Коментар

ЗА ДЕБАТИТЕ, БЛАТОТО И ДОГМАТИТЕ

Изв. проф. Стойко Стойков


Историската комисија меѓу Бугарија и Македонија според својот формат и целите кои едната страна отворено си ги поставува е антинаучна. Очигледен факт. Бугарската страна користејќи ја својата политички доминантна позиција се обидува да ја наметне својата национална идеологија формулирана во времето на Тодор Живков и да ја принуди Р Македонија да ја воведе бугарската национална митологија во своите училишта. Се знаеше однапред и се што се случи во изминатите месеци тоа го потврди. Затоа и скандалот беше и е неизбежен. Немам сепак намера во овој текст да ја коментирам работата на комисијата. Ме заинтересираа некои посвежи моменти во нешто што може и да се развие во дебата меѓу историчари од двете земји надвор и наспроти комисијата, нешто што многу одамна требаше да стане, но не стана….

Ги имам во предвид пред се (но не само) текстовите на д-р Љубица Спасковска „Сите нации се модерни конструкти”, објавена во respublica.edu.mk и mkd.mk на 1 август, одговорот на доцент Наум Кајчев, член на Комисијата, со наслов Дали сите нации се модерни конструкти? објавено на 24 август во mkd.mk, како и статијата на Стефан Дечев во порталот Култура, со наслов „Политическият македонизъм и българската политика към Македония“, објавена на 19 септември 2019. Еден македонски и двајца бугарски научници. Тие статии не им се познати на повеќето од читателите на „Народна волја“ на кои првенствено (но не само!) е наменет овој мој коментар.

Средниот век меѓу национализација и денационализација.

Текстот на колешката Спасковска заслужува сериозно внимание – таа елаборира нешто што на оние кои сериозно се бават со историја им е добро познато, меѓутоа истото останува надвор од вниманието како на образовните системи на Балканот, така и на љубителите на историјата овде, бојкотирано и дури саботирано до голема степен од историчарите-политичари и историчарите-националисти. Нациите се современи конструкти со неосновани претензии за древност; средновековната историја треба да се денационализира. Кајчев, познат националист и политички активист од круговите околу ВМРО БНД се почувствувал доволно погоден од текстот на Спасковска и нашол за неопходно да и одговори. И нема како да не го погоди. Имено таа, не се задржува само на општо-теоретски поставки, туку посочува, исто како и некои бугарски историчари, дека бугарските национални претензии спрема средновековната историја и обидите бугарската нација да се најде во вид на етнос во средниот век се меко кажано несериозни.

Спасковска кажува дека: „постоењето на „средновековен генеолошки идиом“ не значи дека постои логична, непроблематична врска помеѓу денешното поимање на нацијата и средновековието, како што посочуваат многу научници (на пример, Robert Bartlett, Sverrir Jakobsson). Имено, средновековните текстови често ги претставуваат само идеалите и менталитетот на многу мал дел од населението, односно владеачките елити. И во балканскиот контекст, средновековните држави се династички, почиваат на авторитетот на владетелот, но тие никако не се нации-држави. Американскиот професор Џон Ван Атверп Фајн оди и подалеку со тоа што тврди дека средновековието на Балканот не само што е пред-национална (pre-national) историска епоха, туку и пред-етничка (pre-ethnic). Како што посочува Пол Стивенсон во неговата студија Byzantium’s Balkan Frontier: A Political Study of the Northern Balkans, 900 – 1200, и покрај јазот кој постои помеѓу реториката и реалноста во византиските извори, не постојат индиции дека лојалноста кон локални владетели може да се толкува како некој тип повисока лојалност, а уште помалку како чувство на припадност кон некаков апстрактен ентитет како „нација“.

И тоа е сосема во согласност со изворите: во 14 в. управниците на бугарскиот цар се бореле или умирале според зачуваните поменици „за својот господар“, „за верата на својот господар“, „за Христовата вера“, не за Бугарија, ниту за бугарскиот народ, дури не и за бугарскиот цар….

