Акад. Иван Катарџиев

ЕДНО ПАТУВАЊЕ ОД ПИРИН ВО СКОПЈЕ, ГЛАВЕН ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 1944-1989. ЧЕКОРЕЊЕ ВО ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ


Автономијата ќе биде првиот чекор кон обединувањето на Македонија. Зошто при сегашните услови може да не се брза. Инаку во врска со обединувањето на македонскиот народ сите заслуги за автономијата на Македонија ќе му припаднат на Тито, а вие ќе бидете критикувани. Изгледа дека се плашите од Кимон Георгиев, многу сте ангажирани па не смеете да дадете автономија на Пиринска Македонија. Дека уште немало развиено македонско сознание кај народот. Тоа ништо не значи. И во Белорусија немаше такво сознание во народот кога ја објавивме за самостојна република. А потоа се виде дека вистина има белоруски народ. Не треба толку да се плашите од Кимон Георгиев“. (Цит. том II, стр. 1269)
Во своето излагање Сталин рекол „дека прашањето за Пиринска Македонија и за западните покраини не може да се третира одделно“ (Цит. том. II, стр. 1270).
10. Решение на десеттиот пленум на ЦК на БРП(к) решава на Пиринска Македонија да и се додели културна автономија
Предлогот на Сталин БРП да и даде културна автономија на Пиринска Македонија зборува дека тој бил добро запознаен со македонските национални стремежи на пиринските Македонци, како и со нивната положба во Бугарија. Тоа се потврдува од неговата сугестија да се подигне националното сознание кај пиринските Македонци. Исто така Сталин добро бил запознаен и со негативните ставови на дел од бугарската политичка елита против правата на пиринските Македонци.
Со оваа аргументација во врвот на БКП во 1946 година и долги години по тоа, особено во времето на Тодор Живков ќе се манипулира како доказ дека во Пиринска Македонија нема Македонци, немало македонска свест, дека се тоа Бугари.
Бугарската партиска делегација на 8 јуни 1946 година се вратила во Софија, а два месеци подоцна на 9 и 10 август 1946 година бил одржан 10 проширен пленум на ЦК на БКП.
Во точка 2 од дневниот ред на Пленумот било поставено прашањето за Пиринска Македонија. Толку брзото поставување на ова прашање на дневен ред говори за тоа колку била голема важноста на средбата во Москва помеѓу бугарската делегација и Сталин.
Основен реферат на 10 проширен Пленум за правата на Македонците во Пиринска Македонија поднел Георги Димитров. Поентите во излагањето на Димитров се „дека основниот дел од македонскиот народ државно и национално е организиран во ФНРЈ како Македонска Народна Република. Врз база на таа Република треба да се обединат и другите делови на македонскиот народ и специјално на Македонците од сегашниот пирински крај врз основа на сојузен договор помеѓу Бугарија и Југославија“.
Решението што го предложил Димитров е во духот на сталиновата сугестија. Тој предложил во Великото народно собрание да се изберат пратеници од пиринскиот дел на Македонија кои ќе бидат кандидати на ОФ. Избраните пратеници треба да се организираат како македонска парламентарна група.
Во излагањето Димитров ја потенцирал потребата од практично прецизирање на задачите на оние што ќе се занимаваат со тоа прашање. Вели „Не е задоволен од тоа принципиелно да се признае дека Македонците се одделен народ, дена не се ниту Бугари, ниту Срби, дека се Македонци“ туку и практично треба да се работи во тој правец. Ќе треба да се работи за културно приопштување на народот во Пиринска Македонија со народот на Народна Република Македонија. Потребно е усвојување на македонскиот јазик и користење на македонската литература. Потребно е запознавање на Македонците од пиринскиот крај со историјата на македонскиот народ.“ (Цит. кн. стр. 1278)
Тој препорачува во духот на традицијата, традицоналната соработка на македонската имиграција во Бугарија со пиринските Македонци да се соработува со Македонската Народна Република во интерес на сите Јужни Словени.
