Дали може да има друго место за еден Македонец освен Македонија?

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ Е МАКЕДОНЕЦ И ЗА ТОА НЕМА ПАЗАРЕЊЕ

Д-Р Бранислав Светозаревиќ Покорни


ЗА ИСТОРИСКАТА НАУКА НЕМА ДИЛЕМИ

Она што со сигурност е јасно како ден е дека целокупното револуционерно дело на Гоце Делчев е поврзано со борбата за ослободување на Македонија, а за Бугарија не го помрднал ниту малото прсте. Напротив, бил еден од најжестоките противници на бугарското мешање во Македонија. И на крајот на краиштата, каков е тој Бугарин кога не сакал, ниту пак неговите соборци од илинденската организација, неговите коски да се закопаат во Бугарија, туку, како што пишува на неговата урна, „во столицата на независна Македонија“, тврди Бранислав Светозаревиќ Покорни, доктор по историски науки
Киро Кипроски
Претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојков Борисов, неодамна упати порака, која многумина ја протолкуваа и како ултиматум и притисок врз заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија до октомври годинава да го реши прашањето за Гоце Делчев или, со други зборови, Македонија да прифати дека тој бил Бугарин.
Очекувано, ваквата изјава предизвика лавина реакции на социјалните мрежи, но и меѓу експертската јавност. Во оваа пригода, сепак, го издвојуваме мислењето на Бранислав Светозаревиќ Покорни, доктор по историски науки, кој во континуитет го проучува пред, за и по илинденскиот период.
Неговиот став како историчар по ова мошне значајно прашање за македонската држава е кристално чист и јасен и гласи дека Гоце Делчев е Македонец, тоа прашање одамна е затворено и за тоа нема пазарење.
– Македонската историска наука детално ги истражила животот и делото на македонскиот великан. Сите досегашни сознанија укажуваат на тоа дека Гоце Делчев никогаш експлицитно не се изјаснил за Бугарин. Бугарските политичари и некои историчари се обидуваат да го претстават како Бугарин повикувајќи се на тогашниот милет-систем со кој Исламската Империја не признавала нации и народи туку припадници на верски заедници. Така, националното будење на Турците е многу подоцна од народите што биле раја во рамките на таа голема империја, која се простирала на делови од три континенти. Турското национално движење добива свои сериозни форми дури со Младотурската револуција. Зошто бугарските политичари не зборуваат во јавноста дека во првата половина на 19 век самите бугарски преродбеници се изјаснувале дека се срамеле од своето бугарско потекло? Сите што живееле во бугарските градови и биле верници, во единствената признаена од османските власти на тие простори грчка патријаршија се изјаснувале дека се Грци, а истите тие граѓани селаните ги нарекувале Бугари, но како социјална категорија што е сиромашна, проста и неписмена. Називот Вулгари го наметнале Грците, со кој ги нарекувале сите словени од Македонија, Бугарија, Србија и Босна – појаснува Бранислав Светозаревиќ Покорни, ексклузивно за „Нова Македонија“.
Борбата на Македонците за обнова на Охридската архиепископија и борбата на Бугарите за обнова на егзархијата во втората половина на 19 век завршиле со признавање на Бугарската егзархија во 1871 година, и тоа со огромен притисок врз Портата и исто толкава поддршка од царска Русија. Поголемиот дел Македонци, избирајќи меѓу две постојни цркви, се приклониле кон онаа каде што молитвите се изведувале на словенски, многу поразбирлив јазик од грчкиот. Но со тоа не престанала борбата за обнова на Охридската архиепископија. Така, во истата 1871 година, кога е формирана Бугарската егзархија, познатиот бугарски преродбеник Петко Рачов Славејков му пишува на бугарскиот егзарх за големата опасност за појавата на македонистите, кои за себе сметале дека не се Бугари, дека немаат татарско потекло, дека се потомци на Александар и Филип и дека се голема опасност за бугарската кауза. Истото тоа го потврдува по три години и во неговиот весник „Македонија“.
