Став

МОЖЕЛ ЛИ ГОЦЕ ДА СЕ ДЕКЛАРИРА КАКО МАКЕДОНЕЦ?

(Преземено од „Нова Македонија“)


Ако денес, по 150 години, Македонците во Бугарија, членка на ЕУ, се уште не можат да се декларираат како такви, како можел да го стори тоа Делчев тогаш? Ние не постоиме за Софија. Ако сега се изјаснат како Македонци, луѓето бргу ги губат работните места. Така се врши присилната асимилација. Како било во времето на Делчев, ценете сами.
Од времето на Гоце, во Бугарија постојано се прогонувани, апсени, малтретирани, та и убивани илјадници Македонци. Националното чувство било доволна вина за страшен, нецивилизациски погром. Ова се општо познати факти, без потреба да се докажуваат. Ако некој, сепак, не верува (Захариева, на пример) нека го прелиста весникот „Народна волја“, кој излегува во Благоевград, и ќе најде несфатливи трагични човекови судбини, жртви на вековната злосторничка бугарска политика кон Македонците.
Софија мавта дека Гоце Делчев се декларирал како Бугарин, а не кажува дали можел да се декларира како Македонец без да биде прогонуван? А, не можел. Впрочем, како изгледа, бугарската држава и го убила бидејќи тој никогаш и никаде не се залагал за Бугарија, туку се борел за својата Македонија. Доказите дека бил Македонец се безбројни, а меѓу нив е и неговата внука, која го тврди тоа. Може ли таа да не знае што бил? Крајно жалосно е, пак, што Пендаровски го нагласува фактот како се декларирал Гоце, без да истакне дека секогаш бил и останал – Македонец. Вазалната позиција во која е доведена земјава продолжува, на непресметлива штета на македонизмот. Со ваква политика, алот ни е во калот како народ. Не смееме да кажеме на кој јазик зборуваат Македонците во Грција!
Во исти услови како Гоце живееле, работеле и студирале и Македонците во Србија, по Балканските војни. Секаде се воделе како Срби, со променети презимиња, а така морале и да се декларираат. Татко ми студирал во Белград како Николиќ. Немал друг избор, а бил и останал – Македонец. А дедо ми, Ицо Попе, кога Србите правеле попис, го прашале – националност? Македонец, одговорил. Нема такво нешто, му одвратиле.
На тие што ги следат работите, а не мора да се историчари, јасно им е зошто Бугарија и досега го водела Гоце како Бугарин, а сега сака по секоја цена да го потврди тоа. Практично, Македонија е под окупација, како што некој точно процени. Сe ни се менува: името на државата, личните карти, пасошите, регистарските таблички… сe до Уставот, а националните институции се обезличуваат… Исто ни се случува како и со презимињата во српско. Сe до ослободувањето на земјата, така ќе биде. Во тој контекст, комисиите предвидени во договорите со Бугарија и со Грција треба максимално да ги избришат политичката, историската и културната меморија на македонскиот народ. Постепено, со текот на времето, тој да остане како некаква словенска аморфна маса со која лесно ќе се манипулира. Некој маестрално напиша дека тие имаат задача да ја поделат оставината на македонизмот, кој умира. Гоце е симболот преку кој Софија докажуваше дека ние сме „Бугари“, а сега доби историска шанса да го потврди недокажливото и невозможното. Ако прифатат дека Гоце е Македонец, а немаат никаков издржан и несоборлив аргумент да го негираат тоа, историскиот синдром за Македонците им паѓа во вода. Софија неочекувано заглави, нема избор. Се открија нивните срамни, нецивилизациски и фашистички политики кон Македонците. Ако прифати, како што го стори тоа нивниот великан Ѓорѓи Димитров, дека Гоце бил и останал Македонец, сите „карти“ околу нашата „бугарштина“, им паѓаат во вода. Добро е што сите лаги на крајот излегуваат на виделина.
Нервозата што ја манифестира Софија ја открива долгата и тешка болест на општеството во однос на Македонија. Трагични историски грешки направија во двете светски војни, ставајќи се на страна на фашистите, со единствена цел да ја добијат Македонија како плен. Не успеаја ама очигледно лекциите не ги научија. А дали има Македонци во Бугарија, не мора да одат далеку за да се уверат. Нека прочитаат за разговорот меѓу Крсте Црвенковски и Тодор Живков, чинам во 1967 година, кој сега е достапен. Живков искрено му рекол: „Како можам да ги признаам Македонците кога такви се речиси половината членови на Политбирото“!?
Неоспорен факт е дека голем број Македонци й служеле посветено и верно на Бугарија, заборавајќи и/ли игнорирајќи ја својата национална припадност, ама тоа е друга приказна. Мнозина биле во врвовите на бугарската политика (Љапчев, Радев…), што зборува само за нивните квалитети. Како се чувствувале тие национално било нивно право. Некој има напишано дека Македонците биле многу успешни во Бугарија бидејќи биле интелектуално надмоќни, што секако е индивидуална оцена.
Сепак, да не бидеме наивни. Оваа невидена жестина и агресивност на Софија не е резултат (само!) на нивните историски синдроми. Ова што се случува со Македонија по распадот на Југославија, сите овие триесетина години, вклучувајќи ја и оваа епизода, е дел од американско сценарио за македонско разнебитување. Во прашање се нивните интереси. Оспорувањето на уставното и историско име во никој случај не беше грчка политика. Тоа беше само повод за анулирање на народот според кого и самата држава беше крстена. Вашингтон е менаџер на целиот проект, а сите други се статисти. Рафалите од Софија не се можни без тамошна согласност. Послушна како и секогаш во историјата, Софија се залета и заглави. Назад немаат и тоа е нашиот главен предизвик. Очекуваа полесно да нѐ скршат ама се излажаа. Нивната непопустливост ќе биде жестока и во таа насока мора да се подготвиме. Ако, пак, прифатиме дека Гоце не бил Македонец, тогаш дефинитивно ќе бидеме измислица на Тито.
….
Потврди за овие тези има доста. Решението околу Гоце ќе биде клучен индикатор до каде сме стигнале или колку сме разнебитени. Нема сомнеж дека нови кнедли ќе се голтаат.
Наивните сметаат, а вазалите тврдат дека со договорите со Бугарија и со Грција, кои се капитулантски, ги решивме вековните проблеми со овие две земји. Вистината е сосема поинаква. Ние само признавме и прифативме дека вината и одговорноста за нивните негирања дека постоиме како народ и отворените аспирации кон земјава – се наши. Со тоа, само ја отворивме „Пандорината“ кутија и ништо повеќе. Во следните години, нашите рани постојано и обилно ќе крвават додека не пресушат, кога ќе нe снема бидејќи нашите соседи, поттикнати од нашата небулозност веќе го бараат и невозможното (Гоце). Досега, бранејќи ги сопствените универзални интереси, не бевме инфериорни кон соседите. Сега сме. И, логично, ќе бидеме изложени на ниски удари од сите страни. Најстрашните и најсуровите – следуваат.
Којзнае по кој пат, пак ние сме на потег.