Пишува: Блаже Миневски

КАКОВ ЧОВЕК БИЛ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ?


Според спомените на современиците
Гоце беше најмекиот, најразбран, најуважен соговорник за сите, за секого посебно. Седеше на миндер, крснозе, или на стол во аголот, а околу него млади бунтовни луѓе, запишал во своите спомени охриѓанецот Климент Шапкарев, син на Кузман Шапкарев, близок другар и соборец на Гоце Делчев
Според спомените на неговите современици, Гоце Делчев бил човек што ги пленел луѓето со својата преданост, добрина, искреност и срдечност: „Секогаш почнува прв со разговорот, а ти го гледаш и се вљубуваш во гласот. И гласот те допира право во душата, во најнежните струни. Те прашува како си со една блискост, со едно сочувство што те тера да веруваш дека тој веќе сѐ ти видел во душата и се возбудува заедно и еднакво со тебе…“, пишува Климент Шапкарев во спомените. Според Димо Хаџи Димов, пак, Гоце најмногу се вознемирувал од предавство, велејќи дека „развратници се тие што се служат со презрени и осудени од нас предавници и блудници, кои, згора на тоа, ги прогласуваат за претставници на кнезот и рускиот цар“. Војводата Михаил Герџиков, верен другар и долгогодишен соборец на Гоце, запишал дека никогаш не го видел својот другар толку тажен и загрижен како дента кога заминал за Македонија во обид да го спречи предвременото кревање на Илинденското востание. Пред да замине го прегрнал и, со солза во окото, му рекол на Герџиков: „Ако се случи нешто со мене, ако ме убијат, има две нешта за кои милеам – татковината и Јанка. Чувај ги и двете. Ако некогаш, подоцна, се родат некакви чувства меѓу тебе и Јанка, бидете благословени.“

Пушел со цигарлак на кој пишувало „Кукуш“
По средбата со Герџиков, значи само неколку месеци подоцна, на 4 мај 1903 година, Гоце бил убиен во Баница, а имал само 31 година. Каков човек бил големиот македонски револуционер и национален херој, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век? Во продолжение на спомените за него, Климент Шапкарев, син на Кузман Шапкарев, пишува: „Ќе го сретнеш Гоце на улица, а тој мило те кани да му се придружиш. Влегувате заедно, на пример, во кафеаната ’Македонија’, седнува тој, а те поканува да седнеш и ти. Порачува кафе, тешко-слатко, синџирлија, две кафиња во еден филџан, а те понудува да порачаш и ти нешто. Ги собира во џебот манастирските бројаници на кои виси железно распетие на Исус и вади цигари; става една во цигарлакот, систем д-р Кох со стакленце внатре, а однадвор пишува ’Кукуш’. Те нуди и тебе со цигара. Почнува прв со разговорот, а ти го гледаш и се занесуваш во гласот. И те допира тој глас право во душата, на најнежните струни. Те прашува како си со една блискост, со едно сочувство што те тера да веруваш дека тој сѐ ти видел во душата и се вознемирува и возбудува заедно и еднакво со тебе. И ти ќе отвориш срце, не може да не му се довериш, да не му се исповедаш и за нешта што си ги криел самиот од себеси. И ќе те распраша за блиските и за останатите, како тој заедно со тебе да преживува сѐ што кажуваш. Всушност неусетно самиот си ја отвораш душата, и се чудиш како се случило тоа, а гледаш дека и тој учествува, се возбудува, се растреперува од твоите преживувања почисто и појасно отколку ти. Те зема во душата и по неколку минути тој управува со твоите чувства, со твоите немири, со твоите лични премрежиња.“
Во својот детален опис на средбите со Гоце, Климент Шапкарев ги опишува човечките квалитети на Делчев, неговиот однос кон луѓето, довербата што ја уживал во народот: „Посакуваш да не се разделиш од него, со него да останеш со часови, но на масата доаѓа друг, па Гоце го поканува и него, и го прашува: ’Се среди ли работата, се смири ли?’ Ќе дојде трет. Ќе го покани и него и ќе го праша:’ Го виде ли Чучков? Доаѓа ли во Батенберг?’ Доаѓа четврти, но Гоце веќе станува, треба да замине, па му вели: ’Дојди вечер во градината на Браќа Миладинови!’ Стануваме сите, а некако не ни се разделува, чувствуваме дека се разделуваме со многу близок човек, поточно со најблизок човек. Се свртуваме да го видиме уште еднаш. По вечерата седиме одново во бавчата на гостилницата ’Браќа Миладинови’. Пиеме пиво, слушаме музика, се шегуваме, раскажуваме доживувања. И Гоце раскажува некои случки од детството во Кукуш, од ученичките денови во Солунската гимназија. Подоцна доаѓаат Диме, Трајче, Чучков и други што не ги познаваме. Расправаат за бавчите кај Солунското пристаниште, за музиката таму и за бавчите кај Пиргите и кај Беш Чинар, а Гоце дофрлува: ’Само не го заборавајте и затворот Беас куле!’ И пак се смееме, се шегуваме, а некои момчиња постојано доаѓаат кај Гоце за да му кажат дека нешто е готово, дека нешто завршиле, а тој ќе кимне со главата, ќе им каже ’добро’, и тие ќе заминат. Друг доаѓа и кажува дека дошле Калифарски и Икономов, а Гоце му кажува да пренесе ’да чекаат утре во Кнежево’. Стануваме да си одиме. Тргнуваме кон станот, а по пат нѐ стигнува друго момче и вели: ’Гоце, јас сакам да дојдам со тебе во Македонија!’ А Гоце му вели: ’Добро, оди кај Чучков во хотел Батемберг, кажи му дека јас сум те пратил.’ И момчето со трчање се губи во темнината. Утредента го сретнуваме истото момче на улица, брза, лета. Го прашувам што брза толку, а тој ми вели: ’Брзам во Дупница, кај дедо Кољо Малешевски’, и трча, ветрот не го стигнува. Со Гоце многупати сме спиеле во иста соба. Ќе си легнеме, а јас сакам да му свртам внимание на безбедноста, но Гоце разбира пред да му кажам: ’Нека видат, нека знаат дека сум како сите луѓе. Јадам, пијам, пушам, зборувам, се смеам, се шегувам, грешам, се вознемирувам, сакам да слушам музика и сѐ друго, како секој човек. Да не мислат дека јас и другарите сме некакви надлуѓе. Да видат дека секој може да биде како мене, како нас, треба само да сака.’“