Реакцијата на Кајчев на позицијата на Спасковска е како на секој националист-историчар: може сите нации да се модерни конструкти, освен мојата – мојата е древна, таа е природна, таа е етничка, а не политичка. Оваа песна ја пеат сите националисти-историчари. Забавно е да слушате од некои албански, босански и т.н. историчари, како се согласуваат дека сите останати балкански нации (во тој број и бугарската) се современи политички конструкти, но се разбира не и нивната.

Еластично име без постојана адреса

Кајчев како и повеќето бугарски историчари верува дека во средниот век постоел словенски бугарски етнос во Мизија Тракија и Македонија, каков што всушност воопшто не постоел. Ниту еден извор спротивно на верувањето на Кајчев нема забележано создавањето на таков народ во 9 – 10 в. Единствениот извор што го цитира тој (житието на св. Климент од Теофилакт Охридски) единствено покажува дека имено Византијците а не месното население во втората половина на 11 в. ги изедначуваат поимите „Бугари“ и „Словени“. Но за нив „Бугари“ и не е некоја етничка категорија. Самиот Теофилакт „Грк“ од Евбеја се декларира како Бугарин, а исто така многу јасно декларира дека за него „Бугари“ надвор од неговата архиепископија нема. Во тоа време во неа не влегуваат Тракија и најголемиот дел од Мизија. Т.е. во најголемиот дел од територијата на современа Бугарија според него нема „Бугари“. И не само според него. Во 11 и до пред крајот на 12 в. „Бугари“ во Мизија и Тракија не можат да се најдат. Ги има доста во цела денешна Србија, Косово, поголем дел од Албанија, Македонија и делови од Грција. Така мислат не само Теофилакт и други Ромеи од тоа време, но и крстоносците што поминуваат низ Балканот. Нема никаков релевантен доказ дека овие византиски „Вулгари“ самите себе си се именувале со тоа име. Нема и доказ дека луѓето во Тракија и Мизија во тој период себеси се нарекувале „Бугари“. Уште понепријатна е за бугарските националисти ситуацијата во 13 и 14 в., кога царевите и патријарсите на Второто бугарско царство ги третирале земјата и населението во Тракија и Македонија како „Грчка земја“ и „Грци“, додека според нив „сите Бугари“ живееле во Мизија, која и се јавува за нив „Бугарија“. Забуната и местењето на поимот во времето и просторот биле толку драстични и неспоиви што Никифор Грегора ќе заклучи дека „Бугарите“ прво живееле во Македонија, а потоа Василиј ги преселил во денешна северна Бугарија, додека името останало за Охридската архиепископија само како особен спомен.

Обидите преку комбинирање податоци од средновековни држави, институции и традиции кои го употребувале на различни начини поимот „Бугари“ да се конструира некаков единствен бугарски „етнос“ во средниот век и преку него да се создаде континуитет до денешен ден и до бугарската нација е класичен ретроспективен национализам за кој зборува и колешката Спасковска. Тоа што при своето појавување во 19 в. бугарскиот национализам избра едно славно историско име (како постапија и сите други балкански национализми) не значи дека креираната од него нација поради тоа има право врз појавите кои го носеле името Бугари(ја) во минатото и дека е поврзана со нив. Не многу повеќе од Ромите со Ромеите, Рим и Pax Romana. Нека сепак не забораваме дека првата бугарска држава на Балканот беше создадена од турко-монголски номадски народ (колку и да сакаат некои бугарски колеги да го направат ирански или арјијски) а втората од Власи и Кумани. Популации со кои современата бугарска нација нема скоро никаква врска.

