Акад. Иван Катарџиев

ЕДНО ПАТУВАЊЕ ОД ПИРИН ВО СКОПЈЕ, ГЛАВЕН ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 1944-1989. ЧЕКОРЕЊЕ ВО ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ


Колку и како ваквите ставови на Влахов допирале до сознанието на политичката елита во Бугарија е прашање за дебата. Но нема сомневање дека ставовите на Влахов предизвикувале реакција во Бугарија. На пример, во писмо од Георги Димитров до Трајчо Костов од 1 декември 1944 година се вели: „Што се однесува до Влахов лично го предупредив Кардељ да го информира Тито и ЦК, Димитар Влахов да биде поставен во таква положба за да не може да им штети на нашите меѓусебни односи помеѓу бугарската и југословенската партија по македонското прашање“. (Цит. кн. стр. 1170).
Цитираниот одговор на Георги Димитров до Трајчо Костов како вели Димитров одговара на некои Костови прашања. Тоа значи дека ставовите што ги изнесувал Влахов во врска со македонското прашање во Софија биле сметани за штетни.
Инаку, два месеци подоцна во телеграма од 27 февруари 1945 година до ЦК на БКП од Москва Георги Димитров ќе сугерира „Да се поздрави националната рамноправност на Македонија во рамките на Федеративна Југославија. Не треба да се плашиме да изјавуваме дека нашата партија е решително за признавање на Македонците како одделна нација, за национално самоопределување на македонскиот народ“. (Цит. кн. стр. 477).
Во рамките на вжештената политичка атмосфера на Балканот каде во игра се барањата за промена на постоечките државни граници, ни малку не е случајна телеграмата на Министерството за надворешни работи на Англија во тоа време од 27 декември 1944 година до своите амбасадори во Москва и Вашингтон. Во тие телеграми се елаборира прашањето за преговорите помеѓу Бугарија и Југославија за создавањето на федерална држава. Во телеграмата се укажува на македонското прашање. За него во неа се вели: „во врска со Македонија Владата на неговото Величество се подготвува да настојува за создавањето на македонска држава како федерална единица на идната федерална Југославија. Тоа, меѓутоа треба упорно да се настојува таа држава или (Југословенската федерална влада која говори од нејзино време) да не анектира ниту да претендира за какви и да било територии, што им припаѓа на Бугарија или на Грција врз основа на аргументи дека тие територии се Македонија“. (Цит. кн. 1179)
Со тоа приклучувањето на Пиринска Македонија кон Федерална Македонија било решено. Во исто време тоа значело и крај на залагањата во Република Македонија за поход кон Солун.
Секако решителната реакција на Владата на Англија за промена на јужната југословенска граница на Македонија не ја суспендирала борбата за демократија, за правата на самоопределување, за културна автономија на Македонците во Пиринска и егејскиот дел на Македонија. Во однос на Пиринска Македонија во периодот на владеењето на комунизмот, тоа ќе стане едно од најтешките прашања во односите меѓу Југославија и Бугарија, а во исто време и во положбата на македонскиот народ во оваа област, во борбата за самоопределување и културна автономија.
Јасно е дека во текот на Антифашистичкото востание во Југославија и Бугарија прашањето за Македонија кон која од овие држави ќе биде приклучена било жешка тема. Сето тоа што до сега е речено говори за драматиката на тој проблем. И уште нешто, неговото решавање сепак ја овозможи културната автономија во Пиринска Македонија.
9. Сталин предлага Бугарија да и даде културната автономијана Пиринска Македонија

Денес повеќе е од јасно дека за отстранувањето на пречките од патот за развојот и афирмацијата на Македонците во Пиринска Македонија имал особено значење ставот на Јосиф Висарионович Сталин.
Колку тоа денес да изгледа чудно, но е факт. И што е најважно ние Македонците не можеме и не смееме да го поистоветуваме со злосторствата на Сталин и воопшто на комунизмот. Без оглед на тоа какви биле мотивите на Сталин да се вмеша во прашањето за признавањето на македонскиот национален индивидуалитет во Пиринска Македонија 1946 година, тој негов позитивен чекор од наша македонска гледна точка не може и не смее да е негира без оглед на политичките манипулации на прашањето за македонската национална самобитност дека сме комунистички производ. Сите оние што тоа го тврдат се трудат да ја негираат борбата на македонскиот народ за културна, политичка и национална самостојност. Не треба и не може да се заборави дека зад решението на Сталин, Бугарија да им даде културна автономија на пиринските Македонци во периодот меѓу двете светски војни 1919-1941 година, постои период на жестока борба за оформување на македонската самобитност. Само да потсетиме на некои од историските личности што зад себе оставија длабоки бразди во културната и револуционерна борба на македонскиот народ. Тоа се Јане Сандански, Никола Јонков Вапцаров, Антон Попов, Михаил Сматракалев и стотици знаени и незнаени жртви на македонските фашисти – михаиловисти кои живи ги фрлаа своите жртви на пиринските Македонци во јамите со негасена вар.
Но, во оваа борба не смее и не може да се игнорира ниту делото на приврзаниците на ВМРО(Обединета) во Пиринска Македонија, ниту пак на учесниците во антифашиостичката револуција од Пиринска Македонија. Овие последните, се додека не беа елиминирани од комунистичкиот режим во Бугарија, беа пионерите во остварувањето на политиката за културна автономија на Македонците во Пиринска Македонија како што се Ѓорѓе Ефтимов, Крсто Стојчев, Ефтим Ѓеоргиев.
Според тоа, сталиновата одлука на пиринските Македонци да им се даде културна автономија почиваше врз традициите на еден богат период од македонската историја.
И сега, како се случи Сталин да биде промотор на културната автономија во Пиринска Македонија. Пред историската наука постојат големи предизвици да се откријат се уште непознатите факти.
Тоа што за сега е познато, тоа е дека сталиновата сугестија на Македонците во Пиринска Македонија да им се даде културна автономија е тесно поврзана со името на Георги Димитров и решенијата на 10-тиот Пленум на ЦК на БКП од 6 и 7 август 1946 година.
Но пред да се говори за решенијата на овој Пленум, треба да се подвлечат историските настани на овој пленум коишто всушност го овозможија неговото одржување.
Имено, според она што до сега е објавено во архивската документација во книгата насловена „БКП, Коминтерната и македонското прашање. Том II, 1917-1946 година во издание на Главната управа на архивите при Министерскиот совет на Бугарија под наслов Архивите зборуваат, Софија 1999 година, составен од Цочо Биљарски и Ива Бурилкова на 5 јуни 1946 година била изведена „Незванична посета“ на делегацијата на ЦК на БКП составена од Георги Димитров, Васил Куларов и Трајчо Костов на 5 јуни 1946 година. Таа на 6 јуни се сретнала и разговарала со Сталин. Во разговорите со Сталин бил присутен и В. Молотов.
Од средбата е објавен прилично опширен записник. Записникот практично претставува излагањето на Сталин во разговорите за политичката ситуација во Бугарија и позициите на БКП како што ги оценувал Сталин. Меѓу бројните прашања за кои Сталин говорел се наоѓа и прашањето за положбата на Македонците во Пиринска Македонија. Во врска со тоа, тој рекол: „Треба да се даде културна автономија на Пиринска Македонија во рамките на Бугарија. Тито се покажа поеластичен од вас – можеби затоа што живее во многунационална држава и требаше да им даде рамноправност на народите.

(Продължава в следващия брой)