„Смислата на животот не е да јадеш, да живуркаш и да умреш!“
Гоце бил бистар, кристален горски извор од кој бликала љубов за секој човек: „Тој беше постојано срдечен, јасен, отворен, пишува Шапкарев. Никогаш не глумеше, никогаш не позираше, не се фалеше. Само еднаш се фотографира со чета, но и тогаш во последниот ред и со големи молби и навалување на другарите. А имаше секакви луѓе, некои од збор не се разбираа, иако Гоце и кон нив секогаш се однесуваше со почит, со љубов сакаше да им објасни сѐ што не им беше јасно. Еднаш на некакво собрание избил спор со некојси Саракинов, и Саракинов му удрил плаканица на Гоце пред сите. Мислам дека ако тоа му се случеше, Сарафов би го застрелал веднаш. А што направи Гоце? Ништо. Тој продолжи да го сака Саракинов, сожалувајќи го што нема волја да се воздржи, и нема ум за да разбере дека ништо со тоа нема да се реши, а за тоа е криво семејството, нема од мајка си всадено чувство што ќе му ја заузда грубоста. А Гоце имаше религиозен култ кон мајка си. Гоце ја обожаваше мајка си Султана. Тој веруваше дека мајката е посредник меѓу божеството и човекот, и дека таа зема честички од божеството и ги става во градите на рожбата. Бездруго токму нејзе тој ѝ ја должеше нежноста на своето срце. Гоце беше најмекиот, најразбран, најуважен соговорник за сите, за секого посебно. Седеше на миндер, крснозе, или на стол во аголот, а околу него млади, бунтовни луѓе:’И јас можев да останам на должност, на работам и да ги тркалам деновите еден по еден, да го тргам животот, да веднам шија, да теглам и да робувам. Но читав доста и научив дека тоа е бесмислица и дека не е за мене таков живот. Во училиштето копнеев за човечка љубов, за слобода, пред сѐ, а неа нигде кај нас не ја гледав, не можев да ја најдам. Смислата на животот не ја гледам во тоа да јадеш, да живуркаш и да умреш. Тоа е како да не си се ни родил. Барав во книгите, барав во минатото, во животот на другите, многу барав и најпосле видов место каде што човекот може да најде слобода за себе, да биде безгранично слободен – а тоа е… во висините, кај орлите! Таму човек се чувствува како нив, го дише целиот воздух, живее независен од никого… Сепак, тоа не е слобода за човек; тоа е слобода за орел. Сфатив дека за да дадам смисла на животот мора да слезам од орловите висини долу, на земјата, во селото, каде што има несреќни, буквално несреќни, а добри наши браќа што гинат и гнијат не само во една неволја туку во тешко ропство. Да одам кај нив, да ги прегрнам во душата, да ги стоплам со љубов нивните смрзнати срца, да им кажам да не се караат, да не се лутат, да не си пакостат самите на себе. Да се сакаат и да не одат пред турски судови туку сами, братски да ги решаваат споровите. Да не им робуваат на беговите. А за тоа треба не само да се заколниме дека ќе умреме, тоа е лесно, туку да се заколниме дека ќе живееме и целиот живот ќе го дадеме за тоа свето дело, за слободата на народот.“
Во записите на Шапкарев има сведоштво и за тоа кога Гоце дозволувал да доведат кај него и осудени грешници: „Со својот питом поглед како да ја потресуваше душата на грешникот, како да ја прашуваше што згрешила. Ќе ја најде растреперената струна на слабата човечка природа и ќе рече: ’Ти простувам!’ Грешникот ќе се расплаче, ќе се обиде да му ја бакне раката, а Гоце му вели дека ќе треба да изврши ’ризичен подвиг за да видат селаните дека имаш во градите нешто добро, човечко, па кога ќе го видат тоа, ќе ти простат и ќе заживеат со тебе, ќе те прифатат како човек’. Понекогаш се прашувам дали ако за време на Француската револуција бил во Париз, дали би бил на барикадите? Да, се разбира. Во првите редови. Гоцевата душа мечтаеше за слобода и за безгранична љубов меѓу луѓето. Гоце во душата носеше големо знаме – знамето на апсолутна слобода, на безгранична љубов, но со пушка на грбот, се разбира. Слободата никој не ја дава за џабе, велеше. Слободата мора да се освои.“

