Акад. Иван Катарџиев

ЕДНО ПАТУВАЊЕ ОД ПИРИН ВО СКОПЈЕ, ГЛАВЕН ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 1944-1989. ЧЕКОРЕЊЕ ВО ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ


Тогаш и уште долго потоа, посебно ме интересираше положбата на моето семејство во св. Врач, како и положбата во младинската организација во градот која практично јас ја создавав.
Нашето доаѓање од Пиринска Македонија да студираме во Народна Република Македонија на Универзитетот на основање во Скопје беше врз основа на решенијата на 10 Пленум на ЦК на БРП(к) од месец август 1946 година. Тоа не беше само практична реализација на политичките решенија на Пленумот. Тоа беше настан од историско значење за развојот на македонската култура. Тоа беше отворање нова страница во историјата на македонскиот народ. Во случајот постоеше одредена симболика. Во првата АСНОМ-ска македонска држава се отвора Првиот македонски универзитет во кој за првпат наставата, пред идните македонски академски граѓани, се одржуваа на македонски јазик. Само по себе тоа беше почетокот на една долготрајна и макотрпна борба во животот на македонскиот народ. Пред него стоеше задача да излезе на крај со аспирациите на некои соседни балкански држави да раководат со судбината на македонскиот народ. Тоа во исто време беше почетокот на развојот на македонскиот народ како нов културно-историски субјект кој со сите сили си го крчеше патот на својата културна и национална самостојност. Погледнато од тој аспект запишувањето на првите 20 студенти од Пиринска Македонија на Универзитетот во Скопје треба да се гледа во функција на правото и правдата македонскиот народ на овие простори да живее како признат и прифатен субјект. Тогаш на тоа ние така гледавме. Меѓутоа историјата брзо ќе покаже дека нашето доаѓање во Скопје да студираме на Македонскиот универзитет на македонски јазик се совпаѓало со процесот на рециклирање на минатото кое живо и жилаво секогаш постоело на овие балкански простори.
Во тој поглед свое место имаат и првите генерации на средношколци од Пиринска Македонија и од средината на македонската емиграција во Бугарија кои во учебната 1946-47 година се запишаа во образовните институции во Народна Република Македонија за да го оформат своето образование во македонската држава на македонски јазик. Некои од нив по завршувањето на образованието останаа да работат во институциите на државата. Таа состојба е одразена и во писмото на претседателот на владата на НР Македонија Лазар Колишевски од 6 септември 1947 година до Министерството за Надворешни работи на Југославија во Белград, Во писмото се вели дека Народна Република Македонија во 1946 година доделила околу 200 стипендии на студенти од Пиринска Македонија и од редовите на македонската емиграција во Бугаирја. Потоа во писмото се информира сојузната влада дека Владата на Република Македонија примила голем број молби на средношколци од Пиринска Македонија и од македонската емиграција во Бугарија за доделување на стипендии за учење во оваа учебна година.
Во продолжение на писмото се вели дека доделувањето на стипендиите на овие баратели би било од големо полза за македонската. Меѓу младите во Пиринска Македонија и емиграцијата постоел голем интерес за запишување во нашите средни стручни училишта и тоа : во средното медицинско училиште, во земјоделско (агрономско) и други средни училишта како и за запишување на факултет. Во Македонија немало доволен број на ученици што би учеле во тие училишта. Некои од кандидатите за завршување на овие средни училишта изразувале желба по оформувањето на своето стручно образование да останат да работат во републиката.
Во писмото дополнително се информира дека во чистење на каналот во село Моноспитово во Струмичко, ова лето работеле 110 младинци од Пиринска Македонија за кои Владата имала намера да ги задржи за да работат во републиката. Се моли Министерството за Надворешни Работи на Југославија за да нема недоразбирања со желбите на македонската влада да ја информира владата на Народна Република Македонија и да ја замоли да го прифати ова барање на македонската влада.
Писмото е потпишано од претседалот на владата на НР Македонија Лазар Колишевски.(Државен архив на Република Македонија. Архив на Јосип Броз Тито. Документи за Македонија (1944-1953), писмо број 43, страна 342-343)
