Акад. Иван Катарџиев

ЕДНО ПАТУВАЊЕ ОД ПИРИН ВО СКОПЈЕ, ГЛАВЕН ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 1944-1989. ЧЕКОРЕЊЕ ВО ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ


Покрај тоа, за потребите од создавање на кадри што ќе предаваат македонски јазик и македонска национална историја, Министерството за просвета на НР Македонија во месец април 1947 година донело Уредба за отворање на 6-месечен курс за учители од Пиринска Македонија. Курсот со работа за обучувањето на овие учители почнал во месец февруари 1948 година. Го посетувале 45 души од Петричка околија, 31 од Неврокопска, 28 од св. Врачка, 27 од Разлошка и 21 од Горно Џумајска или вкупно 152 учители (цитирано според Васил Јотевски, Националната афирмација на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија 1944-1948. ИНИ, Скопје, 1996, стр. 97). Во средните училишта во НР Македонија биле запишани 148 ученици. Во исто време со стипендија на НР Македонија на Универзитетот во Скопје студирале 143 студенти. Во сите пет града во Пиринска Македонија биле отворени продавници на македонски книги, распространување на весникот „Нова Македонија“ и др. весници. Последната страница на весникот „Пиринско дело“ била печатена на македонски јазик. (Архив на МАНУ, Фонд Иван Катарџиев, Архивска единица Македонска мањина у Бугарској и Грчкој, стр. 24 и 25.).
За ширењето на македонската култура, за јакнењето и афирмацијата на културната автономија на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, особено е значајно отворањето, на 7 ноември 1947 година, на Обласниот македонски театар во Горна Џумаја. Самото отворање било проследено со добро обмислена програма. При отворањето говорел претседателот на Обласниот комитет на ОФ Ѓорѓи Мадолев. Тој во својот говор меѓу другото ќе рекол: „Целиот пирински крај на Македонија постигнува една голема културна победа – отворање на Обласниот македонски народен театар којшто никогаш порано не сме го имале и за којшто не можевме дури ни да мечтаеме“.
За судбината на Македонското национално ослободително движење, периодот на војната од 1941 до 1945 година е извонредно сложен. Тоа е крајно контроверзна положба, израз на внатрешната и меѓународната положба на НОБ на македонскиот народ, како и на противречностите помеѓу антифашистичките движења на Балканот, особено помеѓу тоа на народите на Југославија и Бугарското антифашистичко движење. Во центарот на тие противречности лежи во интересите на бугарското антифашистичко движење кон територијата на Македонија и стремежите на македонскиот народ за национално ослободување и своја македонска национална држава. Поради тоа, еден синтетичен преглед на развојот на тие односи во периодот 1941-1944 година е повеќе од потребен за успесите на НОВ во Македонија. При тоа особено внимание предизвикува политиката на Советскиот сојуз и лично на Сталин кон прашањето на НОВ во Македонија и неговото согледување како дел на НОВ од Југославија. Во тој период политиката на антифашистичката коалиција водена од Отечествениот фронт во Бугарија, под раководството на БКП, решавањето на македонското прашање не го разликува од државната политика на фашистичката влада. Нејзина цел е да го наметне своето влијание врз македонското народно ослободително движење, да го стави под своја контрола и да го впрегне во интерес на своите аспирации.
Во случајот БКП ги игнорира програмските интереси на НОВ на Македонија за нејзиното ослободување и за создавањето на слободна и независна македонска држава. Својата политика ја градела врз основната определба дека Македонците се Бугари и дека Македонија е бугарска земја и дека сега е прилика Бугарија да ги оствари своите национални цели: обединувањето на Бугарите на Балканот во единствена бугарска држава. Остварувањето на овие цели БПК ќе се обиде да ги постигне со помошта на Советскиот Сојуз. Таа ќе побара од КПЈ иднината на Македонија да се реши со помошта на СССР. Тоа значи, во исто време дека во центарот на кризата меѓу двете антифашистички движења се јавува НОВ на македонскиот народ и неговите стремежи. Тоа БКП и бугарската политичка јавност никако не можат да ги прифатат успесите и афирмацијата на НОВ во Вардарска Македонија функционално поврзана со настаните во Пиринскиот дел на Македонија, особено по 2 август 1944 година на културна автономија.