Неговите идеали се идеали на сите Македонци!
Во спомените на Димо Хаџи Димов пишува дека Гоце е „единствен меѓу водачите на македонското ослободително дело што се издигна над сите како по своите револуционерни сфаќања, така и по својата практична работа за делото на организацијата со која засекогаш го сврза своето име“. Исто така, тој е најпопуларниот македонски револуционер, а тоа не се должи на она што е напишано за него по смртта од негови случајни соработници, кои сакале да се рекламираат главно себеси, туку на една континуирана дејност, упорна и распространета низ целата македонска територија: „Кога острите и продолжителни болки од тешката стомачна болест од која страдаше ќе го принудеа малку подолго да престојува во Бугарија, за него немаше помили собеседници во секое време и во секој случај од тогашните социјалисти, и воопшто луѓето што минуваа за радикални меѓу таканаречените реални националисти и политичари во Бугарија и Македонија. Всушност тој не пропушташе да земе лично учество ниту во еден работнички митинг, ниту на една работничка манифестација, трудејќи се да праќа во внатрешноста колку што е можно поголемо количество социјалистички, анархистички и други револуционерни брошури на кои гледаше речиси како на пушките и патроните што се внесуваа во Македонија“, пишува Хаџи Димов во своите спомени за Гоце Делчев. Мошне значајно е тоа што по разговорот Гоце им дозволил заедно со него, значи и со негов потпис, јавно да ја публикуваат следната, кратка, но значајна декларација: ’Комитетот (се мисли на Врховниот н.з.) во Бугарија ви кажува дека ние сме убијци, разбојници, па дури и развратници… Нас на ум не ни паѓа да се оправдуваме пред бугарското општество; ние сме силно убедени дека не е Врховниот комитет тој што ќе ја пишува историјата на револуционерното движење во Македонија… Ние не сме развратници! Развратници се тие што се служат со презрени и осудени од нас предавници и блудници, кои тука ги прогласуваат за претставници на кнезот и рускиот цар. Тоа е нашиот одговор. Ние не мислиме за Бугарија, но ќе ја чуваме Македонија. Немојте и вие да мислите на Македонија, но чувајте си ја Бугарија!’ Таа декларација беше објавена, а Гоце беше потпишан под неа заедно со нас“, завршува Димо Хаџи Димов.
И спомените на Димитар Влахов потврдуваат дека Гоце говорел убедливо и ги пленел слушателите со својата добрина, искреност и преданост: „Во својата револуционерна дејност Гоце се раководеше од една мисла: ’Македонскиот народ да биде организиран и вооружен за да може во одлучувачки момент како еден да се крене на востание, да ја собори тиранијата и да се ослободи.’ Како непријатели на Македонија Гоце не ги гледаше само турските султани и паши, не само европските дипломати и империјалисти, не само балканските окупатори и монарси, особено бугарските власти и дворецот, кои секогаш ги искористуваа страдањата на македонскиот народ за свои државнички и династички цели, туку непријатели на македонското ослободително движење тој гледаше и во Македонците што им служеа на бугарските влади и на дворот. Затоа, за него, како за ретко кој може слободно да се каже дека падна за слободата на македонскиот народ и за остварувањето на политичката автономија на Македонија. Гоце беше човекот што со голем хероизам го штитеше македонскиот народ, а неговите идеали се идеали на сите Македонци…“