Бугарските царства во средниот век биле имено тоа – царства, империи, кои се изградувале споредувајќи се со единствениот постоен урнек – Византија. Затоа се по дефиниција универзални, над-етнички и де факто мултиетнички држави. Имено таквите формации се именуваат со поимот Бугарија, а жителите потчинети на нејзиниот владетел во соодветниот момент – „Бугари“. Станува збор за политоним а не етноним. Политонимот Бугари во 10 – 14 в. не е повеќе етнички од политонимот Ромеи. Бугарските, ромејската како и други слични традиции се јавуваат општо историско наследство не само на Македонија, Бугарија и Грција, туку и на Србија, Романија, Албанија и т.н. Бугарскиот дел од комисијата се обидува тоа општо-балканско минато да го национализира (или да го искористам омилениот во Бугарија термин – да го украде), затоа и не е чудно што Кајчев реагира остро на повикот на Спасковска за денационализација на средновековната историја.

Во својот обид да ги оспори аргументите на Спасковска Кајчев игнорирал прости но убиствени за неговата теза факти како отсуство на етаблиран мит за потеклото на тој „бугарски народ“, отсуството дури и на сопствена пишана бугарска историја во средниот век, отсуството на „митомотор“, на елита пренесувач на наводна традиција, дури и на некакво единствено разбирање што е тоа „Бугари“ и Бугарија во средниот век.

Всушност овие моменти можат лесно да се забележат ако се обидеме да одговориме на две меѓусебно поврзани прашања а имено кои и што се „Бугарите“ според средновековните автори и какви луѓе сами себе си се нарекле Бугари. Второто прашање е полесно зашто луѓето кои директно или индиректно но доволно јасно се имаат наречено или асоциирано со овој поим се исклучително малку. Меѓу нив наоѓаме по еден „прабугарин“, “Грк“, “Ерменец“ и “Влав“. Словен не наоѓаме. Од друга страна ако провериме кои популации се именувани „Бугари“, ќе најдеме: „Епиротите наречени Бугари“, „Куманите наречени Бугари“, „Хуни наречени Бугари“, „словенските народи/Словените наречени Бугари“. Надвор од тоа „народите“ со кои се асоциирани „Бугарите“ во средниот век вклучуваат Авари, Котраги, Хазари. Што за етнос е тоа?! Притоа останува отворено прашањето колку воопшто таквите претстави постоеле надвор од соодветните малубројни елити, доколку биле трансферирани низ генерациите и доколку надворешното именување кореспондирало со сопственото. Треба дури да се потцрта дека во средниот век не може сосема коректно да се зборува во еднина за бугарска држава, царство, црква, традиција – зашто се во прашање повеќе такви, различни меѓу себе, некои од кои постоеле паралелно и меѓусебно се негирале, како што е случајот со архиепископите „на цела Бугарија“ наспроти патријарсите „на цела Бугарија“ и „на сите Бугари“.

Кајчев попусто наоѓа утеха во употребата од современи медиевисти на категории како Бугари, Срби, бугарски, српски и т.н. народ и сл. за во средниот век. Оставајќи настрана што во некои случаи тоа може да е инерција од литературата создадена во времето кога примордиализмот доминираше во науката, но во многу случаи тоа не е ништо повеќе од употреба во смисла на луѓето, народот на соодветната држава, а не етничко „тело“ со своја самосвест. Т.е. поново политоним. Исто така е важно да се каже што таквата употреба на современи етноними за во средниот век е критикувана во науката, затоа што ги воведува во заблуда читателите (како што очигледно е случај и со Кајчев) дека современите нации постоеле како народи во Средниот век. За тоа заслужува да се прочита коментарот по тоа прашање на John Fine во When ethnicity did not matter in the Balkans.

