Акад. Иван Катарџиев

ЕДНО ПАТУВАЊЕ ОД ПИРИН ВО СКОПЈЕ, ГЛАВЕН ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 1944-1989. ЧЕКОРЕЊЕ ВО ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ


Грижата на бугарското антифашистичко движење како да го обезбеди приклучувањето на Вардарска Македонија кон Бугарија, без оглед на успесите на НОВ и ПОМ во Македонија, особено доаѓа до израз во текот на 1944 година. Македонското прашање е речиси редовно во дневните редови на ЗБ на ЦК на БКП. Тоа е дело на настојувањата на ЗБ на ЦК на БКП да се најде решение „за националното обединување на бугарскиот народ во Македонија, Тракија и Добруџа“ (цит. книга стр. 1088). (подвлечено во оригиналот)
Во дебатата по тоа прашање објавено во наведените документи потполно се игнорира НОВ на Македонија во Вардарска Македонија во текот на 1944 година како и активноста на Президиумот на свикување на Првото заседание на АСНОМ. Многу не се водело сметка, ниту за решенијата на Второто заседание на АСНОМ од 29 ноември 1943 година, но треба да се каже дека во дискусијата на ЗБ на БКП во Москва доаѓале до израз и гледања кои не корелирале со основните тенденции да се промовира политика на БКП за приклучување на Македонија кон Бугарија.

8. Тито е против Македонија по војната да и се даде на Бугарија.