Разделбата со свршеницата Јанка Каневче
По божиќните празници, пред крајот на 1902 година, пред да замине повторно во Македонија, Гоце доаѓа на проштална вечера кај својата свршеница, учителката Јустинијана, Јанка Каневче, Охриѓанка што со семејството живеела во Софија. Истата ноќ Гоце се сретнува и со својот драг пријател и соборец Михаил Герџиков, кој, упорно, на секој начин, се обидува да го убеди да го одложи своето заминување во Македонија. Според неговите спомени, Гоце не сакал ни да разговара за одложување на патувањето; бил многу растревожен и потиштен од одлуката токму таа пролет да се крене општонародно востание во Македонија. На Герџиков му признал дека ќе стори сѐ да се одложи востанието, затоа што народот не е вооружен и не е подготвен за такво нешто. Во такви услови, тоа нема да биде востание туку кланица.
Михаил Герџинов, неговиот верен другар и соборец, подоцна ќе запише дека никогаш не го видел Гоце толку тажен и загрижен. Свршеницата на Гоце, Јанка Каневче за неговата смрт на 4 мај 1903 година во селото Баница дознава неколку дена подоцна. Следните неколку години таа ќе ги помине во црнина. Пет година подоцна, ’откако се родиле чувства меѓу нив’, Михаил Герџиков ѝ предлага брак. Следната година им се раѓа ќерката Магда. Војводата Михаил Герџиков останал со својата сопруга Јанка, свршеницата на Гоце, до нејзината смрт во 1920 година.

Според војводата Пандо Кљашев
Луѓето без збор ги извршуваа одлуките на Делчев!

„Делчев се зафати да ги исправи работите, и тоа прво во Кономлади. Таму имаше подметнувања, крадење, блуд. Селаните од ова село беа добри само во едно: беа храбри и подготвени да помогнат. Делчев детално ги испитуваше сите пороци во селото – кражбите, блудничењето… Целото село разбра дека дошол најголемиот човек, началникот на организацијата. „Поголем од него нема“. Делчев ги викна селаните што имаа проблеми, кои сакаа да се пожалат за нешто и на некого, да дојдат кај него. Тогаш првпат се постави начелото судските работи да се решаваат во раководното тело, а на селаните им се забрани да одат во турските судници. Делчев во мое присуство и во присуство на Марко, на Чакаларов, Москов, Стефо Кузов и на Георги Пешков, тогашен битолски раководител – спроведуваше испитувања, донесуваше пресуди, кои четата потоа ги реализираше. Делчев беше дојден само со еден другар, Иван Манолев, а четата на Марко имаше 13 души. Луѓето без збор ги извршуваа одлуките на Делчев. Брзо се одлучуваше – најголемото дело за еден час…“,забележал во своите спомени војводата Пандо Кљашев.
Фотографија за Михаил Герџиков со своерачна посвета на Гоце
На задната страна од фотографијата има две посвети на Гоце Делчев. Првата е за Михаил Герџиков: „На Михаил Герџиков, најдобриот мој пријател и единствен другар по судбина“. Втората посвета со потпис на Гоце е за семејството Герџикови: „На семејството на Иван Герџиков, да ги помни и да не ги заборави пријателските и братски врски со Мишел. Пловдив, 21 април 1902 г., Гоце“. Во долниот дел на фотографијата има текст со потпис на Јанка Каневчева. Тој текст е допишан подоцна, во времето кога Јанка веќе е мажена за Михаил Герџиков, значи најверојатно по 1907 година. Текстот со потпис на Јанка е во најдолниот дел од задната страна на фотографија: „Убиен во борба кај с. Баница (Серско) на 21 април 1903 г.“