По излагањето на Георги Димитров се развива дискусија. Во дебатата Организациониот секретар на Обласниот комитет во Горна Џумаја Ефтим Георгиев му се заблагодарил на Димитров по неговите искажувања по македонското прашање. Георгиев наведува дека Георги Димитров е првиот кој „пред Партијата толку јасно го поставил македонското прашање“ што треба да го спроведува Обласниот комитет во македонскиот крај во Пиринска Македонија. За тоа Георги Димитров ја задолжува целата партија во земјата.
Тој, Ефтим Георгиев го подвлекол излагањето на Георги Димитров затоа што често партиските раководители во Пиринска Македонија биле обвинувани дека ние долу им забиваме нож во грбот на ОФ по македонското прашање за приклучување на македонската област кон Федерална Македонија. Тоа вели Ефтим Георгиев создавало збрка. Ние во некоја рака бевме поставени меѓу чеканот и наковалната, помеѓу нашата партија од овде и другарите од Македонската Народна Република. Другарите од таму не обвинуваат дека саботираме, дека не работиме, а од овде не толчат од друга страна“. Со ова што го кажа другарот Димитров јасно е дека целата наша партија треба да се зафати со подигањето на националното сознание кај македонската имиграција и потребата од приклучувањето на пиринскиот крај кон македонската Република во федерална Југославија.
Ефтим Георгиев забележува дека Националниот комитет на ОФ исто така треба да го изнесе својот став по македонското прашање. „Тој до сега не го сторил тоа. А тоа практично ќе биде однос на Владата на ОФ што ќе биде задолжителен за сите.
Тој жали за недостатокот на поддршка на ЦК на БКП и поспецијално на Агитпроп. Дебатата на Ефтим Георгиев е добро обмислена. Формулирана е на начин кој не предизвикува отпор, но доволно аргументирано говори за негативниот однос на елитата на БКП кон македонското прашање. Остро било искажувањето на Ефтим Георгиев за тешката економска состојба во Пиринска Македонија во која освен за тутунот, немало никакви услови за друго производство. Треба да се каже дека мизерната економска положба во која се наоѓала Пиринска Македонија била обмислена и добро аргументирана тема на организациониот секретар на Обласниот комитет на БКП во Пиринска Македонија. (Цит. кн. БКП и Коминтерната, стр. 1281-1282).
Во дебатата учествувале околу 40 души. По дебатата на Проширениот пленум на ЦК на БКП по македонското прашање биле донесени соодветни заклучоци за политиката на партијата по него. 1. Во точка 1 која е најзначајна на Решението на Пленумот се вели: „БКП смета дека основниот дел на македонскиот народ се организирал државно и национално во рамките на Федерална Народна Република Југославија како Народна Република Македонија. Обединувањето на останатите делови на македонскиот народ треба да се изврши врз база на македонската република во Федерална Народна Република Југославија. 2. БКП смета дека приклучувањето на пиринскиот крај кон Народна Република Македонија пред се дело на самите Македонци, но е и општа задача на ОФ Бугарија и на ФНРЈ. 3. БКП смета за потребно да изјави дека во периодот на подготовките за приклучувањето на пиринскиот крај кон НР Македонија, треба систематски да се работи за културно зближување на македонскиот народ од овој крај со НР Македонија за афирмација на достоинството, но и на македонската Народна Република, македонскиот јазик, и македонската литература, запознавање со историјата на македонскиот народ предавана во училиштата во Македонија, да се олеснат граничните услови за поминување помеѓу Македонија (Југославија) и пиринскиот крај за широко меѓусебно дружење на македонскиот народ од едната и другата страна, и воопшто да се преземат многу други мерки во врска со културната автономија, кои ќе придонесат за националното самоосознавање на македонскиот народ и би го олеснило неговото обединување со основниот дел на македонскиот народ во Народна Република Македонија.

(Продължава в следващия брой)