Не(с)биднатото заедништво

Кајчев не е медиевист и не е чудно што овие работи му се непознати. Но тој се обидува да пласира слични изветвени идеологеми и за поново време: „за времето пред Балканските војни, немаше дилема за сите европски дипломати дека мнозинството од словенското население во Македонија е бугарско по карактер. Да се бараат вакви извештаи за периодот пред 1913 година би било како да се бараат игли во куп сено, при што „иглите” би биле некаков показател за македонизам и куповите сено се за заедничкото име на христијанското словенско население на Македонија, Одринскиот вилает и на Кнежество Бугарија. Затоа што нашите заеднички преродбеници, како Димитар и Константин Миладиновци, Кузман Шапкарев и Григор Прличев, се всушност класични скорнувачи („awakeners“) кои веќе завршиле значителна работа во градењето на современата бугарска нација.“

Овде имаме и замена на тези и неточни тврдења. Од една страна се извештаите на дипломатите, за кои била важна политичката реалност и лојалност, а не политички ирелевантни сентименти кај населението, и затоа разбирливо ги третирале луѓето во Македонија во зависност од тоа под која пропаганда и национална институција се имаат најдено во одреден момент независно од постојаните промени во таа насока (види подолу). Меѓутоа тоа на некој начин се подменува со тврдењето дека овие извештаи се одраз на национална самосвест на населението, што пак било наводна последица од дејноста на одредени преродбеници. Сноп од невистини и полувистини. Ниту дејноста на овие преродбеници имала некаков сериозен ефект врз населението, ниту пак населението имало некаква општа и цврста бугарска (или друга) национална или етничка самосвест уште помалку „карактер“, а ниту извештаите на дипломатите се одраз на самосвеста на населението.

Дали „Бугари“ било навистина национално име за населението во Македонија во крајот на 19 .? Многу често – не. Какво било нивото на национална и конкретно на бугарска национална свест во Македонија? Ќе се повикам за тоа на бугарски авторитет и познавач на состојбите во Македонија како Атанас Шопов – главен секретар на егзархијата а подоцна бугарски конзул во Солун и запален бугарски националист, кого не можеме да го обвиниме во недостиг на желба да ги претстави и третира луѓето во Македонија како Бугари без разлика дали тие го сакаат тоа или не. Во 1881 г. тој ќе го нарече „факт“ тоа што „до пред последната Руско-Турска војна (т.е. до 1876 б. СС) кај македонските Бугари, скоро и отсуствуваше народносна самосвест и главна улога играше верата, која беше во исто време и народност за Македонците“.

Малку подоцна во 1885 г. веќе станат главен секретар на Егзархијата Атанас Шопов ќе изнесе серија значајни констатации: „Македонските Бугари во повеќето делови на Македонија се уште се во почетокот на својот национален развој, на својата самосвест“; „Поголем дел од Македонците спијат, не се грижат, немаат поим од народност и бугарштина”; водачите на населението во Македонија „кажуваат пред светот, дека во Македонија нема Бугари, дека македонското население не сака бугарски владици и т.н.; тие исти претставници се кои не дозволуваат да се отвораат бугарски училишта во селата, да се учат и молат на бугарски… викаат пред светот, дека во Македонија нема Бугари“; „Треба претходно да ги припремиме Бугарите, треба да родиме во нив народносна самосвесност („народностна самосъзнателност“)“

Шопов е убеден дека: „Ако денес владата (турската б. СС) преземе пописи на сите македонски епархии за да реши какви владици да испрати, грчки или бугарски, ние се плашиме, дека повеќето од македонските епархии ќе се најдат со грчко мнозинство или пак со мнозинство кое не сака да ја признава Егзархијата за свое духовно началство“; „… да предизвикаме конечно политичко решение на македонското прашање … е опасно зашто Македонија ќе потпадне под туѓо владеење. А штом тоа стане поголемиот дел од македонските Бугари за само неколку години ќе ја изгубат и без тоа слабата свест за својата народност“.

Но исто така и дека „Македонија пак ќе биде изгубена за нас, ако ние ја оставиме сама да се бори, сама да се буди и развива.“

20 години подоцна друг одличен познавач на состојбите на теренот – лорд Хенри Ноел Брејлсфорд ќе потврди: „Словените во европска Турција се уште немаат високо развиена национална свест, а и онаа малку што ја поседуваат, е скорешна.“ Тоа е после 20 години поплава од национални пропаганди чии училишта стигнале до неколку илјади! Тие очигледно останале прилично неефективни во национализирањето душите на луѓето во Македонија.