Но и покрај сите негирања и подметнувања што во тоа време и попосле се манифестираа, не можат да го избришат тој факт ниту пак да се откорнат неговите корени. Повеќе од јасно е, дека за создавањето на оваа нова историја не можеме и не смееме да ги негираме улогите на Федерална Југославија на Јосип Броз Тито, ниту пак на Народна Република Бугарија на Георги Димитров. Тие го поддржаа овој наш македонски марш. Се разбира, процесот за кој зборуваме е тесно поврзан со промените што на Балканот се случија по победата на антифашистичката коалиција во Европа во 1945 година. Но, овие промени автоматски, само по себе, не ги отстранија сите пречки што стоеја на патот на националното самоосвестување на македонскиот народ воопшто и особено во Пиринска Македонија. И тоа што е значајно и што не треба да се заборава дека тие пречки токму поради државната политика на Бугарија во тој период, не го стопираа овој процес, напротив му помогнаа да ги совлада.
Така кога зимата 1946 година ние малата група средношколци патувавме кон Скопје, на студии, во Пиринска Македонија интензивно се развиваше еден културно-национален процес за оформување и утврдување на македонската самосвест. Зад тој процес стоеше декларацијата на Владата на ОФ Бугарија од 17 октомври 1946 година и уште поконкретно решенијата на Пленумот на ЦК на БРП(к) од август 1946 година.
Решенијата на Августовскиот пленум на БРП(к) предизвикаа остра реакција од страна на опозицијата предводена од Крсто Пастухов, Никола Петков, Коста Лулчев и др. и доведоа до колебање на еден дел од политичките сили во Комунистичката партија на Бугарија.
Опозицијата во Бугарија наметна тешка пропагандна борба. Таа ја обвини Бугарската комунистичка партија дека со политичките решенија на овој Пленум, дел од територијата на Бугарија, Пиринскиот дел на Македонија, и го предава на Југославија. Во оваа тешка политичко-пропагандна битка во Бугарија големо значење имаше политичката волја на владејачките комунисти на дело да го потпомогнат процесот за утврдување на македонското национално сознание на Македонците во Пиринска Македонија како и во редовите на македонската емиграција во Бугарија.
Прецизно речено со решенијата на 10 пленум од август 1946 година БРП(к) направи голем исчекор напред. Со него ослободи широк простор за обновување и зацврстување на македонската национална свест во Пиринска Македонија. Без секакви дилеми може да се каже дека ова решение на БРП(к) е едно од најкрупните дела на прогресивната бугарска политичка мисла. Врз неа силен печат остави името и делото на Георги Димитров. Не случајно, тој период тогаш во пропагандата и историјата прогресивните сили го нарекоа Димитровски период. Во тој период ЦК на БРП(к) дефинитивно и без секакви задршки го призна постоењето на македонската нација, на македонската држава создадена на Првото заседание на АСНОМ, како и правото за обединување на македонскиот народ врз база на Македонската Народна Република во Југославија.
Со решенијата на десеттиот пленум од август 1946 година БРП(к) и бугарската држава во Пиринска Македонија презеде повеќе практични мерки, во прв ред во образованието и културата, за практична реализација на донесените решенија.
Првите 20 студенти од Пиринска Македонија да студираат на Универзитетот во Скопје. Наредната 1947 година во месец август, Бугарското народно собрание донесе специјален закон според кој во образовните институции во Пиринска Македонија како редовни предмети се воведуваат македонскиот литературен јазик и македонската национална историја. Исто така Министерството за образование на Бугарија со писмо испратено до Министерството за образование на НР Македонија побара да испрати 100 учители кои добро го познаваат македонскиот литературен јазик што ќе изведуваат настава на македонски јазик во училиштата во Пиринска Македонија. Врз основа на ова барање, Министерството за образование на НР Македонија во учебната 1947-48 година испратило 93 учители (според искажувањето на компетентни луѓе во Бугарија бројот на македонските учители изнесувал 91, но има и информации дека тој број бил 101 учител.

(Продължава в следващия брой)