Бојко, не сте биле фашисти“!
Чудно, како Борисов одеднаш го премести фокусот од Гоце Делчев и Илинденско(то) (-Преображенско) востание на Втората светска војна! А, уште почудно е што го тестира Мицкоски околу Договорот за добрососедство. Па, уште бара и јавно изјаснување. Како да не знае дали ВМРО-ДПМНЕ е за ЕУ и НАТО и за добрососедство.
Настрана спинот што го направија провладините медиуми, мора да се признае дека бугарските беа многу пообјективни. Без никакви импутации го пренесоа Мицкоски од збор до збор, онака како што рече во Загреб. И во овој контекст, би било добро да се потсетиме на она познато прашање на премиерот во заминување Зоран Заев до Мицкоски во еден од ТВ-дуелите-А, што имаш ти и ВМРО-ДПМНЕ против Илинденска Македонија? Кое сега може да се трансформира во друго, само поставено од обратна страна-Дали и за СДСМ немало фашистичка окупација на Македонија, па бугарската војска била ослободителска, а жртвите се сведуваат на жртви во граѓанска војна, каква што историјата на Република Македонија не познава?!
Договорот за добрососедство беше потпишан пред повеќе од две години. И пред и по потпишувањето, ВМРО-ДПМНЕ, како и многу други, никогаш не рекло дека е против договорот. Рекло и укажувало, како и многу други, дека Договорот е асиметричен, штетен и капитулантски. И овие три оценки можат да најдат потврда и во изјавата на претседателот Стево Пендаровски, парафразирано, дека во моментов (пред одлуката на ЕУ во октомври за отпочнување преговори со Македонија за членство, што, за жал, не се оствари) не очекува никакви проблеми, но оти може во иднина работите да се комплицираат. Зошто работите би се комплицирале ако Договорот е навистина во духот на добрососедството и е беспрекорен?!
Туку, во друго е работата. Бугарија си го сфаќа Договорот и позицијата, што ја има, како алиби за конечно постигнување на својот сон за еден народ во две држави. Затоа во пресрет на локалните избори нивното Собрание може да донесе Декларација со нови „црвени линии“ преку која се на удар македонскиот јазик и пак, по којзнае кој пат, (не)постоењето на македонската нација. И пе*ерски, карактерно нели, за неприфаќањето на тие два момента мора да биде виновна „државно спонзорираната антибугарска пропаганда“ во Македонија. И таа државно спонзорирана антибугарска пропаганда, според некое (не)пишано бугарско правило, не се врзува за институции на систем, туку пред се со ВМРО-ДПМНЕ. А, тоа што по усвојувањето на Декларацијата провладините медиуми дигнаа врева, не е важно. Тоа за дел од секунда се заборава. Зашто, веќе има „премија, радодајка од милион долари“. Што и да му побараш, се ќе ти даде. Па, затоа сега во бугарските медиуми, кога одново се актуелизира регистрацијата на македонските организации и тоа под миниторинг на Советот на Европа, ќе читаме дека наместо Македонци во Бугарија има македонисти! Демек, само обични јазичари, а не припадници на некаков етнос, народ, нација, географска припадност… За некаков македонизам, пак, и да не зборуваме.
Навистина, уште колку време треба да помине за да може Бугарија конечно да сфати дека во Македонија не постои антибугарска кампања!? Постои само бугарска, државно спонзорирана антимакедонска основа и пропаганда, што најдобро се отсликува во новите исцртани „црвени линии“. Зашто, со тие и такви „црвени линии“ на Македонецот му се одзема правото на самоопределување и етничка припадност и уште повеќе, македонскиот јазик. Сето ова проследено со потенцирање исклучиво на политичкиот сепаратизам на Македонците, без никаков елемент на националниот, што води директно кон бугарскиот неоврховизам и неофашизам. И на ова, за потсетување, не реагираа само провладните медиуми во Македонија, реагираа и невладини организации и групи граѓани во Бугарија, политичари во Германија, Белгија, Австрија…
Значи, можат сите да реагираат, само никако Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ!? Зошто?! За да може Борисов како докажан антикомунист да дува во ист кавал со наследниците на комунистите во Македонија!? Ептен провидно и ниско. Кога му се толку добри, нека им даде на сите по еден бугарски пасош и нека си ги носи кај него. И дома ако сака. Само да не го лаже умот дека со нив ќе добие се што наумил. Нека праша паталци, а не гаталци. Тие ќе му кажат што значи терминот „жива превара“! Зашто доаѓа од нашите северни соседи.
Неодамна еден загреан македонски Бугарин, публицист и интелектуалец, за еден од бугарските сајтови напиша подолг текст во кој, меѓу другото, македонизмот го идентификуваше како хемороиди, што со оперативен зафат сега се сечат преку двата договора на Македонија со Бугарија и Грција. Негово право на размислување и слобода на изразување. Но, ако македонизмот се хемороиди, тогаш зошто бугарштината, оваа новата, што сега ни се продава, да не се воспалени хемороиди? Во име на „заедничката историја“ или заедничките процеси во историјата.
На крај, во стилот на еден познат графит од скопските улици: О Господе, ако е грев што сум Македонец, те молам никогаш да не ми простиш!