Констатациите на Шопов и Брејслфорд, двајца исклучително добро запознаени современици можат да се потврдат со планина од документи.

Но да ја оставиме таа планина и да ја разгледаме „купата сено“ со употреба на бугарско име за која зборува Кајчев. Наоѓаме две основни врсти од тоа сено. Прво – традиционална употреба на зборот Бугарин во некои делови на Македонија во смисла на селанец, спротивно на Грк – граѓанин. Да му дадам пак збор на Шопов, кој во книгата од своите патувања низ Македонија во 1887 и 1891 многу добро ја опишува таа употреба на зборот: „Смислата на зборовите Грк и граѓанин е еден и ист “; „Бугарин значело селанец. И денес уште во Битолско со зборот булгар разбираат селанец, па бил тој Турчин, Влав или Грк“. Тој наведува серија слични набљудувања од Мелчничко и Серско. Шопов не е единствен во таа констатација – од српска страна имаме слични набљудувања.

Тоа е народната употреба на зборот во Македонија и таа воопшто не била национална.

Потоа доаѓа конфесионалната и институционална – преку Егзархијата, која сите свои припадници по автоматизам ги третира како Бугари (во формуларите на оваа институција народноста е претходно напечатена како бугарска а не се впишува на рака). Меѓутоа во реалност припадноста кон Егзархијата обично нема ништо општо со националната свест на луѓето. Истиот Шопов тоа многу подробно го опишува во 1885: „многу и многу примери имаме, дека Бугарите во Македонија и Одринско се откажувале од грчкиот владика и признавале Егзархијата со само еден услов – дека нема да плаќаат ништо. Тоа е горчлив вистинит факт…“; „Имаме многу и многу примери кога Бугарите го бркале грчкиот учител и учителка поради единствената причина што им се предлага бесплатно бугарски. Пробајте меѓутоа да ги поканите сами да го издржуваат бугарскиот учител и ќе видите, дека ќе покажат спремност да го примат поново грчкиот зашто е без пари”.

Заради вклучувањето во Егзархијата што не било национално мотивирано луѓето биле третирани како Булгар милет, како што и оние кои останале под патријаршијата ги броеле за Рум милет, па соодветно или поточно несоодветно биле етикетирани како Бугари или Грци. Меѓутоа изборот меѓу едно од двете добра (или зла) не зависело од непостоечката кај мнозинството етничка самосвест. Селаните во сиромашка Македонија во неволјата на тешката економска криза оделе таму каде им предлагале подобри услови (бесплатно школо, учител, црква и т.н.). За тоа зборува и Брејслфорд – „Селата си ја менуваа приврзаноста од грчката кон бугарската црква двапати или трипати годишно.“ Овој однос ги доведува до очај Бугарите па тие во времето на Стефан Стамболов ги викале Македонците ќемидадешковци поради фразата „ќе ми дадеш пари ќе се чинам Бугарин“. Бугарски политичари и општественици од крајот на 19 в. (во тој ред и К’нчов) биле многу свесни дека треба да ја побугаруваат Македонија. Бугарскиот премиер Стоилов уште во 1883 г. ќе напише дека „се ќе зависи од тоа, кој ќе биде побрзо на местото и со кого ќе биде населението… А самото население во Македонија.. се разбира, дека е готово да отиде таму каде надежта за една поподнослива иднина му изгледа најблиска и најостварлива…“ Методите користени од бугарската а и од другите пропаганди вклучувале каде што е можно и закана и уцена и поткупување. Како што огорчено ќе констатира Петар Попарсов во 1894 г. „Егзархијата дава пари и купува ветер, зашто: народност со пари не се купува…“.

(Продължава в следващия брой)