Како резултат на успесите на НОВ на Вардарска Македонија во месец октомври 1943 година Главниот штаб на НОВ и ПОМ на Македонија објави Манифест до македонскиот народ и народностите во Македонија во кои ги дефинираше основните цели на својата борба: „Ослободувањето на Македонија, соединувањето на Македонија, сојуз на Југословенските народи, полно единство на македонскиот народ“. (Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, Том II, Универзитет „Кирил и Методиј“ , 1981 година, стр. 406-411).
На 29 ноември 1943 година е објавено решението на Антифашистичкиот совет на Југославија (АВНОЈ) што се одржа во Јајце, Босна. Со ова решение на АВНОЈ се удрени темелите на новата држава на народите на Југославија создадена врз основите на федерализмот. Македонија со ова решение е прогласена за рамноправна членка на федерацијата на народите на Југославија.
Фактички, со Манифестот на главниот штаб на НОВ на Македонија и решението на АВНОЈ, македонското прашање добива самостојно решение што одговараше на интересите на македонскиот народ. Со тоа е ставена брана на аспирациите на соседите на македонскиот народ и кон територијата на Македонија.
Бугарското антифашистичко движење на коалицијата ОФ предводена од БКП во духот на политичката доктрина на Комунистичката партија на Бугарија за националната припадност на македонскиот народ, веднаш по објавувањето на решението на АВНОЈ за создавањето на Федерална Македонија при крајот на месец декември 1943 година објавува своја „Декларација за македонското прашање“. Програмските цели на Коалицијата ОФ за Македонија изнесени во наведената декларација се сосема противречни на целите на Манифестот на НОВ на Македонија и ПОМ на Југославија како што се наведени во решението на АВНОЈ за македонското прашање. Во Манифестот на НОВ на Македонија и во решението на АВНОЈ иднината на Македонија чини дел од решавањето на југословенското прашање. Во Декларацијата на ОФ иднината на Македонија е условена од крајот на Втората светска војна.
Всушност, БКП изразува сомнеж во решението на АВНОЈ за создавањето на демократската заедница на народните на Југославија и смета дека остварувањето на тоа решение ќе зависи од политиката на Англија во поддржување на интересите на кралска Југославија. Стоејќи тврдо на позиција дека Македонците се Бугари, а Македонија бугарска земја, создава своја теорија како што веќе истакнавме, дека е сега време да се реши македонското прашање во духот на бугарските гледања. Иако бугарската декларација е прилично конфузна, според предлозите што ги прокламира, таа е потполно во склад со прокламирањето на политиката на БКП. Ја промовира одново старата парола „Македонија на Македонците“, и се изјаснува за задржување на постоечките граници на окупирана Македонија создадени од фашистичката окупација, а во исто време се залага за „целосна слободна и независна Македонија“. Прокламира парола за слобода на Македонија, но и за братска слога на Бугарија со балканските народи. (Види БКП и Коминтерната, стр. 1083-1085).
Во моментот кога НОВ на Македонија го конституира Иницијативниот одбор за свикувањето на Првото заседание на АСНОМ, за фундирање на основните документи на новата македонска држава на 16 декември 1943 година, била одржана седница на Задграничното биро на ЦК на БКП. Според записникот бр. 8 од седницата на Задграничното било на ЦК на БКП било предложено: „На ослободената територија во Југославија да се создадат времени бугарски комитети на ОФ, Васил Коларов да напише статија за националното прашање на Балканот по новосоздадената положба после решението на Југословенскиот народно¬ослободителен совет во Јајце.

(Продължава в следващия брой)