Акад. Иван Катарџиев

ЕДНО ПАТУВАЊЕ ОД ПИРИН ВО СКОПЈЕ, ГЛАВЕН ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 1944-1989. ЧЕКОРЕЊЕ ВО ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ


Реакцијата на Георги Димитров во врска со информацијата на Тито за приклучувањето на Македонија кон Бугарија би кажале била експресна. Тој на 16 април 1944 година во писмо до Сталин му ги изнел своите гледања за прашањата во врска со Титовото мислење за наведената информација. Во писмото до Сталин Георги Димитров се спротивставува на вклучувањето на Димитар Влахов и на Владимир Поптомов во Советот на АВНОЈ со аргументација дека и двајцата се членови на БКП и немаат никаква врска со Македонија. Бара без секакви дилеми тие да бидат повлечени од членови на Советот на АВНОЈ.
Во врска со односите на БКП спрема Македонија Димитров во своето писмо вели: а) Партијата е против насилното приклучување на Македонија кон Бугарија и против окупацијата на Македонија од бугарските и германските војски; б) БКП е за прекинување на секаква непријателска дејност против Југославија и Народноослободителната армија на Југославија и бара брзо повлекување на бугарскиот окупационен корпус од Југославија, со тоа до колку делови од тој корпус се наоѓаат на југословенска територија тие заедно со народноослободителната армија на Југославија треба да се борат против германскиот окупатор.
Во своето опширно писмо Димитров ќе ја повтори веќе позната политика на БКП во врска со Македонија. Тој упорно ќе се залага делови од бугарската окупаторска армија да останат, во Југославија не прецизирајќи во кој дел на земјата, но е повеќе од јасно дека се работи за Македонија. На таа позиција Димитров ќе опстојува се додека Сталин од него не побара целосно повлекување на бугарската армија од територијата на Југославија. Исто така, Димитров пред Сталин ќе се заложи дека иднината на Македонија може да се осигура само со братско усогласување помеѓу Бугарија и Југославија со почитување на волјата на македонското население!
„Димитров во своето писмо го повторува ставот дека до крајот на војната не е можно да се определи иднината на Македонија. Според него најдобро би било на Балканот да се создаде федерација на Јужните Словени составена од Бугари, Срби, Словенци, Црногорци и Македонци врз рамноправна основа. Во таа федерација Македонија би можела да добие своја национална слобода и државност и да не биде повеќе пречка за судири помеѓу балканските земји“. (Цит. кн. стр. 1102-1103).
Задграничното биро на ЦК на БКП и посебно Георги Димитров упорно ќе настојуваат на своите ставови во однос на решавањето на македонското прашање да ја добијат поддршката на раководството на СССР. Тоа се гледа од неговата белешка од 19 април 1944 година во која запишал дека писмото до Сталин го испратил и до Молотов. Исто така по тоа прашање разговарал и со Д. Мануилски. Мануилски не го поддржал барањето на Димитров за Македонија. Го известил дека советското раководство го информирало Тито оти за македонското прашање ќе се разговара кај нас. За неговото решавање по војната нашиот однос кон Југославија ќе биде најблагонаклонет. (Цит. кн. стр. 1105).
Три дена по разговорите со Мануилски, Димитров во своите белешки запишал дека се сретнал со Димитар Влахов, дека со него разговарал по македонското прашање и во детали го разјаснил.
Содржината од белешката за разговорот со Влахов е кратка, концизна и извонредно индикативна. Таа открива дека сите дилеми на раководството на ЗБ на ЦК на БКП за суштината на македонското прашање, а оттаму и реакцијата на ова раководство за решавање на македонскиот проблем како бугарски или како самостојно национално македонско прашање. Во своите белешки, што се однесуваат на овој проблем Димитров кратко запишал: „Македонска нација или македонско население (Бугари, Македонци, Словенци, Грци, Срби)?
Македонско национално сознание (каде и како се изразува)?
Дали Македонија може да постои одделно како држава?
Федерација на Јужните Словени (на Бугарите, Србите, Хрватите, Црногорците, Словенците и Македонците). (Подвлеченото е во оригиналот).
Во таа федерација Македонија може да добие своја слобода и државност независно од демографскиот конгломерат, кој таа претставува. (Цит. кн. стр. 1107).
Георги Димитров во тоа време, и не само тогаш уште не сметал дека постои македонско национално битие за кое разговарале со Влахов.
Дали разговорот со Влахов имал некакво влијание врз Димитров, поточно дали еволуирало неговото мислење во врска со битието на македонската нација во тоа време малку е веројатно. Информациите зборуваат дека бугарските комунисти ја поддржувале владата на Иван Багријанов во Македонија за задржување на делови од бугарската војска во неа. Објаснувајќи го својот став за тоа во писмо од 22 јули 1944 година до Сталин и копие до ЦК на БКП во Бугарија ги информирал бугарските комунисти дека „водејќи сметка за специфичноста на прашањето за Македонија и Тракија, за заразеноста на бугарското јавно мислење од пропагандата за „голема обединета Бугарија“ се согласил во Македонија и Тракија да останат бугарските гарнизони, но на населението да му се даде во тие области широка автономија и самоуправување.“! (Цит. кн. стр. 1108-1109).
Очигледно, раководните кругови на БКП во тоа време живееле со илузијата преку задржувањето на делови од бугарската војска на територијата на Македонија да си обезбедат позиција во решавањето за иднината на Македонија да бидат присутни и бугарски претставници.
Раководството на БКП во Бугарија во тоа време се уште ја потценувало НОВ на Македонија. Тоа не сфаќало дека во Македонија подготовките за свикувањето на Првото заседание на АСНОМ, за формулирањето на основните документи на македонската државност се во завршна фаза. Дека тие настани му даваат нов карактер на историскиот развој во овој дел на Балканот.
Се чини дека Димитров со време евалуирал во своите ставови за македонското прашање. Во писмо до Тито од 26 јули 1944 година тој се залага за меѓусебни преговори по тоа прашање, Георги Димитров вели дека не е за арбитрарно решавање на македонското прашање туку за неговото третирање како субјект. Јас, вели Димитров, не еден пат сум обрнал внимание на грешките, слабостите и недостатоците на нашите бугарски другари. Во врска со македонското прашање ги дадов следниве насоки: „1. Одлучно да се изјаснат против германско-бугарската окупација на Македонија. 2. Со сите сили да ја поддржат македонската политика за нова федерална Југославија, која на Македонците им даде рамноправност. 3. Да избегнуваме секакви спорови во врска со прекројувањето на идните граници на балканските држави.“ Во продолжение Димитров се залага за заедничка борба на народите на Југославија, Бугарија и Грција, заедно со Македонија како услов за правилно решавање на територијалните проблеми на Балканот со помош на Советскиот Сојуз. Во врска со тоа вели: „Јас сметам дека збор не може да стане за одземањето на југословенска Македонија од Југославија после огромните жртви што ги дадоа и продолжуваат да ги даваат народите на Југославија против заедничкиот непријател.“ (Цит. кн. Коминтернот и македонскиот вопрос 1917-1946, том, 2, стр. 1109).
Би можело да се каже ова писмо на Георги Димитров до Тито од 26 јули 1944 година претставува почеток на една сосема нова политика на БКП спрема решавањето на македонското прашање како самостојно македонско национално прашање на Балканот во рамките на федерална Југославија.

(Продължава в следващия брой)