– Некои Македонци, како оние на Кукуш, вклучувајќи го и семејството на Гоце Делчев, преминале во унијати. Тоа што подоцна учи во егзархиско училиште и бугарско средно воено училиште не може да биде доказ дека бил Бугарин. Во 2017 година на заедничкиот симпозиум на македонската и бугарската академија им поставив прашање на бугарските академици, што ако докажеме со документи дека првиот претседател на Хрватска, Фрањо Туѓман, завршил југословенска воена школа, дека бил југословенски генерал и дека дал свечена писмена заклетва дека ќе ја брани Југославија? Дали тоа значи дека Фрањо Туѓман не е Хрват. Тоа се небулози. Впрочем, навистина е несериозно да разговараме за интимните чувства на луѓето пред 120 и повеќе години – дообјаснува историчарот Светозаревиќ.
Она што со сигурност е јасно како ден, според историчарот Светозаревиќ, е дека целокупното револуционерно дело на Гоце Делчев е поврзано со борбата за ослободување на Македонија, а за Бугарија не го помрднал ниту малото прсте.
– Делчев, напротив, бил еден од најжестоките противници за бугарско мешање во Македонија. За тоа постојат многу докази. Гоце е најопеаниот македонски јунак од македонскиот народ, а народот никогаш не греши. И на крајот на краиштата, каков е тој Бугарин кога не сакал, ниту пак неговите соборци од илинденската организација, неговите коски да се закопаат во Бугарија, туку, како што пишува на неговата урна, „во столицата на независна Македонија“ – заклучува историчарот Бранислав Светозаревиќ Покорни.
За него ова што се случува со настапот на официјалните политичари и историчари на соседна Бугарија е несвојствено за демократскиот свет. За него политичкиот притисок и уцена во историската наука и образованието на друга земја-кандидат за ЕУ, од преседанот со Грција, за жал прераснуваат во правило што го продолжува Бугарија, како балкански модел на европското проширување. Иако ова се случува пред очите на ЕУ, таа покажува немоќ со тоа што толерира и се солидаризира со балкански методи на негирање од две нејзини членки во кои се анулирани основните човекови права за слобода на национално изразување на малцинствата во тие држави, со несогледливи последици за основните постулати во кои се крепи идејата на Европската Унија.
Последната закана од нашиот источен сосед, за Светозаревиќ нималку не е наивна. Нашето „признавање“ дека Гоце Делчев бил Бугарин не е само симболика со која „стануваме свесни“ дека таткото на нашата нација е Бугарин, туку таквото признавање има многу поширок контекст. Со таквиот понижувачки чин, на целокупната македонска историска наука ѝ се забива нож во грбот и се погребува сѐ што создала по пат на научни истражувања на сите нејзини генерации, се отвора голема врата на најголемата антимакедонска теза дека Македонците се измислен народ, кој постои од 1944 година. Нашиот соговорник е категоричен дека доколку со ваквото наше признание тие си ги оправдаат нивните негаторски политики и доктрини, тоа е неспоредливо помалку важно од последиците за Македонците, не само во Бугарија и Грција туку и на Македонците во Македонија и во целиот свет.
– Македонската и светската наука недвосмислено докажале дека борбата за национална афирмација на македонскиот народ има свои корени од 19 век и таа во своите развојни етапи по ништо битно не се разликува од истите процеси кај соседните народи на Балканот. Кај сите нив повеќе или помалку и порано или подоцна било развиено само чувството за верска припадност во рамките на Османлиската Империја. А припадноста на некакви народи претставувала тенка нишка кај сите нив, низ која се провлекуваат некакви далечни сеќавања, во кои провејуваат имињата на средновековните или античките држави со некои познати владетели или јунаци што повторно ги бранеле христијаните од муслиманите. Во документите во Хабсбуршката Монархија, Царството Русија, Ватикан, Венеција и други центри се самооткривале дека се Грци, Срби, Бугари, Македонци, Албанци, Власи итн. – поентира Светозаревиќ.
Тој посебно како многу значајни за македонската кауза ги цени документите во Османлиската Империја, кои не ги разграничуваат овие народносни поими, од едноставна причина што тие чувства како кај масите на потчинетите христијани така и кај владејачките муслимани Турци не постоеле, па затоа ние денес немаме право, во нивно поединечно име, да им припишуваме национални ознаки, особено не за нивна национална припадност каква што се подразбира во 20 и 21 век.