Постојат доволно елементи за претпоставка дека во ,,манифестот на главниот штаб на НОВ и партизанските одреди на Македонија до народот во Македонија” од месец октомври 1943 година предизвикал незадоволство во бугарското антифашистичко движење. Израз на тоа незадоволство е ,,Декларацијата на коалицијата на Отечествениот фронт на Бугарија” при крајот на месец декември 1943 година под наслов: ,,Декларација на Отечествениот фронт за македонското прашање”.
Причините за тоа се ставот во манифестот на Главниот штаб на НОВ и на партизанските одреди на Македонија како и на Президиумот на второто заседание на АВНОЈ во Јајце во точката во која Народна Република Југославија се конституира како федерална држава на рамноправни народи во чиј состав влегувала и Федерална Демократска Република Македонија. Од своја страна коалицијата на ОФ на Бугарија се објавува против ваквото решение на АВНОЈ. Таа едноставно очекува дека по војната, вардарскиот дел на Македонија ќе и биде препуштен на Бугарија. Тоа дали Вардарска Македонија ќе и припадне на Југославија или на Бугарија предизвикало остар политички судир помеѓу НОВ на Југославија и ОФ на Бугарија.
Во достапната архивска документација за тоа е изнесно мислење на Јосип Броз Тито за намерата на Бугарија Македонија да и биде препуштена на нејзе.
Додека манифестот на Главниот штаб и прогласот на Президиумот на второто заседание помеѓу се функционално поврзани во заеднички цели во борбата против фашистичките окупатори, декларацијата на ОФ е сосема спротивна на целите на НОВ на Македонија и Југославија. Во првите два документа се истакнува целта Вардарскиот дел на Македонија да се ослободи и во него да се формира држава на македонскиот народ во Федерална Југославија. Во трите документа постојат два предлога : Македонија да ја задржи постоечката територијална поделба направена од германските фашистички окупатори, а паралелно со овој предлог е поднесена и паролата ,,Македонија на Македонците” (?).
Постоечките информации даваат основа да се претпостави дека по објавувањето на овие три документа од почетокот на 1944 година, дошло до длабоки недоразбирања и судрувања помеѓу НОВ на Југославија и ОФ на Бугарија по прашањето за тоа кому по војната да му припадне Вардарскиот дел на Македонија – на Бугарија или на Југославија.
Потврда за тоа е ,,информацијата за мислењето на Јосип Броз Тито за приклучувањето на Македонија кон Бугарија” која е оценета како вонредно чудна.
Писмото со ваква информација Тито го добил на 13 април 1944 и Тито веднаш му го испратил на Георги Димитров. Тој на 15 април 1944 му го испратил на Васил Коларов.
Кој му го испратил на Тито писмото за приклучувањето на Македонија кон Бугарија не е познато, но претпоставка е дека тоа било испратено од Задграничното Биро на БРП(к), најверојатно за да го сондираат мислењето на Тито. По добиваањето на писмото, Тито изразил “чудење” што се гледа од неговата експлицитна реакција : ,,Горе постои неправилно мислење за македонското прашање.” Георги Димитров по добивањето на мислењето на Тито со опширен коментар за наведеното мислење му го испратил на Васил Коларов. Во своето писмо Тито поставил повеќе прашања на кои барал одговор од Димитров.
Откако било објавено решението на НОВ во Јајце на 29 ноември 1943 година за создавањето на Народна Федеративна Југославија во која била вклучена и Вардарска Македонија, бугарското антифашистичко движење силно се ангажирало Вардарска Македонија по ослободувањето од фашистичката окупација да се приклучи кон бугарската држава. Тоа што во Македонија од есента 1943 година и почетокот на 1944 се развивала интензивна македонска антифашистичка борба за создавање на македонска национална држава во рамката на идната југословенска федерација, не значело ништо. Едноставно бугарското антифашистичко движење тој настан не го земало во обзир. Во почетокот на 1944 година, Задграничното биро на БКП во Москва се занимава со идејата како да се обезбеди приклучувањето на Македонија кон Бугарија, т.е. да се обезбеди обединувањето на бугарскиот народ во Македонија, Тракија и Добруџа. (“Цит. документи во архивите говорат”, страна 1088).
Ваквата ориентација на Задграничното биро на БКП Димитар Влахов не ја поддржувал. Во рефератот чие што решение на Задграничното биро го напишал Влахов насловен ,,Македонското прашање во сегашниот момент”, тој инсистира дека е време БКП да ја подигне паролата за самоопределување на македонскиот народ, за автономија на Македонија, за нејзиното обединување. (Цит. книга, страна 1099).
Сеедно, Задграничното биро не отстапувало од својот став дека е Македонија бугарска земја. Тој став ќе доведе до заострување на односите помеѓу двете партии во текот на 1944 година.
Според она што е познато, Задграничното биро на БКП со својот став за приклучувањето на Македонија кон Бугарија го запознал и Тито. На 13 април 1944 година Тито писмено го запознал своето мислење по ова прашање Георги Димитров. Тој писмото што го добил од Тито му го пратил на Васил Коларов.
Тито во своето писмо реагирал во 9 точки против бугарското барање за приклучувањето на Вардарска Македонија кон Бугарија.
Во првата точка се вели; „Приклучување на Македонија кон Бугарија не може да се направи без дејствувањето и помошта на Советскиот Сојуз. Само со активноста и помошта на Советскиот Сојуз може да биде можно обединувањето на Македонија со Бугарија“.
Во втората точка стои: „Југословенскиот народ таквото присоединување би го дочекал со незадоволство. Три години војувал за своето ослободување, загуби еден милион луѓе, а како финале на својата борба би настапило раскинувањето на Југославија. Притоа, еден нејзин значаен дел, како Македонија би бил приклучен кон таа држава (Бугарија) БМ која во сите 3 години војува на страна на фашистите против Југославија. Како последица на таа политика КП на Југославија би претрпела целосен пораз. Приклучувањето на Македонија кон Бугарија би било искористено од кралот, од владата во Каиро, од сите големосрпски елементи итн. Реакцијата би славела. Не е јасно што ќе стане со Хрватска и Словенија.
Во третата точка се прашува, кој се јавува како потпора на Советскиот Сојуз во Европа, Бугарија или Југославија. Одговорот е Југославија. И тоа не значи дека територијата на Југославија е понаселена и поголема од Бугарија, туку затоа што народите на Југославија повеќе од 3 години се борат со окупаторите, поднесоа големи жртви и се стекнаа со симпатии на целиот свет и Советскиот Сојуз…“ (Цит. книга стр. 1000-1101).
Во продолжение се наведени многу значајни аспекти за предноста на Југославија пред Бугарија. Дотакнато е прашањето на границите меѓу државите и актуелните односи меѓу комунистите во врска со тоа прашање во Европа и воопшто.

(Продължава в следващия брой)