Впрочем, националните ознаки како што ни се денес познати, во тоа време имале сосема различно значење за неуките поробени христијански маси и повеќе, таквите поими имале социјален верски или територијален предзнак. Така на пример во почетокот на 19 век поимот Грк значел православен, писмен, граѓанин, поимот вулгарос Грците го употребувале за неуките, неписмените, простите, Словените на Балканот, селаните итн.
Со други зборови, Грците како Бугари ги нарекувале сите православни Словени на Балканот. Во тој период поимот Грк за голем дел од Балканот значел трговец итн.
Бугарскиот академик А.Т. Балан во 1904 година за националното чувство кај Бугарите кон крајот на 19 век меѓу другото ќе напише дека до ослободувањето на Бугарите, на прашањето што се по народност, обичните Бугари одговарале дека се христијани или раја, а тоа се случувало дури и во почетокот на 20 век. Според Балан, поимот за народноста уште не му станал нова придобивка на разумот, па, така, во турско време бугарскиот селанец ги означувал Бугарите од градовите со зборот Грк, а граѓанската носија ја нарекувал грчка носија, а бидејќи „Грците го титулираа секој селанец за дебелоглав Бугарин, неговиот брат од градот љубел да се нарекува Елин“. Според овој бугарски академик, името Бугарин било познато и во Бугарија до степен што го допирал туѓ презир. Според тоа, денешната злоупотреба на фактот дека поголемиот дел на македонското население во 19 век не бил свесен за својата национална определба, а притоа низ истото тоа поминале и другите народи, во најмала рака е несериозно за интелектуалци во 21 век.
Но во исто време интелектуалната елита на Бугарија била свесна и се борела против националното будење на Македонците, особено од 70-тите години на 19 век.
Така, големиот бугарски преродбеник Петко Р. Славејков уште во 1867 година се жали во весникот „Македонија“: „Двајца од македонските ученици во нашето народно училиште овде составуваат еден нов буквар на македонско наречје“. Славејков во 1871 година ќе напише: „Најпосле македонското прашање излезе на јаве. Ние велиме најпосле, зашто тоа прашање не е нова работа. Ние сме го слушале уште пред десетина години од некои од Македонија“. Славејков вели дека тие идеи биле несериозно сфатени и додава:,,Така и мислевме до пред една-две години, кога нови разговори со некои Македонци ни покажаа дека работата не е само голи зборови, ами мисла што мнозина сакаат да ја спроведат во животот.“ Дека на Македонецот му биле далечни бугарските ханови потврдува и Славејков, кој во истиот напис од 1871 година напишал: „Многупати сме слушнале од македонистите дека тие не биле Бугари, ами Македонци, потомци на древните Македонци…“
Во 1874 година напишал дека како и пред дваесетина години, значи на средината на 19 век, во разговор со некои македонски „сепаратисти“, сфатил дека ова движење „сега е јасна прецизирана мисла: Македонците не се Бугари“.
Всушност, 150-годишното негирање на Македонците е најголем доказ на нивното постоење

По Славејков, се редат и други и бугарски интелектуалци што го констатирале истото и се обидуваат со сите можни методи да го негираат постоењето на Македонците како посебен народ.
– Тоа ме мотивира и мене во 2017 година на бугарските академици на симпозиумот во Битола да им го кажам следното: Доколку овие документи докажуваат дека и пред 150 години Бугарија ги негирала Македонците, се наметнува заклучокот ако 150 години некого негираш тој и тоа како постои. Значи 150-годишното негирање на Македонците, всушност, е најголем доказ на нивното постоење – вели Светозаревиќ.
Иван Шишманов, бугарски министер за образование, академик, историчар, политичар, фолклорист во 1903 година, поучен од бугарското искуство и познавање на Македонците и нивните намери, особено за внатрешната револуционерна организација во Македонија, на францускиот новинар Гастон Рутие му го изјавил следното: „По десет години, ако Македонија стане автономна, таму нема да постојат ниту Бугари ниту Срби ниту Грци, ќе постојат само Македонци.“
Според тоа, јасна е денешната политика на Балканот кон Македонија, заклучува д-р Бранислав Светозаревиќ Покорни, доктор на историски науки.